Верувањето дека малите хидроцентрали (МХЕ) се извор на чиста енергија со мало или незначително влијание врз животната средина, го зголемува интересот за мали, мини, микро или пико хидросистеми, кои имаат инсталирана моќност од пет киловати до 10 мегавати. Генерално, хидроенергијата се апострофира како еден од најчистите и најсестрани обновливи извори на енергија. Но, искуствата покажуваат дека изразениот оптимизам за потенцијалот на хидроенергијата не е сосема издржан.
ЛЕКЦИИТЕ НАУЧЕНИ ОД ГОЛЕМИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ
Хидроцентралите ја користат водата и гравитацијата (целосно јаглеродно слободен и неисцрпен извор) за да ги задвижат турбогенераторите кои произведуваат електрична енергија. За разлика од електричните централи кои користат фосилни горива, хидрокапацитетите не генерираат никакви гасови ниту пепел. Во споредба пак со нуклеарните централи, кај хидрото нема радиоактивен отпад кој пак од своја страна е посебен проблем, ниту пак се исцрпува каков било ресурс, бидејќи водата не може да се изгуби ниту да се загади како резултат на процесот на производство на електрична енергија од хидропотенцијалот. Од друга страна пак, акумулационите езера го менуваат пејзажот на регионот, па стануваат привлечна дестинација за излетници и туристи.
Откако светот ги разбра сите овие предности, некаде во 50-тите години на минатиот век хидроелектричните централи стануваат исклучително популарни. Земјите во развој, како Бразил, Кина, Индија, Малезија, Тајланд и Турција изградија огромни брани и капацитети за производство на електрична енергија со моќност од неколку стотици мегавати, до над 10 гигавати. Египетската Асуанска брана стана препознатлив симбол на овие проекти – но и на нивното влијание врз животната средина. Имено, проектите од вакви размери, сериозно ги менуваат екосистемите на реките, често фрагментирајќи ги коритата и менувајќи ги теченијата. За природните езера, потребни се стотици години за да еволуираат од средини со нисок степен на нутритиенти до средини со висок степен на нутритиенти. Но, вештачките езера ја минуваат оваа транзиција во само неколку години, со што се деградира квалитетот на водата, се загрозува рибниот фонд, и се создава средина погодна за комарци и други пренесувачи на заразни болести. Во случаите пак, кога поради создавањето на вештачките езера се врши иселување, или сериозно се менува расположливоста на ресурсите за земјоделие или други активности, тогаш се соочуваме и со сериозен социо-економски проблем.
Веќе во средината на 70-тите години од минатиот век, односно околу две децении по подемот на хидроенергетските капацитети, почнуваат да се анализираат првите негативни влијанија врз животната средина од големите хидроцентрали. Веројатно главниот проблем лежи во фактот што првично на површина се истакнуваат само придобивките од ваквите проекти, но не и можните проблеми.
Затоа клучното прашање е: „Дали сме на пат да ја повториме истата грешка и во случајот на малите хидроцентрали?
Предности на малите хидроцентрали (МХЕ)
– МХЕ, но и хидроцентралите воопшто, не генерираат емисии на стакленички гасови
– МХЕ придонесуваат за одржливиот развој со тоа што се економски исплатливи почитувајќи ја животната средина и овозможуваат децентрализирано производство на електрична енергија (социјална придобивка за оддалечени места)
– МХЕ се чист извор на енергија (не се создава отпад ниту во водите ниту во воздухот) и е обновлив извор на енергија.
Малите хидроцентрали се ефикасен, сигурен, чист, обновлив и одржлив ресурс.
Тие не треба да бидат пречка за движењето на рибите, малите хидроцентрали мора да обезбедуваат минимален еколошки дозволен проток кој го гарантира животот на рибниот фонд. Тие нудат стабилност на електроенергетската мрежа. Градењето на МХЕ помага во креирањето на диверсифициран електроенергетски систем, обезбедувајќи производство на електрична енергија во мали дистрибутивни системи, во случај на прекини во главната мрежа. МХЕ мобилизираат финансиски ресурси и придонесуваат за економскиот развој на одредени подрачја со мал број на жители и креираат работни места на локално ниво.
ПРЕДИЗВИЦИТЕ ПРЕД МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ
Предностите на овој концепт се неспорни. Речиси секој од нас верува дека МХЕ се сигурна супституција за големите хидроцентрали. Притоа, некои се убедени дека малите хидроцентрали се целосно безопасни за животната средина, додека пак, некои признаваат постоење на одредени проблеми кои се слични и кај големите хидроцентрали, но сепак се премногу мали за да се земаат предвид.
Во извештајот за влијанијата врз животната средина предизвикани од обновливите извори на енергија, Меѓународната агенција за енергија (IEA – International Energy Agency) забележува: „Малите хидроцентрали имаат релативно скромно и локално ограничено влијание врз животната средина. Тие влијанија главно потекнуваат од активностите при градењето, како и од промените во квалитетот на водата и нивото на протокот во екосистемите“. Сепак, по првата охрабрувачка реченица, IEA преминува на набројување на посочените влијанија и заклучува: „Влијанието на малите хидроцентрали се верува дека е мало и локално, доколу се спроведуваат најдобрите практики и ефективно планирање.“ Како и да е, останува непоткрепено тврдењето дека влијанијата се „мали и од локален карактер“.
ЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ ВО ВРСКА СО МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ
Досега, светот нема искуство со поголеми проблеми од аспект на малите хидроцентрали, бидејќи и нивната примена не е широко распространета. По некоја турбина поставена овде-онде, не може значајно да ја загрози реката, но ако се користи оваа технологија интензивно и ако се инсталираат мноштво мали турбини долж секој пад на речниот тек, и ако се направат мали брани кај повеќето текови, тогаш деградацијата на животната средина е неспорна (по киловат час произведена електрична енергија), и најверојатно ќе биде поизразена отколку во случајот на голема хидроцентрала. Во секој случај, факторите кои го загрозуваат живиот свет во реките се исти и во случајот на големи и во случајот на мали хидроцентрали. Промени во протокот на реките, бариери за движењето на животните, загуби на вода поради испарување и загуба на биодиверзитетот се само некои од примерите.
Исто така, создавањето на метан се случува во голема мера кога се сретнуваат вода и седимент, а тоа значи дека поплиткото водно тело најверојатно ќе ослободи повеќе метан по единица површина од подлабоко водно тело. Метанот, предизвикува ефект на стаклена градина со 25 пати посилен интензитет од јаглеродниот диоксид.
Се разбира изградбата на инфраструктурата како патишта и електрични водови не е во таков обем кај малите хидроелектрики споредено со големите хидроенергетски проекти во апсолутна смисла – но ако овој индикатор се сведе на киловат инсталирана моќност, влијанието врз животната средина може да биде барем еднакво сериозно, ако не и поизразено.
Со мали хидросистеми можеме да бидеме на пат да ја повториме штетната еколошка историја на големите проекти за хидроенергија. Земјите кои ја разгледуваат оваа технологија треба да инвестираат и во истражувањето на потенцијалните проблеми и да бидат претпазливи и во планирањето и во самата изградба, придржувајќи се кон принципите на одржливиот енергетски развој. МХЕ како и секоја друга постројка за производство на енергија влијае врз локалните екосистеми (квалитетот на реката и екосистемите, бучава, промени во теренот). Како и да е, со доследна примена на легислативата која ја регулира оваа област, примена на иновативна технологија, и првенствено со добра волја на сите вклучени страни да се обединат околу прашањата кои ја засегаат животната средина, може да се верува дека овие влијанија сериозно ќе се намалат.
РЕАКЦИИ НА ЕКОЛОШКИТЕ АКТИВИСТИ ПРОТИВ МХЕ
„Вносен бизнис за инвеститорите и закана за животната средина“ – е коментарот на еколошките активисти на Балканот во врска со МХЕ. Тие сметаат дека изградбата на ваквите постројки на Балканот не е прашање на напредок, туку прашање на опстанок на и онака загрозените природни вредности. Дополнителен проблем е фактот што ниту националните паркови не се поштедени. Еден таков пример се посочува во Паркот на природата Стара Планина во Србија, каде е работено со тешка механизација, иако во оваа област тоа е изречно забрането. Но, не е само фазата на градење деструктивна за животната средина. И во експлоатацијата на МХЕ се врши голема штета за животната средина, па поради тоа и инспекциите се доста активни. Во Србија биле забележани доста примери кога во летните месеци операторите го свртуваат целиот проток кон деривационите цевководи со цел постигнување поголемо производство, но по цена на загрозување на живиот свет во речното корито.
„Ми пречи што концептот на МХЕ станува пренагласен. Се работи само за една од формите на обновливи извори. Во Србија според постоечкиот катастар има простор за околу 800 такви постројки, но мора да се има предвид дека некои од локациите се наоѓаат во заштитени подрачја“, вели д-р Ратко Ристиќ од Шумарскиот факултет на Универзитетот во Белград.
Сериозни дискусии за целисходност на користењето на МХЕ се водат и во Европскиот парламент, поради прилично негативните еколошки ефекти, особено во подрачјето на австриските Алпи, во делови од Баварија, Франција и Италија. Во Европа има над 25 илјади МХЕ, од кои повеќе од една третина се во Германија. Се смета дека и статусот на повластени производители односно тарифи треба да се укине, бидејќи енергетската придобивка е мала, а еколошката штета несразмерно голема.
Стручњаците имаат најголеми забелешки на овој концепт поради нарушувањето на екосистемите, намалување на биодиверзитетот и фрагментирање на колониите на риби. Европската комисија ѝ има издадено налог на Романија да ја испита одржливоста на концептот на МХЕ во земјата, бидејќи во краток рок изградиле над 500 објекти.
Неодамна, жителите на Плав на северот на Црна Гора протестираа против изградбата на МХЕ на реката Комарача, барајќи од инвеститорот веднаш да запре со сите активности, со образложение дека неговата градежна дозвола е незаконски издадена, за што се води и судска постапка. Се работи за МХЕ Метех со инсталирана моќност од четири мегавати. Иако инвеститорот ги убедувал мештаните дека централата нема да работи во месеците јули и август сепак, тие сериозно се сомневаат дека ќе биде загрозен нивниот извор за вода за пиење и наводнување. Затоа, сметаат дека запирањето на проектот е единственото решение.
Секако, еден од најмасовните протести против изградба на МХЕ е одржан годинава во Пирот, Србија. Како резултат на протестите инвеститорот бил принуден да се откаже од локацијата за изградба на МХЕ на речата Височица.
МАКЕДОНИЈА И МХЕ
Во 2007 година Македонија почнува со развивање на концептот на мали хидроелектрични централи преку Министерството за економија односно со повици за учество на тендерска концесија со апликации за над 140 локации за мали ХЦ со моќност од 35 до 2.500 киловати. Проекциите во тој период беа тој број во не така далечна иднина да достигне 400.
До денес, според регистарот на повластени производители од МХЕ објавен на страницата на Регулаторната комисија за енергетика има вкупно 78 МХЕ. По општини најголем број МХЕ има во Крива Паланка (7), Кавадарци (6), Демир Хисар (6). Дали и кај нас се граделе вакви електрани во заштитени подрачја? За жал, одговорот е „да“, и тоа во националните паркови Маврово и Пелистер.
Мрежата на граѓански организации CEE Bankwatch Network уште во 2015 година алармираше дека во земјава има најголем број проекти финансирани од меѓународни финансиски институции во заштитени зони, кои ги рекламираат како „зелени инвестиции.“ Истражувачката мрежа ги следи банките кои финансираат вакви проекти во земји од Централна и Источна Европа, а во септември оваа година изработи студија насловена „Уништени реки“, во која прави анализа на пет проекти за мали хидроелектрани во Македонија поддржани од европски банки и за слични проекти во Хрватска и Албанија. Тие наведуваат дека на локациите на сите проекти во Македонија финансирани од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ), се забележани“ видливи прекршувања на националните прописи“, закони и меѓународни стандарди, и дека „значително се уништени речните екосистеми“.
„Не е разбирливо како во сите притоки на Брајчинска Река е забранет риболовот, но сепак била дозволена изградба на хидроцентрали“, истакнува CEE Bankwatch.
Имајќи ги предвид сите претходно изложени состојби, не е за изненадување што на списоците на одржливи хидропроекти на Западен Балкан кои би ги поддржала Европската Унија, се наоѓаат само постоечките и планирани големи хидроцентрали (над 10 MW) иако и за многу од овие проекти има отпор од граѓанските организации за заштита на животната средина, се наведува во документацијата на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Во финалниот извештај, кој се однесува на крајот на 2016 година, иако претставуваат 90 отсто од вкупниот број хидроцентрали во регионот, учествуваат со само три до пет отсто во вкупното производство на електрична енергија од хидропотенцијалот. Многумина веруваат дека најверојатно интересот на приватниот сектор за овој вид инвестиции ќе исчезне со истекувањето на повластените тарифи, кои се посочуваат како главни виновници за експанзијата на МХЕ во регионот од 2005 година па до денес.
Бошков мост и Луково поле – двата проекти во кои победи заштитата на природата
Бошков мост и Луково поле се хидроенергетски проекти најавувани со години наназад од речиси сите политички гарнитури. ХЕ Бошков мост со инсталирана моќност од околу 70 мегавати, и Луково поле со инсталирана моќност од пет мегавати, но и со дополнителен бенефит во зголемување на потенцијалот за производство на електрична енергија во Мавровскиот хидроенергетски систем (на постоечките хидроцентрали во овој систем). Иако од енергетски аспект придобивките од овие проекти беа неспорни, сепак еколошките аспекти превагнаа. Дополнително, не треба да се заборави дека секогаш хидроенергетските објекти се исклучително обемни во поглед на градежните активности и инвестиции, па оттука и економската компонента не е секогаш во прилог на одржливоста на проектот. И покрај уредно подготвените студии за влијанието врз животната средина на овие проекти, и учеството на реномирани меѓународни финансиски институции во улога на кредитори, заштитата на природата беше ставена на прво место. Балканскиот рис, беше еден од видовите под закана од активностите на изградбата, често споменуван во јавноста. Организациите за заштита на животната средина во земјава беа доста активни по ова прашање. Пред неколку години за овие настани пишуваше и британски Гардијан: „Бум од брани на Балканот, закана за последните „ диви“ водотеци во Европа“.
Советот на Европа преку Постојаниот комитет на бернската конвенција во декември 2014 година отвори случај против Македонија поради основано сомневање дека со носењето на одлука за спроведување на хидроенергетските проекти во Маврово, меѓу кои и Бошков мост и Луково поле, Владата ги прекршила одредбите за заштита на природата. Петицијата за запирање на активностите со овие два проекти собра 100.000 потписи. Германски Шпигел напиша: -„Поголемиот дел од балканските земји влегоа во криза. А таму, каде што нема пари, заштитата на животната средина често е на задното седиште“ се наведува во текстот под наслов „Хидроенергетска битка: Браните се закана за последните европски диви реки“.
Во инвестицискиот план на компанијата ЕЛЕМ за периодот 2018-2022 (јавно објавен на веб- страницата на компанијата), веќе не фигурираат проектите Бошков мост и Луково поле.