Современото живеење во целиот свет е обременето со заеднички проблеми како што се климатските промени, криминалот, сиромаштијата, болестите и исцрпеноста на природните ресурси. Овие проблеми не ги почитуваат границите меѓу земјите, или границите меѓу изградените и неизградените области, ниту степенот на развиеност и економска моќ. Ниту една земја, ниту една населба не се исклучени од овие глобални проблеми.
Оттука, меѓународните организации многу агилно изготвуваат низа инструменти и глобални агенди/програми, кои имаат за цел обезбедување на потребните насоки за урбанизација и развој со акцент на подобрување на животната средина и квалитетот на живот. Во итната потреба од справување со растечките проблеми на глобално ниво, Обединетите нации како најсеопфатна меѓународна организација, изготвува низа на договори, конвенции, повелби и декларации во кои како главна цел ја декларираат „одржливоста“ и „одржливиот развој“. Овие документи и насоки не се обврзувачки и секоја земја за себе одлучува колку и како ќе ги имплементира и постигне, но глобално е прифатено дека сите земји својата иднина ја гледаат во нивно достигнување.
ЦЕЛИ НА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Најновите инструменти се изготвени по донесувањето на Агендата 2030 и 17-те Глобални одржливи цели, во 2015 на јубилејното, 70-то Генерално собрание на Обединетите нации, на 25 септември во Њујорк, и истите секојдневно се усовршуваат и дополнуваат, со цел нивно поефикасно постигнување и добивање видливи резултати.
Целите на одржливиот развој (или Глобалните цели за одржлив развој) се збир од 17 глобални цели поставени од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Формалното име на Целите за одржлив развој е „Трансформирање на нашиот свет: Агендата за одржлив развој до 2030 година“ или скратено како „Агенда 2030“. Целите се генерални и меѓузависни, но секој од нив има посебна листа на потцели/таргети кои треба да се постигнат. Постигнувањето на сите 169 потцели ќе значи остварување на сите 17 цели. Целите за одржлив развој – ЦОР опфаќаат прашања од областа на социјалниот и економскиот развој, вклучувајќи сиромаштија, глад, здравје, образование, глобално затоплување, родова еднаквост, вода, канализација, енергија, урбанизација, животна средина и социјална правда.(сл. 1)
Слика 1. Глобални одржливи цели (извор: SUSTAINABLE DEVELOPMENT KNOWLEDGE PLATFORM https://sustainabledevelopment.un.org/?menu=1300)
Целите за одржлив развој се особено значајни за самите градови поради поставувањето на цел која посебно го третира проблемот на градовите по себе. Целта 11 – Градовите и човечките населби да се направат инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи, дополнително е расчленета на уште 7+3 потцели, со дадени индикатори за мерливост на постигнатите резултати (табела 1)
Табела 1. Цел на одржлив развој 11
ЦОР 11: ГРАДОВИТЕ И ЧОВЕЧКИТЕ НАСЕЛБИ ДА СЕ НАПРАВАТ ИНКЛУЗИВНИ, БЕЗБЕДНИ, ОТПОРНИ И ОДРЖЛИВИ | |
Цел (таргет) 11.1. | Цел (таргет) 11.6. |
До 2030, да се обезбеди пристап за сите до соодветно, безбедно домување и основни услуги по достапна цена и да се подобрат условите во сиромашните квартови. | До 2030, да се намалат негативните еколошки последици на градовите по глава, вклучително преку посветување на посебно внимание на квалитетот на воздухот и општинското и друго управување со отпадот. |
Цел (таргет) 11.2. | Цел (таргет) 11.7. |
До 2030, да се обезбеди пристап до безбедни, достапни и одржливи системи за превоз за сите по достапна цена, подобрувајќи ја безбедноста на патиштата, имено преку проширување на јавниот превоз посветувајќи посебно внимание на потребите на оние што се наоѓаат во ранлива ситуација, лицата со попречености и постарите лица. | До 2030, да се обезбеди универзален пристап до безбедни, инклузивни и достапни зелени и јавни простори, особено за жени и деца, постари лица и лица со попречености. |
Цел (таргет) 11.3. | Цел (таргет) 11.a. |
До 2030, да се зајакне инклузивната и одржлива урбанизација и капацитет за партиципативно, интегрирано и одржливо планирање и раководење со човечки населби во сите земји. | Поддршка на позитивни економски, социјални и еколошки врски меѓу урбаните, пери-урбаните и руралните области со јакнење на планирањето на националниот и регионален развој. |
Цел (таргет) 11.4. | Цел (таргет) 11.б. |
Зајакнати напори за заштита на светското културно и природно наследство. | До 2020, значително зголемување на бројот на градови и човечки населби кои усвојуваат и спроведуваат интегрирани политики и планови за вклучување, ефикасност на ресурси, олеснување и прилагодување на климатските промени, отпорност на катастрофи и развој и спроведување, во согласност со Рамката за намалување на ризикот од катастрофи од Сендаи за 2015-2030, на холистичко управување со ризик од катастрофа на сите нивоа. |
Цел (таргет) 11.5. | Цел (таргет) 11.в. |
До 2030, значително да се намали бројот на смртни случаи и бројот на погодени лица и значително да се намалат директните економски загуби поврзани со глобалниот бруто-домашен производ предизвикани од катастрофи вклучително непогоди поврзани со вода, со фокус на заштита на сиромашните лица и лицата во ранлива позиција. | Да се поддржат најмалку развиените земји, вклучително преку финансиска и техничка помош во градењето одржливи и отпорни згради со користење на локални материјали. |
Редизајнирање на улиците во историскиот центар на Мескико, 2014
ЛОКАЛИЗИРАЊЕ НА ЦЕЛИТЕ НА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Имплементацијата на одржливите цели е наречена „Локализирање на ЦОР“ со цел потенцирање на улогата на локалните институции и локалните актери. Бројни агенции, невладини и владини организации, групи на грѓани, деловни субјекти и сл., се дел од заедница која се бави со имплементација и постигнувањето на Одржливите цели и Агендата 2030. Постојано се изработуваат насоки, препораки, методолошки сетови и алатки за глобална употреба, но со потенцирање на спецификите. Сите учесници се обединети околу идејата за поинтензивно постигнување, размена на знаења и алатки, поддршка, но и многу значајниот сегмент на мерење и следење на резултатите. Во време на дигитална ера и доминација на ИТ-информатичките технологии, клучен сегмент е искористување на можностите за сеопфатно и целисходно собирање податоци, нивна обработка и донесување заклучоци. Отворен е голем фронт на размена, промислување и подобрување на алатките, инструментите и валидното претставување ширум светот.
На пример, ОН Хабитат и Глобална работна група на локални и регионални влади, имаат создадена платформа за учење со алатки и насоки за локализирање на ЦОР-овите (www.localizingthesdgs.org). Tие исто така соработуваат и со повеќе агенции на ОН, вклучително и Хабитат на ОН, УНВ, УНЦДФ и УНИЦЕФ, како и Иницијативата за локална иницијатива 2030 година, која ги спојува сите агенции на ОН заедно со генералниот секретар на ОН.
Редизајнирање на улиците во историскиот центар на Мексико, 2014
УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ
Урбанистичкото планирање, иако има долга историја, почнувајќи од Хиподам и планирањето на античкиот град Милет во 5 в. пр. н. е., сепак е релативно млада струка во глобални рамки. Поинтензивно се развива во 19-тиот век и оттогаш многу се посветува внимание на контролирано планирање, градење и развивање на градовите.
Уште од самите почетоци појавата на урбанистичкото планирање е врзана со потребата за ставање ред во градот. Неконтролираното градење, од една страна ја отежнувало контролата врз просторот, но и врз граѓаните, а од друга страна, било пречка за остварување на заедничките потреби, од базичните како инфраструктура до подобар квалитет на живот. Имено, со брзото растење и трансформацијата на физичката структура на градовите, предизвикана од индустријализацијата, и притисоците од новиот општествен поредок, капитализмот, се увидело дека изградбата се одвива по економските механизми и правила. Наеднаш, она што се заеднички потреби и заедничко добро, како никогаш дотогаш е под силна закана на приватниот капитал и узурпаторските напливи. Се гради без да се размислува за условите за базично функционирање на градот, а уште помалку на квалитетот на живот. Граѓаните, нивните потреби, здравје, среќа, во капитализмот не се предмет на интерес, а единствено интересно е колку може да се заработи од градбите, незнависно дали тоа се објекти за домување или за производство. Неподносливите услови во градовите, особено во 19-тиот век, поттикнуваат филантропски размисли како да се подобрат и како да им се обезбеди пристојно место за живеење, па оттаму во креирањето на нови теории за град се вклучени повеќе социолози, филантропи, политичари и сл.
Одржливо урбанистичко планирање
Она што денес се случува во светот и доминацијата на неолибералната економија поттикнува нови мерки за контрола на дивеењето во градовите. Имајќи ја предвид глобалната заложба за „одржливост“, „одржлив развој“ и уште повеќе „одржливиот урбан развој“, се креираат нови препораки, методологии, стручни правилници и сетови на алатки за еден нов урбанизам и ново и современо урбанистичко планирање, т.н. „одржлив урбанизам“ или „одржливо урбанистичко планирање“. Во потрагата по нови начини на планирање на градовите се раѓаат и нови, но се оживуваат и старите проверени теории за уредување на „одржлив град“! Тука може да се најдат препораки и насоки за користење на традиционалните проверени „градови по мерка на човекот“, „градови за луѓе“, но и „екоградови“, „паметни градови“, „зелени градови“ и сл.
Копенхаген, Данска. Гостопримлив град и за пешаци и за велосипедисти поради кои луѓето ориентираниот урбан дизајн кој го пропагира арх. Јан Гел. Фотографија од Justin Swan/Flickr.
ПАТОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА КОН ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ
Република Македонија е соочена со истите проблеми со кои се соочуваат сите земји во светот, а во последните години за жал стана и „лидер“ на најзагадените градови во Европа и пошироко. Државата на највисоко ниво, како членка на Обединетите нации, ги има прифатено Целите за одржлив развој, уште на Генералното собрание кога се донесени, заедно со уште 192 земји членки.
Започнат е процесот на имплементација од највисоко владино ниво, чиј носител е вицепремиерот за економски прашања и национален координатор за одржлив развој, уште во 2016 година, со поддршка на Канцеларијата на УНДП во Р Македонија. Со Обединетите нации, преку постојниот координатор во Р Македонија потпишана е и новата петгодишна страгегија „Партнерство за одржлив развој“. Целта на документот е промоција на рамномерен и одржлив развој, како и поддршка на интеграцијата на Македонија во Европската Унија. Договорени се пет приоритетни области за соработка: вработување, добро владеење, социјална вклученост, одржливост на животна средина и родова еднаквост.
Р Македонија е вклучена од самиот почеток на дефинирање на новиот пристап, т. н. „одржлив развој“, уште од Конференцијата во Рио 1992 година и учествува во работата на Обединетите нации за постигнување на одржливите цели.
Изготвени се Националната стратегија за одржлив развој од 2011 година, имплементирани се Милениумските одржливи цели и направена е евалуација на постигнатиот и следствено на тоа се изготвени бројни стратегии, студии и документи кои го поддржуваат процесот на одржлив развој.
Урбанистичкото планирање во Република Македонија и вграденоста на Целите на одржлив развој во креирањето на градовите
Урбанистичкото планирање во Р Македонија е регулирано со Законот за просторно урбанистичко планирање, кој во своите основни „начела во процесот на планирање и уредување на просторот“ декларира „одржлив развој“.
Законот за просторно урбанистичко планирање (Сл. весник на РМ, бр. 199/2014)
Член 4
(1) Со просторното и урбанистичкото планирање се одредуваат основните начела
во процесот на планирање и уредување на просторот.
(2) Начела во процесот на планирање и уредување на просторот се:
– рамномерен просторен развој,
– рационално уредување и користење на просторот,
– услови за хумано живеење и работа на граѓаните,
– надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет,
– одржлив развој,
– заштита и унапредување на животната средина и природата,
– заштита на недвижното културно наследство,
– заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и
хаварии и
– јавност во постапка за донесување и спроведување на планската
документација.
Проект на данскиот архитект Steffen Impgaard – Мала градинарска колипка отворена за граѓаните за поттикнување на урбаното градинарство, бо Архус
Ова начело стои уште од изворниот закон од 2005 година, но до денес не е декларирано што тоа значи!
Сепак, во повеќето начела може да се препознаат дел до заложбите за одржлив развој и секако поставените цели и потцели. Но, тоа не е доволно, ниту доволно препознатливно, ниту доволно објаснето.
Проблемот е уште поголем поради фактот дека многу ретко некој од планерите, во нашата земја архитектите кои имаат „овластување за изработување на урбанистички планови, односно планер, потписник на планска документација“, слушнал за поимите „одржлив развој“, „одржлив урбан развој“, „цели за одржлив развој“, ниту пак видел некој документ околу овие светски заложби. Има планери кои сепак слушнале и знаат, но се наоѓаат во неколку позиции и тоа:
не знаат како да ги вградат во планирањето и планските документи;
бараат појасно нивно дефинирање и егзактни насоки;
не ги интересира и работат рутински и сл.
Во процесот на планирање на урбаниот развој, има вклучено и голем број на инженери од другите струки кои се дел од планерскиот тим (електро, машински, хидро, сообраќајни, за животна средина и сл.), кои исто така имаат голем удел во креирање на одржливи или неодржливи градови. За жал, иако некој од струките се поупатени во одржливиот развој, сепак недоволно одговорно пристапуваат кон планирањето на нивните сегменти и не вградуваат поодржливи решенија.
Проблемот секако не е едноставен и за занемарување, имајќи предвид дека од ден на ден состојбата во градовите во Р Македонија е сè полоша и уште пострашна, а новите планови дополнително ја влошуваат состојбата!
Каде да се лоцира проблемот и како да се надмине!
На ова прашање не може да се даде лесен одговор и брзо и ефикасно да се постапи.
Интересно е дека колку и да се апелира како поединци или како упатени стручњаци, главниот збор, во глобални рамки, го имаат политичарите од највисоко до најниско ниво во хиерархијата на водење просторни и урбанистички политики.
Во Македонија се потрошени многу години и сега е тешко да се фати чекор со светот, за жал, дури и со послабо развиените земји, кои многу сериозно ја сфатиле состојбата со нарушениот квалитет на живот во нивните земји и потребата од итни мерки. Започнатиот процес на имплементација на Агендата 2030, и по две години е сосема на почетно ниво, а вградувањето на ниво на урбанистичко планирање ниту оддалеку не е започнато.
Во нашата земја урбанистичкото планирање е поставено како систем на хиерархиски поврзани плански документи од највисоко ниво – Просторен план, кон урбанистички планови, од: Генерален урбанистички план до Детален урбанистички план. Оттука, генералните насоки за иден развој на територијата на Република Македонија ги дава Просторниот план на Р Македонија, како највисок стратешки документ за просторен равој. Овој документ би требало да има ускладени насоки за иден развој и во координација со Националната стратегија за одржлив развој. И со двата документа, проблемот е што тие се изработуваат за подолг временски период, но уште повеќе што не се ниту временски ниту програмски ускладени. ПП на РМ – 2002-2020, НСОР на РМ – 2009-2030.
Стратешките документи на Р Македонија не се во координација ниту со агендите/програмите кои ги донесуваат Обединетите нации, ниту со Европската Унија кон која целиме. Така, новата Агенда 2030 на ОН, донесена 2015 и која треба да се достигне до 2030, како што беше посочено не е вградена во овие два клучни стратешки документи.
Урбанистичките планови се проблем по себе во достигнувањето на одржливите цели. Целта и нејзините потцели, кои се однесуваат на градовите, 11- Градовите и човечките населби да се направат инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи, е нешто за кое ниту се почнало да се размислува, ниту да се вградува.
Ако како пример се разгледа Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022, може да се види дека изготвувачите на планот знаат за „одржливите цели“, и голем број од насоките за иден развој се во рамките на посакуваниот одржлив развој. Но, нивното вградување во плановите од пониско ниво, деталните урбанистички планови, само декларативно ги пренесуваат насоките, најчесто само во воведот, но самите плански решенија, не само што не целат кон одржлив урбан развој, туку напротив форсираат екстремно интензивен и крајно неодржлив развој. Доволно сведоштво за тоа се постојаните проблеми со кои се соочуваме во градовите и тоа како: колапс на сообраќајот, енормна загаденост, пораст на заболени лица, особено деца, од болести кои се дефинирани како „градски болести“, недоволно снабдување со основните комунални потреби (вода, струја, одведување на фекалии и атмосферски води, отстранување на отпад), немање место во градинките и училиштата, небезбедност, ризици од пожари, рушење и други непогоди и сл.
Но, проблемот не е само во урбанистичките плански документи, поголемиот проблем лежи во креирањето на градските развојни политики! Овие политики бараат свесни и информирани политичари, градски советници – претставници на граѓаните во градските и општинските совети, службеници во локалната самоуправа и сите на некој начин вклучени во политиките и грижата за градот.
Од последната предизборна кампања во 2017 за локалната самоуправа, може да се види упатеноста на креаторите за „одржливоста“, „одржливите цели“, „одржливите градски политики“! Како флоскули стојат во генералните програми и тоа во областа на: енергетика, шумарство, биолошка разновидност, децентрализација на планирањето, власт блиска до граѓаните, но во поединечните програми за општините нема ниту еден збор „одржливост“ .
Уште повеќе, локалните власти не ја сфаќаат сериозно својата улога во обезбедувањето на пристоен живот за граѓаните чија доверба ја добиле! Најчесто неодговорно се однесуваат кон подготвувањето на програмите, во случајов на пример Програмата за планирање, која е наменета токму за изработувањето на урбанистичките планови. Не се планира рамномерно и приоритетно планирање на деловите од градот, планските програми се без јасно поставени визии, стратешки и програмски цели. Сите плански програми кои се изработуваат како насоки за изработка на урбанистичките планови личат едни на други и сеедно е дали се работи за Дебар Маало, Инџиково, Богданци, Маврови Анови… Исти реченици, исти содржини.
Како да се надмине?!
Надминувањето на некој проблем е секогаш возможно, ако се препознае проблемот, ако најдеме репери, си поставиме јасни цели и работиме на нивното постигнување!
Досега во Република Македонија се направени многу проекти, многу експерти работат на изнаоѓање решенија, многу се финансира во постигнувањето на „одржливи градови“! Потребни ни се прочистувања и дополнувања на многу закони, консолидирање на политиките, креирање на визии и стратеги и поставување цели и спроведување акции! И секако едуцирање на: политичарите, креаторите на градските политики, одлучувачите (членовите на градските и општинските совети), локалната самоуправа, изготвувачите на плановите и секако спроведувачите и мониторите! Сите имаат што да научат, но прво да се прашаат себе си: Дали сум граѓанин? Дали и мене ме засега одржливиот развој на градот? Дали ги засега моите, особено моите деца, во каква средина ќе живеат и растат?“ Сè додека секој поаѓа само од една позиција, и ја нема целосната претстава што ја создава секоја неговата одлука, не може да се поправат градовите!
Затоа секој треба да ја прочита книгата на арх. Јан Гел од Данска и по неговите насоки да размислува да го подобри секое катче од градот и со тоа секој момент од својот живот!
Автор: Вонр. проф. д-р Дивна ПЕНЧИЌ