„Климатските промени-реалност или илузија“ е темата на која денес претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање разговараа со граѓанските здруженија, Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) кои работат на темата климатски промени. Работилницата беше организирана по повод одржувањето на глобалната Конференција за климатски промени која се одржува во градот Катовице во Полска.
Климатските промени се област каде Македонија има исклучително добар напредок и според светските критериуми е препознаена како една од 16-те климатски најамбициозни држави. Ова го потенцираше заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули кој нагласи дека постои цврст линк помеѓу климатските промени и другите области на животната средина меѓу кои и аерозагадувањето.
Според Макрадули, Македонија е една од ретките земји каде веќе се работи Четвртиот национален извештај и Третиот двогодишен извештај за климатски промени по што сме многу понапред и од некои држави членки на ЕУ. Успехот во оваа област Макрадули го гледа во соработката со МАНУ, со УНДП, проектната единица која што се грижи за климатските промени и секако со невладиниот сектор.
Наташа Марковска од МАНУ вели дека е потребна итна акција за да се ограничи температурата и да се зголемат амбициите.Според неа можно е температурата до крајот на овој векда се зголеми самоза 1,5 до 2 степена, но за тоа да се случи потребно е да се направат огромни драматични промени в о општеството. “За да се остварат овие цели, само 1,5 степени покачување на температурата до крајот на овој век, тогаш потребно е до 2047 година со 66 отсто да постигнеме карбонски неутрален свет, а до 2058 година со 50 отсто да сме сигурни дека ќе имаме карбонска неутралност. Исто така до 2050 година дека 70-85 отсто од енергијата што се користи да биде од обновливи извори“, нагласува Марковска. Според неа секторите шумарство и земјоделство се оние во кои најмногу треба да се делува, а до 2030 година треба емисиите на стакленички гасови да се помали за 45 отсто во однос на 2010 година.
За да не се дозволи климатските промени секој да ги толкува на свој начин и низ своја перспектива, туку да се разгледуваат врз факти засновани на научни истражувања, потребно е развивање на правилна комуникација и споделување на податоци со сите засегнати страни и на потребното ниво. За ова цел изработена е Комуникациска стратегија и Акциски комуникациски план за чија имплементација е задолжена Канцеларијата за комуникација со јавност на МЖСПП. Со нив се предвидува како анализите од националните извештаи за климатски промени да се преточат во лесно разбирливи акции, а добрите практики и искуствата да се споделуваат со цел климатските промени да ги гледаме како реалност, а не како илузија.
На претставниците на невладиниот сектор им беа презентирани и интернет алатките, со кои можат многу едноставно да ги споделуваат, но и да ги добиваат информациите од националната веб страница: www.klimatskipromeni.mk која треба да прерасне во национална платформа за #КлиматскаАкција.