Европското фудбалско првенство во Германија е во полн ек, а навивачите доаѓаат на стадионите од цела Европа и пошироко. Но, застарената транспортна инфраструктура во земјата се мачи да се справи со зголемениот метеж, што доведе многумина да се запрашаат дали Германија ја заслужува својата репутација за ефикасност.
Здружението на фудбалски навивачи (Football Supporters’ Association – FSA) соопшти дека се „запрепастени“ поради „опасната пренатрупаност“ во системот на јавниот транспорт, поради што илјадници луѓе чекаат на преполните перони на станиците повеќе од три часа по последниот судиски свиреж.
„Ако УЕФА сака да го одреди 21 час како време за почеток во недела навечер до кое било место на настан, тогаш треба да гарантира дека е воспоставен транспорт што им овозможуваат на сите навивачи, вклучително и оние што одат во зоните за навивачите, да патуваат безбедно, удобно и прикладно, до, и што е најважно назад од местото“, се вели во соопштението на Здружението на фудбалски навивачи.
Навивачите на Европското првенство го искусија хаосот на јавниот превоз во Германија кој е безнадежно пренатрупан – особено кога се игра во Гелзенкирхен. Така е срушен уште еден мит за Германија.
Врв на маките се средбите во Гелзенкирхен. Првите навивачи кои беа изложени на оваа тортура беа посетителите на натпреварот помеѓу Србија и Англија минатата недела, првиот од четирите натпревари на Европското првенство што се одржуваат на овој стадион.
Многумина поминаа повеќе од еден час набиени во маса луѓе на пешачкиот мост што води до станицата. Стотици од нив одлучиле да одат пеш неколку километри до центарот на градот наместо да чекаат во гужва.
Но, истото ги чекало и на железничката станица во Гелзенкирхен, со преполни перони и лоши информации од разгласот.
За Дојче веле, претставниците на локалната служба за јавен превоз Богестра дури се пофалија со напредок од недела до четврток, но навивачите велат „Каков напредокот е тоа“, праша Фин, млад навивач од Шкотска кој штотуку се вратил на главната станица во Гелзенкирхен во еден часот по полноќ, два часа по завршувањето на натпреварот.
Претставник на градот Гелзенкирхен тврди дека имало „двојно повеќе“ композиции на градската железница за натпреварот помеѓу Србија и Англија отколку што би имало за натпревар на Шалке.
Но, навивачите и посетителите не најдоа многу утеха во тоа „подобрување“.
Со оглед на ограничениот капацитет на градската железница, лошо се покажа што натпреварите овде започнуваат во 21 часот. Двапати 50.000 навивачи кои се обидоа да го напуштат стадионот во исто време беа соочени со недоволна инфраструктура што предизвика многу маки и непријатности.
Може да се постави прашањето, зошто Гелзенкирхен воопшто е назначен за град домаќин – освен што е градот на Шалке? Градовите како Нирнберг, Бремен или Хановер имаат големи, модерни стадиони, но тие не беа избрани.
Но и во другите германски градови посетителите ги доживеаа проблемите на денешната германска инфраструктура.
Германските железници јавно му се извинија на Филип Лам – германската фудбалска легенда и директор на турнирот, бидејќи задоцни на натпреварт меѓу Украина и Словачка во петокот во Дизелдорф.
Медиумите пишуваат за Австријците, кои со воз тргнале од Виена во 7:30 часот, но на натпреварот на својот тим пристигнале исто така во Дизелдорф – на само дваесетина минути пред крајот на мечот. Возовите безнадежно доцнеле.
Се пишува и за навивачите на Шкотска кои го преживеаја хаосот во јавниот превоз во Минхен, Келн и на други места. Исто така, на Шкотите воопшто не им е јасно зошто секое возило за јавен превоз доцни: „Атмосферата беше фантастична, но јавниот транспортен систем е кошмар“,вели Дејви, кој редовно оди на натпреварите на Шкотска во странство.
Репутацијата на Германија како земја во која „сè функционира одлично“ дефинитивно е сериозно загрозена од почетокот на ЕП.
Посетителите често се разочарани, а странските медиуми, вклучувајќи го и Њујорк Тајмс, известуваат за сериозни недостатоци и ги рушат застарените стереотипи за земјата.
Да не е возбудливиот фудбал и добрата атмосфера, се останато во земјата домаќин уште повеќе ќе влијаеше на впечатоците.
И за љубителите на фудбалот и за самиот Гелзенкирхен, навистина е среќа што таму се одржува само натпреварот помеѓу Португалија и Грузија и потоа уште еден осминафинален натпревар. Проблеми имаше во градовите ширум Германија, но епицентарот на хаосот се покажа дека е Гелзенкирхен.