Вкупното количество собран комунален отпад во Македонија лани минатата година изнесувало 620.328 тони и споредено со 2014 година бележи зголемување од 8,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Најголемо количество собран комунален отпад има во Скопскиот регион, 151.592 тона или 24,4 проценти од вкупно собраното количество во државата.
Според ДЗС, од вкупното количество комунален отпад, 499.658 тони или 81 проценти се собрани од домаќинствата, а останатите 19 проценти од правни и физички лица (комерцијален отпад).
Според видовите отпад, најголемо количество собран отпад е измешан комунален отпад, 533.721 тони или 86 проценти, а најмало количество e отпад од гума, 1.395 тони или 0,2 процента од вкупното количество собран комунален отпад.
Вкупното количество создаден комунален отпад во Република Македонија во 2015 година изнесува 786.182 тони. Годишното количество создаден комунален отпад по жител во 2015 година изнесува 380 килограми по жител, што е за 2,7 проценти повеќе од 2014 година.
Најголемо количество на собран комунален отпад (99,4 проценти) се отстранува на депонија.