Се почест е бројот на македонски компании кои внимаваат на енергетската ефикасност, на заштедата на енергија како начин да ја подобрат својата рентабилност и да остварат подобри финансиски резултати. Во услови на висока цена на електричната енергија поради недостиг на сурова нафта и јаглен на светските берзи, а со оглед на фактот што овие доминантни извори на енергија се и причинители на т.н. глобално затоплување, пред секоја земја се повеќе се наметнува императивот за подобрување на нејзиниот енергетски биланс. На долг рок инвестициите во обновливи извор на енергија, добиени од ветар, биомаси и мали водотеци би биле исплатливи, смета Сања Божиновска, директор на секторот за трговија со електрична енергија во „Руднап“, една од најголемите компании за трговија со струја во Југоисточна Европа, присутна и во Македонија преку партнерската компанија Energy services, како лиценциран трговец со електрична енергија. Според неа и понатаму надлежните органи треба да работат на подобрување на условите за инвестиции во овој сегмент, со цел што повеќе да ги мотивираат приватните субјекти да инвестираат. Со поттикнување на инвестиции ќе се отворат нови работни места, дополнително ќе се ангажира градежната индустрија, што севкупно ќе доведе до регионален енергетски развој. Компанијата Energy services , овој месец слави јубилеј две години од своето работење во Македонија, кој ќе биде обележан во Скопје, пред голем број на енергетски експерти од регионот, компаниски менаџери, како и државни претставници. Стратешка цел на „Руднап“ е да го искористи својот потенцијал за трговија со електрична енергија, преку развој, изградба и управување на сопствените производствени капацитети преку инвестиции во проекти со кои се искористуваат обновливите извори на енергија. http://www.rudnap.com/english/
Со процесот на либерализација сметките на струја навистина поевтинија, но балансирањето за април ќе се случи во јуни, па тогаш и попрецизно ќе се види финалната цена, што зависи и од повеќе надворешни фактори, пред се од цената на странските берзи. Но конкуренцијата веќе се зголеми, што доведе до понуда на нови производи и услуги, смета Божиновска. Во Македонија најнеопходно е да се инвестира во производствени капацитети, и во уште една енергетска поврзаност со Србија, особено потребна бидејќи моменталната поминува низ Косово, како и во директна поврзаност со Албанија. Диверзифицирано производство на електрична енергија, позитивно ќе влијае на енергетскиот баланс, ќе ја намали увозната зависност, ќе влијае и на цената што во моментов е субвенционирана за повеќе деловни субјекти. Македонија до 2020 година, 20% од вкупното производсто на електрична енергија треба да ја добива од обновливи извори на енергија, што е просек и на дел од земјите членки на ЕУ, како Бугарија и Естонија.
Македонија и земјите од блискиот регион малку доцнат со процесот на искористување на обновливите извори на енергија, а последните европски тенденции, на намалување на субвенцииите за овој тип на енергија во повеќе ЕУ земји, не треба да влијаат обесхрабрувачки. Според извештајот на Обединетите нации за околината (UNEP), во 2013 година се намалиле инвестициите во продукција на енергија од обновливи извори за 14 проценти во однос на минатата година, што се случува за првпат во историјата, а Кина првпат ја надмина ЕУ според вредноста на инвестициите. Но и покрај тоа, обновливите извори на енергија во вкупното производство на електрична енергија бележат процентуалан раст на 8,5 %, во однос на 7,8% учество во 2012 година. А ако се исклучи хидроенергијата, делот на обновливиот сектор во новоинсталираните производствени капацитети учествува со над 43,6%, а соларната енергија е најинтересна за инвестиции. Тенденциите се јасни, иднината е во зелената енергија која не ја загадува околината, го спречува глобалното затоплување и е обновлива. Вложувањата во обновливи извори, нуклеарна енергија и складирање на јагленот, како и пошумувањето мора да се зголеми за три до четири пати до 2050 година според извештајот на ОН, со цел да се спречи глобалното затоплување на 2 степени Целзиусови.