Архитектонското студио АРХИТЕКТРИ е основано во 2009 година од тројца архитекти. Дејан Ивановски, Ристо Аврамовски и Ана Бораниева. Сите тројца имаат интернационално работно искуство. Во текот на своето дејствување соработуваат со СКАрС – архитектонско студио, Реактор – истражување во акција, Филип Јовановски – визуелен уметник, архитектонското студио Баум од Севиља, и голем број соработници од државата и надвор од неа. Го сакаат својот град.
Кој е Вашиот херој/и?
– Ѓорѓи Константиновски, Живко Поповски, Лудјек Кубеш, Вера Ќосева, Мимоза Томиќ, Трајко Димитров, Александар Смилевски, Александар Серафимовски, Крсто Тодоровски, Јанко Константиновски, Петар Муличковски… архитектите што го нацртаа градот наш!
Вашето мислење за македонската архитектура денес?
– Македонската архитектура во моментов е во еден период на „издишување“. Жално е тоа што луѓето што цртаат проекти за „својот“ град воопшто не го препознаваат квалитетот на тоа што постои како непосредно опкружување, без ралика дали се работи за природа или објект. За жал, без познавање на минатото (а минато е и вчера), не верувам дека може да се надополниме на постоечкиот контекст. Ова што сега се прави во градот, во архитектонска смисла, практично брише една современа македонска архитектонска мисла. Која, мислам дека е неповторлива!
Набројте три според Вас најзначајни објекти во Македонија?
– Градски трговски центар во Скопје, Македонска опера и балет во Скопје, Македониум во Крушево.
Постојат околу педесет објекти во Македонија кои се со антологиска вредност. Сега можеби се четириесет и пет.
Што претставува за Вас архитектурата во светот?
– Архитектурата во светски рамки, се наоѓа во еден чувствителен период на сопствено редефинирање и утврдување на својата позиција наспроти новите политички, социјални и културолошки промени на современиот поредок. Во услови на перманентна транзициона состојба и вибрациско градско ткиво, чувствително на секакви глобални и локални промени, нашиот архитектонски дискурс се обидува да фати тврда позиција на трајни вредности од минатите историски епохи како одговор на светските текови и потреби. За мене архитектурата во светот претставува исто што и во Македонија – одговор на современите барања на контекстот во кој архитектурата се случува и служи да го артикулира агресивниот процес на урбанизација и растеж на градот.
Кога мислиме на архитектура, не мислиме само на зграда. Добра архитектура е феномен кој дефинитивно може да се приспособува, трансформира низ времето. Објект кој може да прими во себе различна, нова програма (мислам на случувања), нема дилема дека тоа е квалитетен простор, објект, град!
Каков е односот на младите кон архитектурата?
– Младите се онолку свесни колку што образованието и популарната култура го обработуваат терминот архитектура. Во услови на општа културна деградација, ретроградно ревидирање на историјата и вредностите преку реоформување на „нов“ македонски идентитет, можеме да кажеме дека физичката трансформација на градот Скопје ги фрли во фокусот на пошироката јавност темите како архитектура, град, просторно планирање и слично. Се плашам дека позитивните аспекти на овој процес се далеку помалубројни од негативните последици што оваа драстична промена ќе ја остави врз општото поимање за нашето општество и градот како негов сублимат.
Што не се гледа на фотографијата, а е интересно за Вашите објекти?
– Не се гледа подготовката за да се направи добра фотографија.
На кој проект работите во моментов?
– И покрај неколкуте награди на домашните конкурси за проекти за објекти од јавен карактер, сè уште најголемиот дел од работата го заземаат микропроектите што подрзабираат реконструкција на станови, куќи, проекти поврзани со индустрискиот дизајн и истражувачки проекти кои се однесуваат на урбаниот развој.
Ваши архитектонски планови?
– Работиме неколку проекти кои се помеѓу архитектура, социјална одговорност, индустриски дизајн и функционалност на градот. Проекти за зачувување или препознавање на јавниот простор, проекти за задржување на празните површини во градот, односно работиме на тоа истите да не се наполнат со згради. Работиме на тоа пешаците и велосипедистите да станат приоритет во однос на автомобилите.
Сепак, градот ќе продолжи да живее и без нас, да оставиме некоја празна парцела и за новите генерации… Ќе видиме што ќе оствариме од нив!