Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ – Скопје одговори на поканата за учество на меѓународниот натпревар „European Architectural Medals for the Best Diploma Projects“ кој се одржа во Букурешт. Два магистерски проекти кои беа дел од избраните трудови се изработени од страна на архитектите м-р Мирјана Лозановска и м-р Силвија Шалева.
European Architectural Medals For The Best Diploma Projects (Eam Bdp) претставува годишен европски натпревар каде што се истакнати најквалитетните завршни проекти од постдипломски студии на повеќе европски и меѓународни универзитети за архитектура и дизајн.
Натпреварот е во организација на University of Architecture and Urbanism Ion Mincu (UAUIM) – Универзитетот за архитектура и урбанизам – Ион Минчу кој е универзитет со континуитет од 123 години искуство во архитектонското образование, European Association for Architectural Education (EAAE) – Европската асоцијација за архитектонско образование која претставува непрофитна организација посветена на промовирање на размена на идеи од областа на архитектонското образование и истражување низ цела Европа и The Architects’ Council of Europe (ACE) – Советот на архитекти на Европа.
Главна цел е да се препознае највисокото ниво на знаење и вештина на дизајнот употребени во решавањето на три влијателни теми на архитектонскиот дизајн и проектирање: пристап кон решавање на проблеми, социјална и еколошка свест (одговорност), иновативен одговор и оригиналност.
М-р Мирјана Лозановска под менторство на професорот Тони Васиќ изработи магистерски труд на тема „Пренамена и интегрирање на објект од индустријата во повеќенаменски центар од областа на културата“.
Во овој труд се истражува планирањето и оформувањето на еден град кој е во блиска врска со индустријата и нејзиниот развој. Истовремено е насочено посебно внимание кон урбанистичките планови кои го насочуваат урбаниот развој на градот Скопје и оставаат траен белег врз неговата просторно-физичка структура.
Со упатување на оваа тема, се поставуваат следните прашања: Која е улогата на постиндустриските остатоци и нивната врска со минатото? Како да се интервенира на врската помеѓу градот и постиндустриските остатоци?
Нудејќи ни видлива врска со минатото, постиндустриските остатоци ни помагаат да го дефинираме карактерот на нашата околина, истовремено играат и значајна улога како интегрални делови на колективната меморија на градот. Еден од начините за интервенција врз овие остатоци, без притоа да се изврши насилна трансформација на просторот, несомнено е преку одржување на континуитет.
Постсоцијалистичките промени се одразуваат на многу физички структури, а како примери на промена во еден општествен модел претставуваат постиндустриските остатоци.
Според овие констатации магистерскиoт труд се базира на истражување на конкретна локација во Скопје.
Преку реафирмација и идентификација на квалитетот на просторот е анализирана трансформацијата на фабричкиот комлекс „Купрум“ и адаптација на просторно- програмската целина, како и интервенција од архитектонски карактер.
М-р Силвија Шалева под менторство на проф. Викторија Еремеева изработи магистерски труд на тема: „Современ регионален центар за ортопедија, советување и научно истражување во Република Македонија“.
Станува збор за актуелна тема во 21 век, болниците за рехабилитација, наспроти зголемената потреба од физикална терапија и медицина од друга. При проектирање на болници, она што е важен фактор е како преку создавање одредени простори или атмосфери се влијае на значително побрзо закрепнување на пациентите. Со тоа се поставува прашањето, како архитектурата всушност влијае, или кои се принципите според коишто треба да се проектира болница?
Опкружувањето, односно природата и амбиентите со зеленило се нераскинлив дел од концептите на болници за физикална терапија, кои притоа се примарен фактор при процеси на рехабилитација и терапија. Kонцептот за спојување на спортско-рекреативен простор и болница за физикална терапија и рехабилитација го менува класичниот модел на болничка институција. Се создава социокултурен модел кој дозволува посетителот на спортско-рекреативната зона и пациентот во болничкиот комплекс да осознаат, совладаат или да научат начини за заемен соживот, интеграција и да надминат одредени пречки.
Карактеристиките на локацијата кои треба да се проучат, негата на пациентите и односот кон останатите корисници се препознаваат преку архитектонската целина која нуди различни атмосфери, дефинирани отворени простори, јасно дефинирани влезни партии и скулптурална архитектура која нуди искуство и поинаков начин на перципирање на здравствените објекти.