Министерството за економија во соработка со Светската банка, работи на формирање фонд за енергетска ефикасност, со чии финансиски средства ќе се спроведат мерки за заштеда на енергија во јавните згради.
Рокот за негово основање не се објавува, но сосема е извесно дека постапката ќе мора да се заврши што е можно побрзо. Покрај инвестициите од државата и локалната самоуправа, за формирање на фондот е предвидено да се земат и кредити од меѓународните финансиски институции.
Имплементацијата на мерки за подобрување на енергетската ефикасност кај јавните објекти би чинела 95 милиони евра, а дополнителни 12 милиони евра ќе треба да се вложат во енергетската контрола на објектите (енергетски аудит), како и подготовка на неопходната документација.
Во земјите членки на ЕУ, веќе од поодамна се реализираат програми за реновирање и реконструкција на јавните згради со цел заштеда на енергија, чекор што Македонија ќе мора да го следи.