„Владата не ги прифати барањата на „Макстил“ и „Југохром“ за големо дури и повеќегодишно пролонгирање на рокот за исполнување на еколошките стандарди за добивање А интегрирана еколошка дозвола и му наложи на Државниот инспекторат за екологија да им изрече високи казни и да им наложи до 31 октомври годинава да ги комплетираат сите неопходни технолошки процеси“. Со тоа, како што изјави портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, се заокружува процесот за добивање А интегрирани еколошки дозволи.
Во врска со процедурата за добивање А интегрирана еколошка дозвола во однос од поголемите капацитети од страна на Министерството за екологија бевме информирани дека условите ги имаат исполнето „Адинг“, „Фени“, „Топлификација“ која се гасифицираше, „Саса“, „Техногас“,„Алкалоид“, „Цементарница“, „ОКТА“ и десетици други компании со што се заокружува процесот, изјави Ѓорѓиев.
Преку Министерството за екологија до Владата, нагласи, барање за пролонгирање на рокот поднесоа „Макстил“ и „Југохром“, во рамките на барањето имаат наведено дека од Оперативниот план за добивање дозвола имаат исполнето дваесетина точки и остануваат за исполнување уште шест точки за кои што имаат преземено чекори и се во фаза на реализација. Тие зависат од технички процедури за кои е потребно поголемо време на набавка и за инсталирање.
„Ние не ги прифативме барањата на компаниите за поголемо пролонгирање на роковите односно барања за пролонгирање и до неколку години, единствено дозволивме за овие две компании рокот за комплетирање на процесите, инсталациите и градбите да биде продолжен за не повеќе од шест месеци, а во меѓувреме Владата наложи на Државниот инспекторат за екологија да изрече казни кон овие две компании согласно Законот за екологија во висина од повеќе стотици илјади евра и да им наложи на компаниите најдоцна до 31.10.2014 да ги комплетираат сите технолошки процеси. Се разгледуваат и опциите кои се содржат во законите на овие две компании да им биде наложено во овој период од шест месеци нивните капацитети да работат со намалено производство, што значи и намалена емисија на гасови, а во исто време да нема отпуштање од работа на работници од компаниите, појасни Ѓорѓиев.