Следните седум дена со информативни, едукативни и забавни настани, и Македонија ќе се приклучи кон светската недела посветена на вселената, која од 4-ти до 10-ти октомври се одржува во повеќе од 73 земји низ светот.
Свеченото отворање е најавено за утре во 21.30 часот во „Концепт 37“, со изложба на фотографии од скопското Астрономско друштво.
Во следните денови се најавуваат проекции во соработка со Македокс, посета на планетариум, набљудување на небото преку телескопи на различни локации, велосипедска тура, детска работилница, Small Star Empires турнир, како и посета на опсерваторијата Кокино и забава на отворено.
Светската недела на вселената одбележува два значајни светски настани од астрономијата: 4-ти октомври – датум кога во 1957 година е лансиран првиот сателит Спутник 1, и 10-ти октомври – кога во 1967 година е потпишан Договорот за принципи и активности на државите вклучени во истражување и соодветна употреба на вселената.