Насловна / Архитектура / Марината во Јаликавак, Бодрум: Решение чија архитектура произлегува од локалниот карактер

Марината во Јаликавак, Бодрум: Решение чија архитектура произлегува од локалниот карактер

Општо познато е дека Турција е популарна туристичка дестинација и како таква редовно е на листата од топ 10 светски дестинации според бројот на туристи и остварени ноќевања. Пред неа обично се само Франција, САД, Италија, Шпанија и Кина. Тоа секако се должи на нејзината површина и на големата популација од која зависи бројот на домашните туристи кој го „билда“ и вкупниот број, но најмногу се должи на многуте нејзини природни убавини, градителското наследство оставано низ вековите, понудата за летен и алтернативен туризам итн.

1

Во таквите околности, речиси е невозможно во денешна ера одредено населено место за кратко време да успее да се протне во понудата на дестинации на туристичка држава од калибарот на Турција само заради умешноста на еден архитект да креира архитектонско-урбанистички проект кој сам носи илјадници туристи во една туристичка сезона. Тоа му успеа на реномираниот турски архитект Емре Аролат и неговиот проект за марина во населеното место Јаликавак близу надалеку прочуениот Бодрум.

8

НОВОСТИ ВО МАЛОТО МЕСТО

Имено, Јаликавак припаѓа на Бодрумскиот Полуостров чиј најголем и најпознат град е секако Бодрум од кој е оддалечен 20-тина километри. Со вивнувањето на Бодрум како можеби најпопуларна туристичка дестинација во Турција, Јаликавак, како и останатите мали населби на полуостровот почнуваат да угостуваат туристи поради сè поголемиот број на хотели кои го зафаќаат практично целото крајбрежје. Но освен плажите и морето, ниедно од овие 10-тина други мали гратчиња и села околу Бодрум немале ниедна друга впечатлива туристичка знаменитост која би ја вклучиле во туристичката понуда. Туристите, особено странските, гравитирале кон самиот Бодрум, притоа посетувајќи ги шармантниот стар град и чаршијата, тврдината „Св. Петар“ и Музејот на подводна археологија, Мавзолејот во Халикарнас кој е еден од седумте светски чуда на стариот свет (Халикарнас е старото грчко име за античката населба врз која лежи и денешен Бодрум – заб. на авт.), бодрумското шеталиште со пристаништето, Античкиот театар, впечатливите ноќни клубови итн.

07

Тоа е така сè до 2013 година, кога се отвора новоизградената марина во Јаликавак која станува дел од редовната туристичка понуда на агенциите и водичите. Денес, доколку се одлучите да го посетите Бодрум, освен споменатите знаменитости во самиот град, неколкуте најдобри плажи на полуостровот или турите со брод, на многу од туристичките сајтови ќе налетате на препорака да ја посетите и марината во Јаликавак.

6

Всушност се работи за надградба и реконструкција на старата марина во Јаликавак која постоела на дел од подрачјето кое го зафаќа и марината во денешниот изглед и облик. Како и секој комплекс од ваков тип, примарна функција му е секако да служи како паркинг за луксузни јахти. Но, проектантите понудуваат едно збогатено архитектонско-урбанистичко решение во кое вклучуваат низа на други функции, пред сè од угостителски и трговски карактер, а кои имаат за цел да привлечат и останати туристи освен оние кои ќе ги паркираат своите јахти тука.

Проектот наменет за корисници од високата средна класа, уште од самиот почеток го носел товарот на голема инвестиција која носи новости во малото место.

10

АРХИТЕКТУРАТА ПРОИЗЛЕГУВА ОД ЛОКАЛНИОТ КАРАКТЕР

Проектот е развиван преку три фази, секоја изведена во различна последователна година, почнувајќи од 2011-та. Во првата фаза е проектиран и изведен таканаречениот „остров“ кој е поврзан со брегот преку тесна автомобилска улица и пешачка патека. Овој дел од марината сместува продавници, ресторани, приватна плажа и базен за сопствениците на јахтите, како и пропратни простории за нивно одржување. Како што ќе рече самиот архитект, главната мотивација за дизајнот на „островот“ било усогласување на „исходот“ од ваквиот дизајн со идеалната позиција на Јаликавак како медитеранска населба. Целта била не само да се задоволат потребите и желбите на новодојденците – корисници на марината, туку и да се создаде своевиден дијалог со автентичните квалитети на Јаликавак, со што комплексот лесно би стекнал припадност не само кон изграденото, туку и кон социјалното ткиво на местото. Ваквата тендеција, архитектот едноставно ја нарекува being Mediterranean („медитеранска“).

11

Затоа, наместо генерички дизајн кој многу лесно можел да стане „вонземски“ за местото, понудено е решение чија архитектура произлегува од локалниот карактер, интерпретиран како композиција од волумени со различна висина кои се вклопуваат во пејсажот и морето како начин на кој комплексот се интегрира во затекнатиот контекст. Ваквите волумени кои во основа следат замислена мрежа се надополнети со атипични „додатоци“: долг линиски ѕид и кула. Целиот „остров“ има идентична материјалност – травертинот. Како инспирација за намерата целиот комплекс да биде од само еден материјал, архитектот ги посочува Кос, Родос и Сиена како референтни примери. Травертинот сам по себе претставува новост во Јаликавак, не е традиционален локален материјал, но е искористен како материјал кој е на некој начин општопознат на човекот, материјал кој никој нема да го почувствува за „дојденец“.

3

Во втората и третата фаза од комплексот, бројни продавници се изведени долж марината, продолжувајќи ја медитеранската аура преку широките стреи кои создаваат континуирана засенчена патека која на моменти се претвора во колонада долж продавниците. Сите продавници се плански фрагментирани и оформуваат неколку низи сместени под долго испуштените стреи. Ваквите стреи се на различни нивоа со што е овозможено нивно преклопување со цел да не се стекне впечаток за целиот комплекс како предимензиониран. Продавниците претставуваат волумени од стакло долж сложената композиција од вертикални и хоризонтални рамнини од травертин. Во крајната фаза од изведбата на марината е вклучен мал хотел и канцелариски простории, а проектната програма за оваа фаза дисперзира низ различни места санитарни, технички и магацински простории од марината со цел нивна максимална употребливост.

4

06

УПОТРЕБА НА КОМПЛЕКСОТ ОД СИТЕ КОРИСНИЧКИ СЛОЕВИ

Над сè, даден е приоритет на интензивната употреба на комплексот од страна на сите кориснички слоеви од општеството, што во голема мера е спротивно на светската пракса со која ваквите марини се нарекуваат елитистички места со лимитиран пристап за корисници од пониските слоеви. Во случајот со марината Јаликавак, или официјално наречена Palmarina, умешниот проектантски, но и менаџерски пристап успеал во намерата пространиот јавен простор околу комерцијалните единици и приватните делови да го „прикачи“ на ексклузивниот свет како дел од него, со што и корисниците од пониските слоеви можат да „ѕирнат“ во ексклузивитетот кој обично го уживаат само сопствениците на луксузни јахти.

05

Поновите интервенции во марината ја занемаруваат впечатливоста на линискиот ѕид во „островот“ во желба да се збогати понудата со нови локали во овој најексклузивен дел од комплексот. Ѕидот е искористен за на него да се „закачат“, односно доградат нови локали од двете страни, со што е изгубена таа слободностоечка линиска концепција како баланс на фрагментираните волумени од другата страна. Сепак со ваквата интервенција не е загубен архитектонскиот квалитет на целиот простор бидејќи ваквото „отстранување“ на ѕидот и доградбите се умешно изведени, а новите волумени заедно со нивната материјалност идеално се вклопуваат во целиот претходен контекст.

13

12

Ова веројатно повторно е направено под палката на самиот Емре Аролат. Како една од поновите впечатливи интервенции е и додавањето на кривулеста пешачка патека која меандрира долж теснецот кој го поврзува „островот“ со брегот. Свиоците на оваа патека излегуваат над морето, со што пружаат нови интересни визури кон брегот и останатиот дел од комплексот, а кои посетителите ги користат и за фотографирање. Со изградбата на оваа возбудлива пешачка патека е зголемен капацитетот за пешачки проток на теснецот кон „островот“, кој веројатно самите проектанти отпосле го увиделе како тесно грло во летните месеци поради големиот број посетители.

5

НАЈДОБРА МАРИНА ВО СВЕТОТ

Веројатно ни архитектите, ниту пак локалните власти или жителите, не очекувале дека марината ќе привлекува толкав голем број на туристи. За нејзината популарност, најдобро говори и фактот дека таа станува домаќин на ексклузивни брендови од угостителството и модната индустрија, и тоа не само домашни (турски), туку и интернационални. Интересен е концептот на сместување на овие локали: колку сте поблиску до „островот“, толку поексклузивни се брендовите, а во него се оние најексклузивните. Комплексот на едно место ги собира, но во одвоени локали по принципот на старите турски чаршии, а не во затворен шопинг-мол: Dior, Dolce & Gabbana, Gucci, Nusr-Et, Louis Vuitton, Prada, Rolex, Novikov, Hublot, Bvlgari, Moncler, Loro Piana итн.

03

02

Марината е прогласувана за најдобра марина во светот од неколку релевантни институции во различни избори, меѓу кој и оној од 2019 година за „најдобра светска марина за суперјахти“ во изборот на The British Yacht Harbor Association (TYHA). За реномето на овој комплекс сигурно заслуга има и одличниот проект кој има добиено неколку домашни и меѓународни награди за архитектура, а за кој имаат пишувано и реномираните ArchDaily, Dezeen, Architizer и други.

2

Инаку, архитектот Емре Аролат е еден од најреномираните турски архитекти денес, чија проектантска компанија има канцеларии во Истанбул, Лондон и Њујорк. Самиот тој е и повремен предавач на неколку универзитети во Турција, Холандија, САД и Блискиот Исток; често е канет да биде дел од жири-комисии на многу конкурси за јавни објекти, особено во родната Турција; а е добитник и на многу домашни и меѓународни награди. Придонесот на неговиот проект во ставањето на Јаликавак на туристичката мапа на Бодрум и Турција е неоспорен.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

01

17

19

18

20

Испрати коментар

Scroll To Top