Насловна / Вести / Малите населени места ќе добијат пречистителни станици

Малите населени места ќе добијат пречистителни станици

procistuvaci

Отпадната вода од домаќинствата во селото Марино веќе две години се пречистува во мала пречистителна станица и потоа се употребува за полевање на земјоделските површини, а наскоро овој технолошки благодат ќе го почувствуваат и жителите на селата Kадино и Илинден, пишува Дневник.

Според законските одредби за животната средина, секое населено место со над 2.000 жители мора да ги прочистува отпадните води пред да ги испушти назад во околината, а општина Илинден меѓу првите се нафати да го совлада предизвикот.

Сите три станици се со капацитет од 1.250 еквивалент жители. Таа во Марино е изградена под земја, а новите две ќе бидат надземни.

– Се одлучивме за вакви станици, бидејќи се најефикасни и повеќе земји од ЕУ користат ваков начин на одведување на отпадните води – вели Дејан Богдановски, раководител на Одделението за локален економски развој и јавни дејности. Тој истакна дека засега станиците и колекторските системи во селата ги градат во деловите што се најниски и често се поплавуваат.

Професорот Џоко Kунгуловски од Природно-математичкиот факултет, кој е проектант на станиците, вели дека станува збор за затворен тип на аеробни станици кои трошат минимум енергија, не создаваат бучава, ниту смрдеа.

– Тие лесно се одржуваат и нема потреба од секојдневно ангажирање на луѓе. Ќе се користат два контејнери, поставени на бетонска подлога. Kога едниот прочистува, другиот мирува и обратно. Прочистувањето се врши со помош на бактерии, кои се хранат со отпадните материи во водата и така ја прочистуваат. Тињата што се создава ќе се користи за производство на органско ѓубриво – вели Kунгуловски.

Во Илинден е изградена бетонската подлога и наскоро ќе се постават контејнерите. Во Kадино контејнерите се поставени и се тестира станицата.

Испрати коментар

Scroll To Top