Потребата за енергенси во Македонија во наредната година ќе се зголеми за 4 отсто, предвидува Енергетскиот биланс за 2016 година. Раст ќе има во сите сегменти, а повеќе ќе се троши струја, гас, нафта.
Енергетскиот биланс, документ кој ја содржи целокупната потрошувачка на сите енергенси во државата за една година и ги опишува консументите, односно потрошувачката на енергијата, пак, за периодот 2013 – 2017 година предвидува пораст на потрошувачката на сите енергенси со просечна стапка од 3,3 проценти на годишно ниво.
Во билансот се прецизира дека во 2016 година ќе се потроши за 3 отсто повеќе нафта и нафтени деривати од лани и за 4 отсто повеќе електрична енергија. Веќе неколку години во континуитет се предвидува и зголемена потрошувачка на природен гас, биомаса и на останатите типови на енергии.
Зголемените потреби од енергија ќе се обезбедат од домашни извори и од увоз. Нафтата и нафтените деривати и гасот во целост ќе се обезбедат од увоз, а кај електричната енергија во зависност од хидрологијата и цената на гасот и на струјата ќе зависи активноста на ТЕ-ТО, а според тоа, пак, ќе варира процентот на домашно произведена и увезена електрична енергија.
– Во структурата на енергијата 50 отсто отпаѓа на нафтата и нафтените деривати, 31 процент на електричната енергија, а 9 проценти на биомасата и сите останати водови на енергенси. Најголема потрошувачка на енергија 32 проценти има во сообраќајот, 29 проценти од енергијата ја троши индустријата, 25 проценти домаќинствата, а 14 отсто сите останати чинители. Радува фактот што се предвидува и зголемена потрошувачка на природниот гас што е исклучително позитивно, бидејќи станува збор за еколошко гориво кое треба што е можно повеќе да биде застапено – изјави Кочо Анѓушев, претседателот на Македонската енергетска асоцијација – МЕА.
Тој нагласи дека МЕА посебно ја поддржува инцијативата гасот да се спроведе до домаќинствата, зашто, како што рече, е најекономичен за потрошувачка.