Под мотото „Македонија земја на цвеќето – земја на розите“ денеска ќе почне националната еколошка акција за засадување рози во Скопје.
Кампањата ќе се реализира по повод Денот на пролетта – 21 март, а почетокот симболично ќе биде означен со засадување рози пред зградата на МРТВ од вработените на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Централната активност ќе се реализира на средишната жардиниера на булеварот „Видое Смилевски Бато“ во општина Аеродром.
Активности ќе се спроведуваат во 50-ина општини на целата територија на Македонија, а ќе се вклучат и учениците со продажни изложби на сопствени креации на тема „Роза“. Парите собрани од изложбите ќе се употребат за купување садници за училишните дворови.
Целта на кампањата е масовно засадување рози низ градовите на целата држава. Розата е растение со исклучителна способност да ги задржи и акумулира штетните елементи, особено тешките метали од водата, воздухот и почвата и е повеќегодишно цветно растение лесно за одгледување на различни простори. Може да живее од 20 до 30 години, цвета уште во првата година од своето садење и е расцветана 200 дена во годината.
Изборот за розата се базира на научни резултати добиени од студијата „Присуство на олово и други тешки метали во животната средина во градот Скопје“. Во рамките на истражувањата, испитувани се почвите, цветовите и листовите на розите, тревите, како и иглолисни и листопадни растенија.