Овој двособен стан изгледа многу простран од две причини: бела боја во ентериерот и голема висина на плафонот.
Овој стан е пример како од 50 м2 да се извлече максимум. Станот е изведен во Гетеборг. Иако релативно мал, тој изгледа пространо затоа што не се користени големи парчиња мебел кои го блокираат и намалуваат просторот, а тие што се употребени се во бела боја.
Ако имате мал стан откажете се од вашата омилена боја, барем што се однесува на ѕидовите, мебелот и големите површини. Користете исклучиво бела боја, а само на деталите како перничиња, вазни, чаршафи, користете ја бојата што најмногу ви се допаѓа. Така станот ќе изгледа многу поголем и простран.
Еден од главните адути на овој стан е и неговата висина на плафонот која изнесува три метри. Во случајов висината на ваквиот салонски стан е намалена со решавање на галерија каде е сместена спалната соба. Иако скаличките не се за многумина прифатливо решение, во некои случаи мора да се пристапи кон компромисно решение.