Насловна / Вести / Македонија ќе продолжи да дише без белите дробови

Македонија ќе продолжи да дише без белите дробови

Шумите покриваат 9,4 отсто од површината на Земјата или 30 отсто од вкупната копнена површина, но некогаш покривале дури 50 отсто. Оваа година бројките уште повеќе ќе се намалат поради големите пожари кои зафатија делови од Европа, а не остана поштедена ниту Македонија.

Стогодишни шуми изгореа во пожарите во Малешевијата, во високите делови на месноста викана Бајастепе, која се наоѓа на потегот меѓу Делчево и Пехчево. Силниот оган зафати огромен фронт и опустоши голема површина. Станува збор за катастрофа со огромни размери и тоа не само што е предизвикана материјална штета, опожарени се и пчеларници и бројни објекти, туку штетата има и еколошки и биолошки последици. По овогодинешните пожари во источниот дел од државата, Македонија ќе продолжи да дише без белите дробови.

pozari2021-1_resize

ОГРОМНА И НЕНАДОМЕСТЛИВА ШТЕТА

Колкава е штетата од годинешните пожари, допрва ќе се проценува, иако, несомнено, таа е огромна и ненадоместлива и веројатно бројките ќе покажат дека Македонија оваа година изгуби најголема шумска површина.

Минатата година биле евидентирани 102 пожари, со вкупно опожарена површина од 1.233,92 хектари, опожарена е дрвна маса од 8.138 кубни метри, при што е причинета штета од 81.071.150 денари. Вкупните трошоци за гасење на минатогодишните пожари изнесувале 1.329.734 денари. Бројот на пожари во 2019 година бележи зголемување во однос на бројот на пожари во 2018 година, за три пати. Шумските пожари просечно годишно уништуваат околу 9.076,51 хектари шума. Годишно во просек во периодот од 1999 до 2019 година има по 217 пожари. Во 2007 година поради екстремни суши и човечки фактор имало 652 пожара на околу 35 илјади хектари површина.

pozari2021-2_resize

Пропорционално со разгледуваните параметри претходно, вкупната штета од пожарите по години изразена во денари е најголема во 2007 година со вредност од 1.311.167.721,95 денари, а во 2019 година е со вредност од 808.669.316 денари. Годишно во просек во периодот од 1999 до 2019 година вкупната штета од пожарите изнесува 404.138.772,86 денари.

Првичните проценки се дека во пожарите во Малешевијата се изгорени меѓу четири и шест илјади хектари шума. Огнот имаше зафатено површина од Тработивиште и Стар Истевник на север до селото Мачево и градот Пехчево на југ, или околу 18 километри оддалеченост. Станува збор за еден од најубавите планински предели во земјата – Берово, Пехчево, Делчево, а пожарите ги зафатија и околината на Кочани, Битола, Гевгелија, Старо Нагоричане.

pozari2021-3_resize

ПОТРЕБНИ НОВИ ПОШУМУВАЊА

Во пожарите најмногу има изгорено борова шума и помали делови со даб и смрека.

Експертите велат дека штетите се огромни и дека тие нема да може да се санираат за година или две. Доколку надлежните почнат веднаш со расчистување на опожарените места од пролет веќе ќе може да се почне со пошумување на овие делови. Но, сепак како што велат експертите при пошумувањето ќе треба да се менуваат видовите со кои ќе се пошумува, да се изберат видови што се потешко запаливи, видови што брзо се обновуваат.

Јавното претпријатие „Национални шуми“ пошумувањата ги реализира според посебните планови за стопанисување со шуми во неколку фази според предвидената динамика, обработка на почвата (механизирана или рачна обработка на почвата, а во зависност од теренските услови). Изборот на дрвните видови за пошумување на предвидените површини е според едафско-климатските и педолошки услови, адаптибилни за успешнa прифатеност и понатамошен развиток на садниците. Во зависност од надморската височина и географската местоположба на локалитетите се пошумува со дрвни видови кои се адекватни во согласност со педолошката структура на почвените и климатските услови.

pozari2021-4_resize

Претпријатието, со годишниот изведбен план, кој е во согласност со посебните планови за стопанисување со шумите, реализира одгледни мерки како пошумување со шумски садници, подсејување со пошумување со семенски материјал, пополнување, санирање опожарени површини со пошумување и други одгледни мерки.

ЈП „Национални шуми“ одгледувањето и користењето на шумите го врши плански, во согласност со посебните планови за стопанисување со шуми, на начин што обезбедува трајно зачувување на нивната површина и зголемување на вредноста на шумите, постојано зголемување на нивниот прираст и принос, како и зачувување и унапредување на нивните општокорисни функции, кои се во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина. Заштитните функции на шумите се остваруваат преку заштита на земјиштето и други објекти од ерозија, влијание на водниот режим и режимот на ерозивните наноси, заштита на хидромелиоративните системи и објекти, заштита на населби и објекти од јавен и локален интерес во државна и приватна сопственост. Производствените функции, пак, на шумите се во насока на производство на дрво и други производи од шумата, како и производство на кислород.

Податоците од пошумувањето на нови површини покажуваат дека тие не се на нивото од пред неколку години. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјата биле засадени нови дрвја на површина од 569 хектари, што е второ најниско ниво во изминатава деценија по 2017 година, кога биле пошумени 553 хектари.

FB_IMG_1629452685463_resize

Шумските пожари се еден од најголемите проблеми во шумарството, но и за животната средина во целост. Поради пожарите големо количество на дрвна маса се уништува и тоа претставува економски проблем. Пожарите на шумите предизвикуваат загадување на воздухот, почвата и водата. Изгорените дрвја се извор за развој на патогени штетници. Потоа, постои зголемување на ерозивните процеси во изгорените површини, дебалансирање на водниот режим, губење на вегетацијата и опустување. Речиси 95 отсто од шумските пожари се предизвикани од човекот. Во овој период Министерството за внатрешни работи и обвинителството веќе работат на собирање докази за да утврдат дали за предизвикување на овие пожари е виновна човечка рака.

pozari2021_resize

ДРЖАВАТА НЕМА РАЗРАБОТЕН СИСТЕМ

Последните пожари во земјава во кои беа загрозени голем број населени места и градови, а изгоре непроценливо богатство, покажаа дека државата нема систем за справување со огнената стихија, има ограничени човечки и технички ресурси, а сите решенија ги носи ад хок. Во вакви услови, јавноста повторно го поставува прашањето зошто државата нема разработен систем на цивилна заштита. Нема одговор ниту на тоа зошто не се наменети средства за набавка на нови противпожарни камиони, зошто постоечките не се обновени половина век, зошто не се одржуваат постојните „ер-трактори“, но и зошто нема обуки на цивилни лица за вклучување во спасувачки акции при природни непогоди. За сето ова потребно е да има нов систем во кој цивилното население би имало поголема улога во справувањето со стихиите предизвикани од климатските промени, а кои од година на година стануваат сè поинтензивни на овие простори. Ова е систем што државата мора да го воведе и да се работи на усовршување затоа што помошта од соседите е добредојдена, но огнените стихии беснеат и во останатите држави, а секогаш се гледа прво во сопствениот двор, а потоа настрана.

* * * * *

За санација ќе биде потребно многу долго време

Шумата што ќе изгори тешко може да се обнови. Станува збор за непроценливо богатство, еден од најважните ресурси за секоја држава. Последиците од пожарите и уништувањето на шумите се рефлектираат во многу сфери од нашето живеење, вели Јулијана Николова, директор на ЈП „Национални шуми“.

FB_IMG_1629452660852_resize

По првичниот увид од теренот, според неа, може да се забележи дека на одредени места огнот направил вистински пустош. „Веќе се работи на собирање на податоците од сите подружници за да видиме точно колкава е штетата што беше предизвикана. Потоа ќе чекаме Инспекторатот за шумарство и ловство да изготви решение со кое ќе нè задолжи да направиме санација на теренот и во рок од две години да извршиме пошумување. Пошумувањето ќе се врши во консултација со стручни лица, кои ќе треба да одредат на кој терен какви садници треба да се садат, дали тоа ќе бидат истите дрвја што изгореа или, пак, ќе се пошумува со други видови. Секако располагаме со доволно садници со коишто ќе се обидеме да го спасиме шумското богатство проголтано од огновите“, додава Николова. Според неа за санација ќе биде потребно многу, многу долго време. За обнова на изгорените површини сметам дека е реално да очекуваме дека ќе ни требаат повеќе децении за да дојдеме до фазата во која се наоѓала шумата која изгорела. Тоа е страшно долг период, што пожарите кои ни се случуваат ги прави катастрофални, додава таа.

FB_IMG_1629452707451_resize

Од јавното претпријатие се согласни дека преземањето на различни мерки за превенција и едукација, како и измена на одредени закони се најдобриот начин да се заштитат шумите од пожари. Директорката Николова вели дека неопходно е воведувањето на модерни технологии, кои можат да го надоместат недостатокот на човечки кадар во чувањето на шумските површини.

„Клучни фактори се подигнување на свеста на граѓаните, преку постојано апелирање до сите граѓани на крајно внимание и одговорност да ги зачуваме шумите од пожари со добро осмислени кампањи за важноста на шумите, како и совесно однесување од страна на сите посетители на шумите. Од друга страна потребно е обезбедување смарт системи со сензори за рано детектирање пожари. Сензорот во голем радиус детектира дим и алармира уште во раните стадиуми, а технологијата е толку напредна што може да предвиди каде може да се движи пожарот или со која јачина да биде“, посочува Николова.

Испрати коментар

Scroll To Top