Мароје Мрдуљаш за себе вели дека е архитект, критичар, историчар на архитектура и филммеикер во последните десет години. Роден е во Риека, живее и работи во Загреб. Со своите предавања, статии, изложби и книги ја промовира и модерната и современата архитектура.
Интервјуирал некои од најпознатите архитекти на денешницата. Бил главен уредник на архитектонското списание Орис. Коавтор е на книгата Modernism In-Between. Mediatory Architectures of Socialist Yugoslavia (со В. Кулиќ и В. Талер, 2012), и уредник на книгата Современа хрватска архитектура. Тестирање на реалноста (2007), Дизајн и независна култура (со Д. Видовиќ, 2010), Fiume Fantastika (со В. Мимица и И. Турат, 2022 година, одвоено хрватско и англиско издание).
Широката публика го знае по телевизискиот серијал за архитектура „Бетонски спавачи“. Неодамна на ХРТ завршено е прикажувањето на третата сезона од серијалот. Предавач е на Архитектонскиот факултет во Загреб.
Дали е возбудливо да се биде филммеикер?
Да, иако попрво би се нарекол филмски работник. Кога го открив тој медиум, ми се отвори еден цел нов свет, еден поинаков поглед на размислувањето за архитектурата. Како критичар, па донекаде и како практичар, држиш дистанца. Поаѓаш од позиција на апстракција, од идеална ситуација, од концепт и просторна замисла… Кога снимаш филм, тогаш си на терен, во реална ситуација. Работиш нешто слично на она што технички се нарекува Post Occupancy Evaluation, иако со различни мотиви. Во многу директен, субјективен и емотивен контакт си со луѓе кои секојдневно користат архитектура. И сфаќаш кои се конкретните ефекти на архитектурата.
Обично изостанува повратна информација. Не нужно од инвеститорот кој нарачува куќа, туку од корисниците кои по сила на околности 10, 20 или 50 години по завршувањето на проектот населиле некој простор, научиле нешто од него, го засакале, го замразеле… почнале да го уништуваат… или макотрпно да го бранат и одржуваат… Значи, цел спектар на различни реакции и различни околности. Тоа е кога гледаш од перспектива од долу нагоре. Уште поважно, политичката перспектива станува многу поизострена кога ќе тргнеш на терен и кога ќе ги контекстуализираш работите во актуелен општествен момент.
Серијата истражува напуштени и трошни згради од 20 век, со исклучителна архитектонска вредност
Алехандро Аравена исто така ми кажа дека ќе правел филмови, ако не е архитект.
Тоа е интересна можност (се смее). Нему толку добро му тргна со архитектурата, што немаше потреба да се занимава со филм. Јас имав доволно слободно време. Бидејќи не се давав целосно во ништо, професионално да ме проголтаат, секогаш имаше периоди кои можеа да бидат исполнети со некои поинакви или нови активности. Немаш проекти кои ве држат зафатени пет години, немаш биро со десет луѓе за кои мораш да се грижиш. Тоа е таа слободата за која можеби и несвесно се изборив, што ми овозможи да влезам во филм кој бара многу време, многу ангажман, но е и дисконтинуиран, можеш да работиш на него во бранови и според тоа можеш да си го организираш животот.
За да се направи филм, вклучени се многу повеќе луѓе од оние кои се гледаат на екранот. Многу повеќе отколку што може да се замисли, ако не се занимавате со филм.
Тоа е вистина. Филмската продукција е комплициран и бавен процес. Архитектите често се жалат дека архитектурата е бавна. Потребни се пет години од идеја до реализација… Секако, зависи од ситуацијата…
Може да биде и десет.
Може да биде сешто. Кај филмот е слично… Тоа со финансирањето на филм може да биде уште потешко отколку во архитектурата. Тргнуваш со одредена идеја или концепт, развиваш проект кој тогаш е во ембрионска фаза. Го презентирате на конкурси за развој на идеи и сценарија, добиваш некои скромни пари, па тоа трае една година. А потоа уште една година бараш некој да ти плати продукцијата, ја дизајнираш продукцијата и дури потоа почнуваш да снимаш. Па постпродукција. А потоа кога ќе снимиш по три години филм или серија, тогаш чекаш, да речеме, една година телевизијата да одлучи дека е погоден момент да те пуштат. Така што трае ужасно долго. Тоа е што се однесува до времето.
А што се однесува до луѓето, вклучени се многу протагонисти… Заедно со главниот тим, кој е најекспониран, тука е продукција, монтажа, музика, колорирање… тоа е работа за себе… Кога зборуваме за луѓето кои се на терен, сепак во оваа нашата продукција беше релативно малку… главно ние четворица.
Снимање, тон, осветлување…
Осветлување не, не работиме со вештачко светло. Тон, слика, режија и јас. Ние четворицата патуваме по Балканот во последните десет години, лудо се забавуваме и учиме едни од други.
Екипата на „Бетонски спавачи“ на дело
БЕЗ ФАНТОМИ ОД АРХИВИ
Ми се чини дека третата сезона на „Бетонски спавачи“ е најтрогателна. Можеби и затоа што првата епизода беше прикажана на големо платно, на Деновите на Орис, во големата концертна сала Ватрослав Лисински во Загреб. Како кино. На многумина очите им беа полни со солзи.
Мило ми е што го слушнам ова. Бев возбуден, сите бевме возбудени… каква ќе биде реакцијата. Од друга страна, имав некое, инаку за мене несвојствено, количество на самодоверба. Едноставно знаев дека е добро. Колку е трогателно…не бев сигурен за тоа.
Првата сезона на „Бетонски спавачи“ беше базирана на моите истражувања за туристичката архитектура, втората сезона се надоврзува на проектот Незавршени модернизации – така всушност и се вика. Колективен заеднички проект што го поставивме како изложба прво во Марибор, а потоа во Белград во 2012/2013 година. А третата сезона е синтеза која се потпира на она што Владимир Кулиќ и јас го правиме со години преку различни проекти, како и на изложбата во МоМА, продолжува на искуството од таа изложба каде што имавме најсилен можен фидбек: можевме да прочитаат што за сето тоа мислат New York Times, New Yorker, Financial Times, Guardian… Кога имате таков фидбек, работите некако си доаѓаат на свое место и подобро знаеш која е таа финална порака што треба да се испрати.
Од самиот почеток имавме проектирани варијанти за три или четири сезони, но оквирно. Тематската рамка постоеше, но некои проекти можеа да преминуваат од епизода во епизода. Варијантата од четири сезони ја отфрливме, бидејќи брзав да дојдам до кулминацијата додека проектите кои не интересираат се уште се достапни или барем делумно во изворна состојба и некои важни протагонисти се живи… Сега се е на свое место. Ги составувавме сезоните со идеја за архитектурата што повеќе да говорат ситуацијата, контекстот, соговорниците. Што повеќе да биде проживеано искуството на луѓето со кои бевме во интеракција… Архивата е корисна, но тоа не можеше да ни биде основа. Секоја куќа и секој клучен протагонист мора да бидат со нас, а не фантоми од архивите. Токму тоа е она, што ми се чини, најмногу се чувствува. Нашите куќи, нашите протагонисти…тие зборуваат заедно со нас.
И Палатата Србија, поранешната зграда на СИВ, претставена во серијалот
Ова е директно насочено кон нашето колективно искуство, сеќавање.
И тоа, но тоа сеќавање не се однесува само на минатото туку и на денешницата.
На животот што го проживеавме, а тоа не беше кратко. Животот во социјалистички систем.
Вистина, но филмот се одвива во две паралелни времиња, истовремено. Во исто време, зборуваме за минатото, но зборуваме апсолутно и за сегашноста. Таа синхроничност, симултаноста на тие две времиња кои се преклопуваат, понекогаш се спојуваат, а некогаш се во радикален судир. Тоа е сржта на драматургијата на оваа серија. Од една страна, користиш некои ресурси, некои вредности што си ги наследил од минатото. Понекогаш ги разбираш, а понекогаш не, но работат за тебе. А од друга страна, ги гледаш тие радикални прекини, дисконтинуитети меѓу нашите истории и нашата актуелна сегашност и иднина. Малку е шокантно што зборуваме за некои теми за кои никој друг не зборува, бидејќи не сака тоа да го каже.
На крајот на краиштата, Југославија како да стана некој валкан збор во сите наши општества. А каде живеевме 45 години? И во што воопшто живееме денес? И тогаш кога тоа ќе го раскажеш преку прашања на просторот, архитектурата, изградената средина, институциите кои оваа средина ја обезбедиле, тогаш помислуваш… чекај, чекај… мораме да разговараме за тоа… затоа што ние во тоа живееме. Во таа смисла, сосема е лесно да се каже дека ние сè уште живееме во Југославија, во она што таа Југославија го изгради и што ни остави во наследство. Секако, има многу контроверзи и проблеми, но и многу добри работи.
Екипата на серијалот „Бетонски спавачи“ – трета сезона
Животот никогаш не е идеален. Многу е тешко да се претставува архитектурата. Пошироката јавност не умее да чита планови, фотографиите не даваат реална слика. Се снимаат од најдобар агол, кога е сончево и кога светлината е најдобра. Во „Бетонски спавачи“ гледаме и лошо време, нечистотија, дожд, сонце, дотраеност на зградите… Се согледува во контекстот… каде е сместена зградата, како и се пристапува, што има околу неа. Ова е можеби иднината… како ќе се претставува архитектурата.
Така е. Инаку, архитектурата, и оваа новата, сега изградена, во списанијата и на интернет порталите се прикажува како реализирана макаета во размер 1:1… Затоа што во неа сè уште нема живот. Јас тоа го нарекувам макета. Иако објектот е реализиран, сè уште нема стварност, уште нема луѓе, амбиент, уште нема траги од патина, живот кој е неизбежен. Тоа сигурно го фативме во серијата. Постојано го истакнувам социјалниот контекст, ситуацијата, контроверзите кои ги опкружуваат овие куќи, тоа е она што ги прави толку стварни. Така што овој метод за кој зборуваш…мислам дека е применлив и за начинот на кој треба да зборуваме за современата архитектура.
Да се приближи секому.
Така е. Станува интересно. Секако дека има архитекти и архитектици кои веќе го прават ова, треба да погледнете како Lacaton & Vassal ги презентираат своите проекти – секогаш со населен хаос внатре. Нив тој хаос не ги одбива, тие го сакаат. Ги привлекува станбениот амбиент, таа колоритна реалност, тоа е она што го прикажуваат во своите дела…и другите тоа го прават. Ме чуди зошто нема повеќе од тоа, зошто инсистираме на архитектонски пуританизам… Прилично е одбивно кога тој стварен живот ќе се исценира, па се личи на моден едиторијал.
Кога ќе се заврши куќа, прво се фотографира, а потоа влегува животот.
Така е. И тогаш правите што сакате. Но, не си проектирал за таа нулта фаза, туку за да видиш што ќе се случи после тоа. И тоа е она што треба да те, претпоставувам, прави среќен, на крајот на краиштата.
ИМПЛИЦИТНА, НО МНОГУ ПРИСУТНА ПОЛИТИЧКА ПОРАКА
Како беше да се гледаш на големиот екран?
Веројатно многумина се соочиле со проблемот кога даваат, да речеме, изјава за радио, а потоа се слушаат себеси… Прво, звукот на сопствениот глас ти звучи чудно, а потоа мислиш како си глуп. замисли тогаш колку е грозно кога се гледаш самиот себе со часови… е тоа го надминав. Сега сум целосно одвоен од себе. Тој лик на филмот го гледам како некој друг, тоа не сум јас. Постои една чудна одвоеност која не знам да ја објаснам како психолошки феномен.
Во првата сезона можеби малку уште се мачев со тоа. Во втората помалку, а во оваа третата како да сум целосно ослободен. Воопшто веќе немам проблем со грешките, бидејќи јас ги гледам и знам што имало на снимањето. Знам што сум можел да кажам подобро, но отприлика знам и зошто не сум… На снимањата, како и на предавањата, секогаш импровизирам, реагирам на моментот. Затоа понекогаш е чудно, но е автентичен. Немам веќе проблем со тоа, тоа е некој друг лик. Како јас да сум го пишувал сценариото, а ова е некој аватар и ене го таму на екранот, понекогаш на голем.
Тоа мораат да го надминат филмските глумци и сите што работат на телевизија. Да го надминат својот лик и своите несовршености.
Претпоставувам дека е така, бидејќи како инаку би издржале. Од друга страна, можно е глумците многу да сакаат да се гледаат себеси на екранот… тоа е тој момент на нарцисоидност. Одвојувањето од самиот себе е и процес на растење. Веројатно кога ќе поминеш педесет години, успеваш да се одвоиш себе од своите фрустрации. Имплицитна, но многу присутна политичка порака.
Серијата е завршена. Дали сега ти недостасува филмот? Таа напнатост, компликации, адреналин…
Апсолутно. И понатаму ме интересира филмот, со тоа што се навикнав на паузите, бидејќи ритамот на „Бетонски спавачи“ беше прилично бавен. Помеѓу втората и третата сезона имавме пауза од неколку години, немаше речиси ништо… вакум… Хрватската телевизија не даде прилика за продолжување на соработката, а потоа сепак се појави можноста. Веќе имам развиен нов проект и ќе видиме што ќе се случи со него.
Четврта сезона?
Не. Нов проект.
Беше доволно од ова? Готово е?
Има уште теми, но постепено низ сезоните ја кревавме тензијата и третата сезона е кулминација. Во оваа смисла, ми се чини дека е тешко да се продолжи понатаму. Додуша, не престануваат контроверзите со проектите што ги прикажавме… На пример, на порталите читам како разурнатиот Хотел Марина Лучица во Примоштен стана нов проблем: поставени се надзорни камери, јавниот простор е затворен, луѓето не можат да дојдат до своите маслинови градини… Некои куќи повеќе не постојат, некои се радикално променети. Таков е случајот со поранешниот Дом на револуцијата во Никшиќ… тоа што се случува таму е чудо… хаос. Потоа повеќе на шега му кажав на тимот… погледнете, тоа ни е четвртата сезона… се враќаме на местата каде што сме биле и следиме што се случило. Главно сè се стана уште полошо. Значи, има материјал да се направат „Бетонски спавачи“ – враќање во иднината.
Но, на маса имам друг проект кој се развива долго време. И понатаму ќе се занимавам со архитектура, но на поинаков начин. Ќе бидам фокусиран на сегашноста, не нужно на архитектонските ремек-дела, туку нам интересните актуелни феномени во кои на здраворазумски начини се воспоставува отпор кон денешното тотално комодифицирано производство на материјална средина, од предмети до цел град. Се покажува дека тој здравиот разум денес често делува прилично надреално. Како и во Бетонци, политичката порака е имплицитна, но многу присутна.
Дали те весели во архитектурата постојано да менувш улоги? Немаш стабилна позиција, што мислам дека ти одговара.
Многу ми конвенира тој номадски живот на патување од една област во друга. Иако, во последните неколку години постои една стабилна, цврста точка околу која се врти се, а тоа е наставата на Архитектонскиот факултет. Едукацијата ми стана основна работа и преку неа интелектуално напредувам повеќе отколку низ било што друго досега… тоа не го предвидев.
Дали им прикажувате филмови на студентите?
Не. Тоа е она што се очекува од мене, долгорочно… да ги водам студентите во насока на истражување на други медиуми…Предавам современа и модерна светска архитектура, еден од централните предмети, кој е толку широк што немаш време посериозно да дојдеш до филмот освен спорадично, во детали. Предавањето за радикалната архитектура во 1960-тите, го отворам со познатата секвенца од филмот на Микеланџело Антониони „Долина на смртта“ (Zabriskie Point), кога куќата и сето она што го сочинува потрошувачкото општество експлодира и лета во воздухот, придружено со музиката на Пинк Флојд. Има и други предмети во кои со тек на времето, можеби ќе воведам филм, но сè уште не сум нашол начин како тоа да го организирам и одработам со студентите.
А Дани Ориса?
Деновите на Орис траат веќе 23 години, веќе не знам ни колку време ги модерирав, сигурно подолго од десет, можеби и петнаесет години. Повеќе не се гледам себеси таму, како на филмот. Барем понекогаш.
Ти си архитект, филммеикер, професор, архитектонски критичар, архитектонски теоретичар…
Обично не се претставувам како теоретичар. Избегнувам. Прашање е дали постои нешто што се вика архитектонска теорија. Дали е тоа само дел од историјата на архитектурата. Историјата на архитектурата, важно е да се истакне – ја вклучува сегашноста. Историјата започнува денес, сега и овде. Ја вклучува и иднината. Значи, дискусијата за архитектура, тоа потпаѓа под историја… Има некои сериозни дисциплини кои јасно дефинираат каква е нивната теоретска рамка, а архитектурата е елузивна, комплексна, повеќеслојна и отворена. Дали таквата дисциплина може да има своја теорија како строга дисциплина? Кога велам архитектонска теорија, тоа не е инхерентно на мојот начин на размислување за архитектурата. Тогаш велам, не, јас не сум архитектонски теоретичар. Може критичар, може хроничар, може историчар, може модератор… Само секогаш бегам од теоријата.
Добро работш во тим. Умееш да оствариш контакт со различни луѓе и резултатот да биде добар. Без разлика дали се работи за филм, критика, книга, модерирање…
Инаку не сум нешто дружељубив, но исто така ми треба и некој друг за некаква иницијатива. Дијалогот и интеракцијата, заедништвото, во било кој проект ми се многу корисни. Така, тие соработки можеби произлегуваат од некаква форма на себичност и свесност за сопствените лимити. Кога ќе почнам да правам нешто сам, имам тенденција тоа да трае ужасно долго и да се преиспитувам, и да усовршувам…никогаш да не дојде до конкретен резултат. Кога имате соработници, партнери, соговорници… тогаш заедно ги поминувате сите дилеми и морате на крајот на краиштата да дојдете до резултат, бидејќи зависите еден од друг. Значи, можеби овие соработки произлегуваат од некои форми на мои сопствени инсуфициенции… Зарем тоа не е убав начин да излезеш од своите ограничувања?
Извор: https://www.gradnja.rs/