Насловна / Вести / Македонија сака да се приклучи на гасоводот ТАНАП

Македонија сака да се приклучи на гасоводот ТАНАП

TANAP

Министерот за економија Беким Незири, на покана на министерот за енергетика и природни ресурси на Турција Танер Јилдиз, вчера присуствуваше на свечената церемонија за поставување на камен темелник за изградба на транс-анатолскиот гасовод за природен гас ТАНАП, во провинцијата Карс во близина на турско-грузиската граница.
На церемонијата министерот Незири имаше средба со турскиот министер Јилдиз со кого разговараа за можноста во иднина и Република Македонија да се приклучи во проектот, кој е многу значаен за целиот регион.
„Република Македонија и понатаму останува отворена за соработка со земјите од регионот и пошироко во однос на сите понудени решенија од аспект на изградба на гасоводни интерконекции и обезбедување на природен гас, при што имајќи ги во предвид критериумите за обезбедување на доволни количини на природен гас, континуитет во снабдувањето без прекини, како и пониска понудена цена на природен гас“, изјави министерот Незири. Тој додаде дека постојат неколку можности за интерконективно поврзување на гасификациониот систем на Република Македонија со гасоводите кои транзитираат низ територијата на Турција.
„Гасоводот ТАНАП кој оди до Грција, а потоа на него се надоврзува гасоводот ТАП- транс јадрански гасовод, кој поминува од Грција во Албанија и под Јадранско море оди во Италија, претставува добра можност за поврзувањето на гасификациониот систем на Република Македонија, и истиот би можело да биде преку Грција кај Гевгелија или кај Битола со должина на кракот за поврзување од околу 60 км“, изјави министерот Незири.
Проектот ТАНАП е потпишан помеѓу Турција и Азербејџан и се предвидува да биде пуштен во работа 2019 година, а ќе пренесува гас од Азербејџан од наоѓалиштето Шах-Дениз.

Испрати коментар

Scroll To Top