Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации почнаа со подготовка на четвртиот Национален план и третиот Двогодишен извештај за климатски промени.
Од МЖСПП нагласуваат дека низ процесот на развивање на извештаите, се подобрува точноста и конзистентноста на податоците за емисиите на стакленичките гасови, што придонесува кон поефективно планирање на мерки за ублажување на овие емисии, како и за прилагодување на ефектите од климатските промени. Истовремено, се зајакнува соработката со различни институции со цел интегрирање на политиките за заштита на климата во другите сектори.
Во рамките на овој четиригодишен проект ќе биде ажурирана националната база на емисии на стакленички гасови до 2019 година со примена на современи и иновативни алатки, ќе бидат развиени соодветни критериуми за поставување на приоритетни мерки за ублажување на климатските промени, а изготвениот извештај дополнително ќе даде поддршка во процесот на воспоставување на систем за следење, известување и верификација на емисиите на стакленички гасови. Воедно, ќе се надградат анализите на ранливост од третиот Национален план за климатски промени, и ќе се ажурираат мерките за адаптација потребни да се задоволат специфичните потреби кои произлегуваат од несаканите ефекти предизвикани од климатските промени.
Извештаите ќе продолжат да го отвораат македонскиот пат кон ниско јаглеродно општество, по кој државата ќе се движи навидум со мали и бавни чекори, но со постојано зголемување на амбициите за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Проектот ќе се реализира со поддршка на Глобалниот фонд за животна средина во висина од 850 000 американски долари, преку УНДП како имплементирачка агенција и е надградба на континуираната заложба на државата во реализацијата на обврските кои произлегуваат од Рамковната конвенција за климатски промени на ОН и меѓународните договори за клима.