Во земјата на изгрејсонцето, велосипеди опремени со едно или две детски седишта и корпи за носење торби и намирници, од милост познати како „мама велосипеди“, честопати се опремени со мал електричен мотор кој им дава потисок по нагорнини и го олеснува вртењето на педалите.
„Мама велосипедите“ се божји дар во Јапонија за домаќинки и вработени мајки – тие не само што заштедуваат време и енергија, туку и нерви, бидејќи со нив нема плач поради замор, влечење на ногавиците на родителите, објаснувања и детски молење да бидат носени во раце.
Незаменлив предмет во модерното јапонско домаќинство, особено во поголемите градови, каде поради пренаселеност и недостаток на паркинг простор за автомобили, семејствата обично треба да плаќаат 300, 400 долари месечно само за да имаат место каде да го чуваат своето возило со четири тркала, сеприсутните „мама велосипеди“ се возат по јапонските велосипедски патеки, често следени од љубопитните погледи на странските туристи.
Во стеснетите урбани услови, тие се попрактични од автомобилите, не само затоа што можат да се чуваат во стан или на влез во зграда и не изискуваат трошоци за плаќање паркинг места, гориво и осигурување, туку и затоа што сопствениците ги поштедуваат од сообраќаен метеж.
И покрај тоа што најквалитетните „мама велосипеди“ со електричен мотор чинат повеќе од илјада и пол евра, поради што често се продаваат на рати, тие не бараат посебно одржување, па затоа генерално се сметаат за исплатлива инвестиција.
Оние домаќинства кои имаат само едно дете и не можат да си го дозволат луксузот да поседуваат електрична погонска единица, се одлучуваат за многу поедноставни и затоа поевтини велосипеди – обични семејни велосипеди со корпа поставена на управувачот и детско седиште поставено зад возачот.
„Мама велосипедите“ се омилени кај жените поради нивната практичност – едноставно кажано, ја завршуваат работата, без разлика дали е градинка, училиште или супермаркет.
Иако „мама велосипедите“ се лесно препознатливи и меѓу семејствата омилени, љубовта кон нив не е универзална – со своите големи детски седишта и пластични корпи кои можат да пренесат петнаесетина килограми товар, тие заземаат простор за два или дури три велосипеди на тесни паркинзи предвидени за двоцикли.
Ова ги иритира другите корисници, особено затоа што комуналната полиција секојдневно ревносно ги одзема велосипедите оставени надвор од ограничениот простор наменет за нив и потоа уредно го наплатува надоместокот за чување.
Исто така, не е невообичаено детето да заспие зад грбот на мајката во текот на возењето и во сон неприметено да се наведнува настрана, така што горниот дел од телото излегува од седиштето – ова е опасна ситуација во која главата на детето зголемена со заштитна кацига јури во пресрет со минувачите и другите велосипедисти.
„Мама велосипедите“ се предизвик за пешаците и другите учесници во сообраќајот и затоа што поради својата маса и големина тешко го менуваат правецот на движење.
Овие велосипеди со помошен електричен мотор ги произведуваат „Јамаха”, „Панасоник” и други реномирани јапонски компании, кои се стремат не само да им обезбедат на клиентите батерии со поголем капацитет и побрзо полнење, туку и да ги направат детските транспортери да имаат поцврста, но полесна конструкција и поголема удобност.
Деталноста и прагматизмот со кои Јапонците се посветуваат на нивното подобрување илустрирани се со фактот дека детските седишта честопати имаат транспарентна, пластична навлака која ги штити децата од дожд и ветер, како и скала која им овозможува на поголемите деца сами да се качат на седиштето.
Некои од овие седишта, всушност, се вистински мали фотелји и по сложеност ги надминуваат оние кои се поставуваат во автомобилите. Овие велосипеди, како производ, постојано еволуираат.