Насловна / Арт и дизајн / Марина Абрамовиќ во Мексико претстави своја колекција столици

Марина Абрамовиќ во Мексико претстави своја колекција столици

Центарот на светската уметничка сцена моментално е во далечното Мексико, во чест на годишната на Mexico City Art Week. Секако креативна и полна со живот, оваа престолнина е исполнета со нов бран енергија секој февруари, кога е домаќин на уметници од целиот свет. На овогодинешното издание на фестивалот се претстави и Марина Абрамовиќ со перформанси и нејзината прва дизајнерска колекција Elephant in the Room.

Марина Абрамовиќ беше вклучена во бројни настани на овогодинешниот фестивал. Таа, меѓу другото, со перформанс на својот Манифест го збогати отворањето на уметничкиот центар во просторот на една од најголемите знаменитости на Мексико Сити, La Cuadra San Cristóbal на Luis Barragán, коњички комплекс редизајниран од архитектот Fernando Romero. Шарениот геометриски комплекс беше дом на познатиот мексикански архитект Barragán, а за јавноста ќе биде отворен, како што веќе пишувавме, во октомври. Неговата нова намена ќе биде изложбен простор, од годишни изложби за време на Art Week, до постојана изложба посветена на работата на Luis Barragán.

Марина Абрамовиќ ја претстави колекцијата на столици создадени во соработка со мексиканското дизајнерско студио La Metropolitana, кои тие ги нарекоа Elephant in the Room. Станува збор за ограничена серија на столици направени од дрво и бакар, која е изложена во простор во близина на работилниците на студиото. Пространиот уметнички простор Лагуна, дизајниран од Productora, сместен во поранешна фабрика во четвртта Doctores, служел и како простор за вториот перформанс на Абрамовиќ, за кој таа ги користеше овие столици.

Елегантните столици официјално се првите дизајнерски парчиња на Марина Абрамовиќ. Изработени се од дрво со нежна текстура Rosa Morada, кое настанува од мексикански даб. Столиците се рачно изработени од занаетчии од студиото La Metropolitana. Се издвојуваат и поради обликот на ногарките кои се прошируваат на дното, а посебната форма доаѓа до израз поради потемната боја на дрвото cocobolo од кое се изработени. Под столиците има мали бакарни плочки прицврстени на начин кој потсетува на потковица, секоја персонализирана со збор избран од Марина Абрамовиќ.

Во колекцијата има два модели на столици – едната со висок наслон и без потпирачи за раце и другата асиметрична, со потпирач за раце во контрастна боја од едната страна. Абрамовиќ дизајнирала и концептуално изложбено парче со екстремно висока дрвена даска наместо потпирач за грб, обвиткана во бакарна спирала.

Материјалите користени за изработка на столиците главно се рециклирани – од дрво конфискувано од мексиканската влада од дрвокрадци, до бакар од монети и индустриски отпад. Колекцијата е наречена Elephant in the Room, бидејќи целта на уметникот била да ги истакне очигледните етички проблеми за кои малку се зборува, како што се експлоатацијата на ретко дрво и намалената употреба на квалитетни занаетчиски техники во изработката на мебел.

Столиците долго време се централен елемент во перформансите на Марина Абрамовиќ, суштинско парче во нејзините изведби исполнети со движење, гестикулација и акција. Со колекцијата Elephant in the Room, Абрамовиќ за прв пат имаше можност да работи со столици кои сама ги дизајнирала.

Испрати коментар

Scroll To Top