Насловна / Вести / Македонија бара да увезува отпад од ЕУ

Македонија бара да увезува отпад од ЕУ

Само 24 земји досега ја информирале Европската комисија дека сакаат да прифатат отпадни материјали, а меѓу нив е и Северна Македонија. Од земјите од регионот, коишто не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), заинтересирани за увоз на неопасен отпад од ЕУ се само Србија и Босна и Херцеговина.

Македонија бара да увезува осумнаесет типови на отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија. Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и  маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло. Целосната листа неодамна ја објави Министерството за животна средина, информирајќи дека таа ќе биде доставена до Европската комисија.

Во следната фаза, Европската комисија е таа којашто ќе треба да одлучи дали земјата има капацитет да управува со овој отпад на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството. Од тоа зависи дали земјата ќе се најде на листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ.

Построги правила за извоз на отпад

Течат последните рокови за исполнување на оваа обврска, којашто е наметната со новите регулативи на Европската Унија за увоз, извоз и транзит на отпад, кои се на сила од 2024 година, а ќе почнат да се применуваат од 2027 година. Со нив, ЕУвоведува построги правила за извоз извоз и транзит на неопасен отпад.

Извозот на неопасен отпад од „зелена листа“, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите кои имаат капацитети кои ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад.

Според новата регулатива, од ноември 2026 година до мај 2029 година ќе има целосна забрана и за извоз на отпад од пластика, вклучувајќи го и неопасниототпад од пластика. По завршување на овој период Македонија и земјите кои не се членки на ОЕЦД, заинтересирани за увоз на отпад од пластика, ќе треба да го докажат својот капацитет да управуваат со таков отпад на еколошки здрав начин, за да бидат вклучени во листата во кои овој отпад ќе може да се извезува од ЕУ.

Стравувања на екологистите

Екологистите во Северна Македонија со години ананазад апелираат за воведување на построги контроли и лабораториски анализи при увозот, поради опасноста во земјата да заврши и опасен отпад. Тие бараа засилена контрола на отпадот на граничните премини и на царина, но и да не се дозволува увоз на отпад што може да се користи како извор на енергија.

„Тешките метали што индустријата, нафтата и мазутот ги испуштаат, се канцерогени. Има разлика дали повеќе тешки метали ќе се вдишат и дали ќе се вдишат многу канцерогените диоксини и фурани кои се ослободуваат од горење на отпад“, предупреди на надзорната расправа на собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во вторникот(25.02), Татјана Чакулев од „О2  иницијатива“, зборувајќи за изворите на загадување коишто влијаат врз здравјето на македонските граѓани.

Според неа, тие не мора да покажат покачување на ПМ честичките во воздухот, но „можеме да почувствувале огромна смрдеа која задушува и да има огромно ослободување на овие диоксини и фурани кои се неверојатно канцерогени, а остануваат  во воздухот и природата, и се таложат во организмот“, рече Чакулев.

Пристигнале 24 барања

Европската комисија потврди дека 24 земји поднеле апликации да продолжат да примаат рециклирани материјали и по крајниот рок од мај 2027 година, кога стапува на сила новата регулатива на Унијата. Според Бирото за меѓународно рециклирање (БИР) со седиште во Брисел, дваесетината нации идентификувани од ЕК ја започнале постапката за да продолжат да прифаќаат отпадни материјали испратени од ЕУ по тој рок.

Од земји кои не се членки на ОЕЦД до првичниот рок до 21 февруари, апликации покрај од Македонија, Србија и БиХ, пристигнале и од Бангладеш, Египет, Ел Салвадор, Индија, Индонезија, Казахстан, Малезија, Молдавија, Монако, Мароко, Нигерија, Саудиска Арабија, Пакистан, Филипини, Сингапур, Тајван, Тајланд, Того, Тунис, Украина и Виетнам. Со тоа, на списокот се најдоа најголемите приматели на отпадни материјали кои се извезуваат од континентот, но на листата недостигаат Кина и Хонг Конг. На листата нема и многу земји коишто иако имаат постоечки топилници и фабрики за хартија, не можат да го инсталираат потребниот капацитет за рециклирање во блиска или среднорочна иднина.

Пет тони отпад по жител

Управувањето со отпадот на еколошки здрав начин и користењето на секундарните материјали што тие ги содржат се клучни елементи на политиката за животна средина на ЕУ. Податоците покажуваат дека Европа создава многу повеќе отпад отколку што рециклира.

Според Европската комисија, пет тони отпад годишно создава во просек секој жител на Европа. Само 38 проценти од отпадот се рециклира, а над 60% од отпадот од домаќинствата се уште завршува на депонии во некои од земјите на ЕУ.

За споредба во 2021 година, секое лице кое живее во ЕУ генерирало 36,1 килограм отпад од пластична амбалажа. Обемот на генериран отпад од пластична амбалажа по жител се зголемил за околу 29% помеѓу 2010 и 2021 година. Вкупниот пластичен отпад произведен во ЕУ во 2021 година изнесува 16,13 милиони тони. Околу 6,56 милиони тони пластичен отпад биле рециклирани. Половина од пластиката собрана за рециклирање се извезува за да се третира во земји надвор од ЕУ. Извозот на сите видови отпад од ЕУ во земјите кои не се членки на ЕУ достигнал 33 милиони тони во 2021 година. Поголемиот дел од отпадот се состои од отпад од црни и обоени метали, како и отпад од хартија, пластика, текстил и стакло и главно завршува во Турција, Индија и Египет.

Извор: Дојче веле

Испрати коментар

Scroll To Top