Британското биро Foster + Partners го претстави проектот на стадионот покриен со „огромен чадор“ за англискиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, а новиот објект по изградбата ќе стане најголемиот стадион во Велика Британија.
Како дел од регенерацијата на областа Олд Трафорд во Манчестер, спортска арена со 100.000 седишта ќе биде изградена до сегашниот стадион на популарните „Црвени ѓаволи“, исто така наречен Олд Трафорд, кој има капацитет од 74.197 гледачи.
Црвена боја за „Црвените ѓаволи“
Кога ќе биде завршен, стадионот на Foster + Partners ќе го надмине сегашниот најголем фудбалски стадион во Обединетото Кралство, познатиот Вембли, кој има капацитет од 90.000 посетители.
Презентираните рендери го прикажуваат новиот стадион обоен во црвената боја на Манчестер Јунајтед, опкружен со структура слична на шатор што се шири преку јавен отворен простор.
„Стадионот е опкружен со огромен чадор, кој собира енергија и дождовница и обезбедува засолниште на новиот јавен плоштад кој е двојно поголем од плоштадот Трафалгар“, изјави основачот на бирото Норман Фостер за Dezeen и продолжи: „Стадионот оријентиран кон надворешноста ќе биде срцето на новата одржлива област, која е целосно пешачка, опслужена со јавен превоз и украсена со природа. Тоа е мешовит мини-град на иднината – кој поттикнува нов бран на раст и создава глобална дестинација со која жителите на Манчестер ќе можат да се гордеат“.
Проектот на Foster + Partners ќе биде изграден веднаш до постоечкиот стадион Олд Трафорд, дом на „Црвените ѓаволи“ веќе 115 години. Целта е да се подобри искуството на посетителите на натпреварите со подобрени погледи на теренот и подобра акустика.
„Ова мора да биде еден од највозбудливите проекти во светот денес, со неверојатно регионално и национално значење“, рече Фостер. „Се започнува со искуството на навивачите, доближувајќи ги до теренот поблиску од кога било и акустично култивирајќи громогласен татнеж“.
Новиот стадион ќе има содржини кои ќе го направат еден од најдобрите фудбалски објекти во светот, истовремено почитувајќи ја историјата на теренот на Манчестер Јунајтед. Пошироката регенерација на Олд Трафорд има за цел да донесе 92.000 работни места и 17.000 нови домови во областа.
„Денес започнува неверојатно возбудливо патување кон создавањето на најважниот фудбалски стадион во светот, во срцето на обновениот Олд Трафорд“, изјави косопственикот на Манчестер Јунајтед, Џим Ретклиф.
Зачувување на суштината на Олд Трафорд
„Нашиот сегашен стадион брилијантно ни служеше во последните 115 години, но заостана зад најдобрите арени во светскиот спорт“, додаде Ретклиф, заклучувајќи: „Со градење покрај постоечкиот објект, ќе можеме да ја зачуваме суштината на Олд Трафорд, а истовремено да создадеме навистина современ стадион кој го трансформира искуството на навивачите на само неколку чекори од нашиот историски дом“.