Maggie’s Leeds Centre е добротворна организација која обезбедува бесплатна, практична и емоционална поддршка за луѓето заболени од рак. Центарот од 462 квадратни метри, лоциран во рамките на кампусот на Универзитетската болница St. James во Лидс, е 26-от центар на добротворната организација во Велика Британија, а проектиран од британското архитектонско биро Heatherwick Studio со седиште во Лондон.
Зелени градини се сместени на покривот на Maggie’s Centre, исто така растенија ги исполнуваат и дрвените ентериери, што придонесува во обезбедувањето поддршка за луѓето кои се соочуваат со рак и нивните најблиски.
Maggie’s Leeds Centre е замислен како група од три големи жардиниери, поставени на кос терен, изградени од дрво бука и префабрикувани елементи, и секоја од нив оформува просторија за советување. Тие го опкружуваат „срцето“ на центарот – кујната – како и повеќе социјални простори за групни активности, вклучувајќи библиотека и просторија за вежбање.
Потпирајќи се на филозофијата на Maggie’s и уверувањето дека добриот дизајн може да им помогне на луѓето да се чувствуваат подобро, Maggie’s Leeds користи неколку „здрави“ материјали и техники за заштеда на енергија. Конструкцијата на зградата е изградена од монтажен и одржлив систем од смрека. Порозни материјали, како што е варов малтер, помагаат во одржување на внатрешната влажност на природно вентилираната зградата, што е постигнато со внимателно разгледување на формата и ориентацијата на објектот.
Градината на покривот, проектирана од наградуваните пејзажни дизајнери Balston Agius, е инспирирана од шумските подрачја на Јоркшир и содржи автохтони англиски видови растенија, со подрачја зимзелени површини за да се обезбеди топлина во зимските месеци. Инспирирани од љубовта на Maggie Keswick Jencks кон градинарството, посетителите се охрабруваат да учествуваат во грижата за 23.000 луковици и 17.000 растенија на лице место.
Внатрешноста на центарот истражува сè што честопати се пропушта во опкружување за лекување: природни и тактилни материјали, меко осветлување и разни простори проектирани да ги поттикнуваат социјалните можности, како и тивкото размислување. Прозорски парапети и полици се наменети за посетителите да ги наполнат со свои предмети за да создадат чувство на дом. Бирото дизајнираше и две маси, инспирирани од дрвените перки на зградата и направени од плута и конструкција од бука, кои се наоѓаат во срцето на центарот.
Maggie’s Leeds Centre од читателите на ArchDaily е избран за најдобар објект за 2021 година во категорија здравствена заштита.