Шпанското архитектонско биро Masquespacio спровело детална анализа на клиентите, односно девојчиња и момчиња на возраст од 11 до 13 години, со цел да се најде врската помеѓу дизајнот на објектот и начинот на живот на тинејџерите.
Преку претходни тестирања спроведени од интерниот тим на Манго, се покажало дека употребата на боја е истакната како еден од најрелевантните начини да се доближат до тинејџерите, па на овој аспект се фокусирале и архитектите од Masquespacio.
Свет од соништата за тинејџери
„Најдоброто нешто кога си тинејџер е тоа што секогаш живееш во свет полн со соништа и свет полн со работи што допрва треба да ги откриеш. Тоа е возраст кога почнувате да сонувате големи соништа, не земајќи ги предвид границите“, изјави архитект Ана Хернандез за ArchDaily.
Имајќи го ова на ум, новата продавница „Mango Teen“ се етаблира како свет на соништата со своите различни перспективи и различни неповрзани елементи, исто како кога сонуваме.
Така на ова место соништата се претвораат во јаве, преку елементи на дизајн кои си играат со умот и ги повикуваат корисниците на интеракција со предметите што ги опкружуваат, доведувајќи го светот на метаверзумот во реалност.
На самиот влез во првата продавница „Mango Teen“, која е отворена во Барселона, се наидува на тунел со позадинско осветлување кој, според зборовите на Ана Хернандез, носи во иднината каде што конвенционалните елементи од минатото се сметаат за футуристички за новите генерации.
Машина за перење за рециклирање
Базен, рецепција во хотел и машина за перење се некои од некохерентните елементи, кои ги повикуваат тинејџерите да влезат во универзум каде на предметите им се дава нова употреба, давајќи им можност да ја ослободат својата имагинација и да го искористат просторот на свој начин.
Така, базенот се користи како изложбен елемент, рецепцијата е место за плаќање и подигање на робата, додека машината за перење помага да се рециклира старата облека.
Што се однесува до развојот на пратечките елементи, како што се полици и регали, архитектите преку нивниот дизајн сакале да создадат предизвик и да ги постават во контраст вообичаените форми што се користат за нив, создавајќи игра помеѓу прави и органски линии, со што се стремат да го направат просторот родово неутрален.
Продолжувајќи со концептот за претворање на конвенционалното во нешто надреално, две типологии на завршни обработки се користени за примена на бојата.
Од една страна, конвенционална мат завршна обработка, а од друга страна, рефлектирачката боја, создаваат необична комбинација која е поврзана со футуристичкиот допир на флуоресцентното.
Сеопфатен дизајн за незаборавно искуство
Концептот не ги заобиколил ниту гардеробите, каде што има елементи со оптички ефект што ја искривуваат реалноста.
Секако, новата продавница Mango Teen е дизајнирана сеопфатно за да го направи искуството на купување незаборавно и приспособено на тинејџерскиот начин на живот.