Насловна / Архитектура / Македонски претставник на Венециско биенале за архитектура за 2016: „Ничија земја“ – град за сите

Македонски претставник на Венециско биенале за архитектура за 2016: „Ничија земја“ – град за сите

Tunel-1

Во воведните излагања на претседателот и кураторот на овогодишното „La Biennale di Venezia“, Паоло Барата и Алехандро Аравена, во кратки но концизни црти, претставени се тековните проблеми на архитектурата. Сферите на приватното и јавното, вклучително причините за нивното настанување; конфронтациите и меѓусебна изолација наспроти интеграциите, состојби што само го продлабочуваат јазот помеѓу архитектурата и општеството, и со години наназад тоа разидување и разминување се потенцира како „печат“ на нашето време.

Дека „архитектурата е уметност, каде приватните барања, аспирации и потреби се испреплетуваат со јавните потреби и аспирации“, дека архитектурата преку креирање на приватниот простор, го креира и јавниот, и дека доколку се затвориме себеси во баналниот комфор на приватната сфера и ги подигнеме сигурносните системи до екстремен максимум, тогаш ги „цицаме“ до бескрај и општеството и луѓето…

Оваа парадигма функционира се додека релацијата помеѓу сферите е линеарна. Меѓутоа, рецентно, таа е разнишана поради феноменот на „јавна приватност“. Прашањето повеќе не е само „кој алат е потребен за да се дестабилизираат силите што го привилегираат приватниот бенефит над колективниот“, туку колку е брз и вешт тој што ракува со него.Tunel-3

Упадот во моделот на јасно дефинираните односи на приватно и јавно, ограничени, оградени, осигурани, загарантирани и неменливи, и нивната деформација кон „чекор понапред“, доведува до ситуација каде колективот и општеството реагирааат на начин својствен за приватниот домен, „приватизирајќи го јавното“. Во такви околности архитектот има централна улога, тој освен капацитетот да одговори на архитектонските проблеми, мора да биде и репортер и критичар на секојдневието, и најважно, да биде способен за „брза интервенција“. Во таа смисла станува особено битно прашањето за хиерархијата и флексибилноста на границите, несигурноста на сигурносните системи, неминовноста на миграциите и емиграциите и нивниот двигател, насилен или економски.

Поаѓајќи од основните премиси на Аравена, во проектантското биро „Стоун дизајн“ (архитекти: Стојан Павлески, Ѓорѓи Радовановиќ, Љупчо Тасевски и Иван Симеонов) го конципиравме архитектонско – ликовниот проект „Ничија земја“ проектирајќи ја публиката во една субјективна реалност, најавена преку извитоперени сонливи слики на познати места, фрагментирајќи го и дематеријализирајќи го микролокацискиот и географски контекст, будејќи го во неа генот на чукун-чукун мигрант. Оттука, масовните миграции стануваат аналогија на внатрешните миграции, и предизвикуваат трезвеност во формулирањето на прашањата за мигрирање/емигрирање.

Проектот, аналогно, се надоврзува на миграциската парадигма и нуди архитектонска илузија или  „Сон за еден град“, „Град без граници“, „Отворен град“, односно „НИЧИЈА ЗЕМЈА“ или „Сечија земја“, при што, низ мултикултурни асоцијации ги истражуваме формата и волуменот, користејќи неколку препознатливи „иконични“ објекти на светски познати архитекти во корелација со сопствени авторски архитектонски објекти. Преку изборот на материјалот и неговата завршна обработка (теракотна), се влегува во дематеријализација и своевидно дислоцирање на иконичното, алудирајќи на архитектурата на Блискиот Исток, како симбол за глобален мигрантски/емигрантски проблем.Tunel-2

Кон тоа, како контраст на „теракотата“ („топол“ и ефемерен материјал), употребен е и високо рефлектирачки не’рѓосувачки челик (stainless steel / inox / prohrom), што преку механичко деформирање се доведува во функција на поништување на јасната слика (иако веќе илузија) на рефлектираните нејзини фрагменти на површината, заробените слики од „претставата“ во аурноста на објектот, кои посетителот го соочуваат со себевидување / саморефлектирање во различни сцени – „непознати и познати – но непостојани“. Движејќи се низ објектите, посетителот се лоцира и препознава перпетуално во пејзажите на нашето проектирано егзистирање.

Конечно, целта и пораката ја насочивме кон самопрепознавањето на посетителот во некаквите нови и можни глобални географски поместувања, односно себевидување како мигрант или емигрант во понудениот „Град за сите“. Зависно од просторните можности и другите условености, за „Ничија земја“ обмисливме две решенија или солутивни варијанти на основната проектност:

КОНЦЕПТ 1 – „ЗАВИЕН ТУНЕЛ“

Во овој концепт, како едно од двете решенија, третираме форма на Тунел, всушност асоцијација за премин, однадвор со мат црна боја оддава впечаток за влез во неизвесност и потрага по светлина, а со завиената форма, затскривајќи дел од заробените содржини во внатрешноста, поттикнува на љубопитност, во прилог на нашата основна идеја да испровоцираме дополнителни исчекувања и неизвесности, до некаквите големи очекувања.

Освен завојот во основата, дефиниран со две неконцентрични кружници кои континуирано го менуваат својот пресек, растејќи во висина од едниот крај до средината, од каде повторно се смалува, како одредена аналогија, ако сакаме, и на човечката „ниска“ потреба за „влез на мала врата“. Претпоставената љубопитност, иманент и на човечката потреба за константен од/потрага кон непознатото, како социолошки феномен, е вградлива и во служба на остварливоста на нашата идеја.

Во таа смисла, посетителот, влегувајќи во внатрешноста на тунелот низ отворот/светлината „на малата врата“, како влез во таинственото, ќе биде соочен со сликите за некаквата извесност на некаквите наши проектирани хумани големи очекувања, наоѓајќи се во еден град „препознатливо непрепознатлив“ како дел од еден сон, односно „Сон за еден град“, „Град без граници“, „Отворен град“…, во земја НИЧИЈА и СЕЧИЈА.

Сликата за таквиот град, формирана во внатрешноста на тунелот, во самата форма на неговата обвивка изработена во високорефлектирачки inox – материјал со сопствена ексклузивност (дополнително механички „трауматизиран и извитоперен“), заробува рефлектирачки фрагментирани слики на познати и непознати места. Посетителот, во релација со неколкуте препознатливи „иконични“ објекти на светски познати архитекти и нашите авторски архитектонски објекти, сите измоделирани од експандирана полистирен пена – третирана со гранулатна обвивка во боја на „теракота“, ќе се најде во центарот на рефлектирачката игра на светлината и формираните заробени слики на променливи пејзажи, исправен и пред личносноста на прашањето за припадност – неприпадност.

Од друга страна, и низ мултикултурните асоцијации поттикнати преку волуменот и формата, а битен сегмент во амортизирањето или релативизирањето на контекстот на отуѓеноста, болката на е/мигрантсвото, се дооформува сликата на нашиот ОТВОРЕН ГРАД ЗА СИТЕ!

Подлогата од крупен песок, со својата својственост на променливо тло, дополнително ја потенцира илузијата на нестабилност и променливост.Sfera-1

КОНЦЕПТ 2 – „СФЕРА“

Основен габарит на делото е формата на Сфера, во замена за Тунелот од КОНЦЕПТ 1. Во неа препознаваме заштитнички ореол, своевидно парче „стаклена градина“, загатната желба за припаѓање или за нагонската потреба од промена на географските четврти, во реалните или иреалните бегства на човекот од себе, и сл. Ваквото решение, за разлика од КОНЦЕПТ 1, нуди отвореност, сцена за целосен опфат на погледот и помалку места за доотскривање. Изработката и на ова решение би била во високорефлектирачки inox, сметајќи на сите оние негови специфични карактеристики за формирањето на визуелноста во внатрешноста, веќе опишана во претходниот концепт, не потценувајќи ја и сензацијата на надворешноста, а вклучувајќи ја истата објектна понуда од претходниот концепт, со визуелните претпоставки и содржинска слоевитост.Sfera-3

Блескавата отворена аурност на Сферата, наспроти затскриената сценичност во внатрешноста на црниот Завиен тунел е единствената разликата помеѓу двата понудени концепти, што не е незначајна, оти суштините на формата и асоцирањето на содржините во нивната внатрешност нè втурнуваат до специфични надсодржини.

Да резимираме. Никој не е безбеден во својот навидум современ и сигурен град. Миграциите не се само политички, економски, физички и фактички, тие се и ментални, психички и духовни, како и насилни, присилни, но и природни. По ова време на хипер промени, политички процеси и економски игри, френетично произведување на информации и емитување на податоци со плитки интерпретации, конструирање на демографски и географски манипулации…, еден извесен ден, веруваме дека уметноста и архитектурата од/на утопија/та да еволуираат во конкретно општествено решение за градови, простори, отворени и добронамерни за секој и сите, независно од природата и карактерот на миграциските релации или традиционалните разлики, бидејќи луѓето имаат слични претпоставки за живеење и надживување, нужност од дом-ување и „вдоменост“ во образование, вработување, егзистенција и надежи за живот целосен, a истите, денес, сведувани на своевидни утопии, во таа смисла и просторните.Sfera-2

Веруваме дека со проектот доследно задираме во суштината на темата „Извештај од фронтот“ на кураторот Алехандро Аравена, нудејќи одговори на прашањето за припадност – неприпадност која го допира и суштинскиот проблем на јавното и приватното, алудирајќи на генотипот кој секој од нас го носи секаде со себе, фрагментирајќи го и дематеријализирајќи го микролокацискиот и географскиот контекст. Станува суштинска човечката запрашаност – дали е потребна храброст да се погледнеме во огледало и да си го поставиме прашањето за ексклузивитетот на поседувањето и неговата фенотипска манифестација – во парцела, објект, град, држава, континент, и неговиот генотип – место и, впрочем, дали можеме лесно да се препознаеме во улогата на мигрант, емигрант и крајно, во жител во земјата НИЧИЈА и СЕЧИЈА?

Стојан Павлески, архитект и куратор на проектот

Испрати коментар

Scroll To Top