Поради изградбата на голем број мали хидроцентрали, драматично опаѓа нивото на водата во реките во регионот на Карпатите во Романија. Локалните жители и еколозите се жалат дека владата воопшто не се грижи за природата. Реки богати со риби, обраснати брегови и многу простор за прелевање на водите – тешко е да се замисли подобра животна средина за видрите. Сè уште има вакви места тука, на југот на Карпатите, регион во Романија кој е особено ценет од риболовците. Но, масовната изградба на мали хидроцентрали со државно субвенционирање е сериозна закана за водниот потенцијал и живиот свет.
Граѓаните се прашуваат дали се работи само за негрижа или пак во игра е и корупцијата? „Бесмислици“, велат во надлежното министерство во Букурешт, каде се гордеат со користењето на обновливи извори на енергија. Сите специјални дозволи за јужните Карпати биле издадени регуларно. Па така и натаму ревносно се субвенционира и се гради. Владата и приватните инвеститори укажуваат на предноста од добивањето на енергија без емисии на јаглерод диоксид и дека опаѓањето на рибниот фонд во реките се должи на други еколошки причини. Само во последните две години, според експертите, пред сè во јужните Карпати се изградени или се градат 550 мали хидроцентрали.