Завршната манифестација на проектот „Холокаустот низ призмата на детските очи“ ќе се одржи утре во 12 часот во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Манифестација е во организација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија со поддршка од Министерството за образование и наука на Република Македонија, ZFD Forum и Град Скопје.
Во овој проект, кој се состои од литературен, ликовен конкурс и конкурс за дигитална содржина, земаа учество околу 330 ученици од основните училишта во Република Македонија. На тема „Холокауст“ со свои литературни творби учествуваа 92, со ликовни творби – 75, а со дигитална содржина земаа учество околу 160 ученици.
Од Скопје, во овој проект се вклучија основните училишта „Стив Наумов“, „Конгреси и Монастирит“, „Браќа Рамиз и Хамид“, „Браќа Миладиновци“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Кочо Рацин“, „Блаже Конески“, „Ѓорѓија Пулески“.
Од Битола земаа учество основните училишта „Елпида Караманди“, „Гоце Делчев“, „Даме Груев“ и „Св. Климент Охридски“, како и ОУ „Блаже Конески“ од Прилеп, ОУ „Абдул Фрашари“ од с. Боговиње, ОУ„Мустафа Кемал Ататурк“ од Гостивар, ОУ „Славејко Арсов“ од Штип, ОУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид и ОУ „Васил Главинов“ од Велес.
За првпат оваа година во овој проект учествуваа со свои ликовни творби и ученици од основното училиште „Стеван Чоловиќ“ од Општина Ариље, Србија.
На оваа манифестација покрај тоа што ќе бидат претставени првонаградените творби од трите конкурси, на учесниците ќе им бидат доделени дипломи и благодарници, а ќе може да се погледне и изложбата од ликовните творби на учениците.