Станот Apartamento Virgílioa во Сао Паоло со површина од 61 квадратен метар е комплетно реновиран од архитектите од бразилското биро LCAC Arquitetura за да им обезбеди на своите жители пространа и интегрирана средина.
Оригиналниот изглед на станот претрпел доста големи трансформации. Бетонот е оставен видлив, реновиран е постоечкиот под од ipe lapacho во дневната соба како и дрвото во спалните соби. Овој вид на дрво е многу тврд и издржлив материјал – дури три пати потврд од, да речеме, дабот, кој често се користи во ентериери.
Намерата на сопствениците на домот како и на проектантите била работа со материјали со рустикална текстура што ќе овозможи домот да ги задржи модерните линии. За да се постигне ова, користени се гранитни плочи како и дрвена столарија, која го исполнила домот со топлина и удобност. Во овој мал стан секоја зона функционира и како посебен дел и како дел од една поголема целина.
Кујната е отворена кон дневната соба, што воедно дава и чувство на континуитет во просторот. За тоа придонесува постојниот ipe под во дневната соба, кој продолжува во кујната. Еден дел од кујната пак за возврат е останат затворен за да и се даде поголема приватност. Во дневната соба е реновиран постоечкиот под, а акцент е ставен и на други обработки како што се ѕидови од тула и натур бетон. На овој начин е создадена атмосфера која е и провокативна и удобна во исто време.
Во централниот дел на станот е дизајнирана голема полица која има доволно простор за организирано да ги складираат сите книги и украси. Осветлувањето, не само за полицата, туку и за целиот стан, е дизајнирано да ги подобри текстурите на материјалите и визуелно да го прошири просторот. Помеѓу кујната и дневната соба е направена работна плоча од тиково дрво (третирано со природно масло) за да се обезбеди поголема удобност за време на оброците.
Малата бања е проширена и реновирана со цел да се користи како тоалет, што овозможило поставување на два туша. Останатите простории се интегрирани во опкружување поделено со дрвени лизгачки врати со матирано стакло.
Од едната страна од спалната соба има брачен кревет и плакари, а од другата домашна канцеларија со музички инструменти, па всушност овој дел од собата ја презема функцијата на музичко студио.
Со мудро планирање и додавање на интересни декоративни акценти, овој мал стан стана вистинска модерна оаза со рустикален шмек.