Насловна / Вести / Маџир Маало во расчекор меѓу минатото и сегашноста

Маџир Маало во расчекор меѓу минатото и сегашноста

Скопје е град со посебна приказна, создаван со векови, со историски слоеви, стари урбани четврти и архитектура во која многу генерации вградиле дел од себе.
И токму кога човек ќе помисли дека сето тоа резултирало во еден романтичен град, многуслоен и организиран по мерка на неговите жители, ќе погледне наоколу и ќе сфати дека таа приказна одамна завршила.

1
Денес имаме креатура од град, во кој владее сообраќаен хаос и хаотично паркирање, уништени зелени простори, масовна стихијна станбена изградба и недостаток на интерес за согледување на севкупниот контекст на просторот. Доминантниот интерес е свртен кон профитот и полнењето на општинските буџети. Време е да се постави прашањето: Што му сторивме на градот?
Шетајќи низ градот често се прашувам дали Скопје се срами од самото себе? Кога ќе дојде странец и гостин го водиме во старата чаршија и толку. Пешачка зона скоро и да нема, улица Македонија е кратка, а кејот, којшто барем во еден кус период беше уреден, е затворен од сите страни. Го нема веќе и мирисот на липите покрај Вардар кој скопјани толку многу го сакаа. Остана да му се радувам единствено на Градскиот трговски центар – пеперутката на Живко Поповски.
Со сите грешки и аномалии Скопје наликува на голем „пачворак-град“, а можеше да биде модерен европски град.
Општа и видлива е констатацијата дека со масовната градба во последните дваесет години компактноста на постоечките станбени структури е нарушена, а просторот деградиран. Некои делови на градот наликуваат на бразилски фавели. Најневралгични точки се новите населби Аеродром-воени бараки, новите градби на Водно, Буњаковец-Дебармаало, а во зародиш е новата населба Маџир Маало. Сите овие населби се со енормно зголемен број на жители, недоволна инфраструктура, недоволно паркинг- простор, градинки, школи, детски игралишта, зеленило. За кратко време ќе бараат решение за нормален живот.

2
Посебно интригантно е едно од последните неизградени парчиња од централното градско јадро – населбата Маџир Маало, во која е веќе почната градба на шесткатни и осумкатни станбени блокови. Ова маало веќе беше предмет на расправа во Општина Центар, во рамките на анализата на ДУП 2018-2023 во април 2018, а за кое извести Гоце Трпковски во текстот Ревизија на ДУП-овите или мрачна урбана иднина (Текстот е објавен на 28 април 2018 на www.prizma.mk).

КВАЛИТАТИВНА АНАЛИЗА НА УРБАНИСТИ

 

Визуелизација на постојна состојба 9горе0 и планирана состојба (доле)

Маџир Маало е старо амбиентално скопско маало изградено во втората половина на 19–тиот век како модерна урбанизирана населба. Маалото имало улици за колска запрега, велосипеди и пешаци, станбени површини за домување, продавници, дуќани за разни занаети, маалски фурни и чешми и за тогашни услови претставувало урбано живеење, кое нудело повисок квалитет на живеење од другите маала во Скопје. Денес тука, на простор од 0,1 квадратен километар се наоѓаат остатоци од сите епохи: од турско време од втората половина на 19-тиот век, од првата половина на дваесеттиот век кога угледни граѓани имале куќи во ова маало, па сè до повоениот период кога многу работнички семејства се населиле во маалото. Последниве години десетина нови седумкатници никнаа врз и меѓу и полураспаднатите куќи на Маџир Маало.

novo-staro-madzir-maalo-20-1024x678
Животот во Маџир Маало, во период од 73 години, сè до земјотресот во 1963 година, функционирал според планот од 1890 година. Идејното решение за градското јадро од 1964 година го опфаќа и Маџир Маало и тука предвидува булеварска улица и колективно домување, што никогаш не е реализирано. Оттогаш до денес се изработувани детални урбанистички планови во 2005, 2007, 2010, 2011 и 2018 година, но ниеден од овие не бил усвоен. Изработен е и ДУП од ИНПУМА во 2012 во кој се предвидени шесткатни и осумкатни објекти со површини за градење според имотната парцела. Врз основа на овој ДУП се издавани одобренија за градење на неколкуте објекти кои се изградени или сега се градат. Но, овој ДУП во моментов не случајно е под мораториум и се чекаат резултатите од ревизијата. Поради сè ова во изминатите сто години ова маало нема ажуриран документ за развој, нема канализација и друга инфраструктура, а објектите достоинствено и тивко пропаѓаат. Според последниот ДУП, предвидена е станбена населба од дваесетина блока со висина П+5+Пк, а некои и П+7+Пк во која во околу 1.700 стана треба да живеат 6.200 жители, што е за три и пол пати повеќе од сегашниот број. Со тоа оваа мала населба во центарот на градот ќе стане пренаселено станбено гето, во кое нема предвидено ни училиште, ни градинка. Не е предвидена ниту зелена површина, а ни детско игралиште. Само во мал број згради има услови да се реши паркирањето во рамките на градежната парцела, што создава ризик од сообраќаен хаос. Низ тесните улици проблематично е и изнесувањето на сметот, а под знак прашалник е и ефикасната противпожарна заштита. Тимот за евалуација на урбанистичките планови на Општина Центар констатира дека ако се изградат сите згради предвидени со ДУП во домовите нема да продира дневна светлина ниту една минута во зимските месеци. Плановите се правени според интересите на инвеститорот со прекумерно искористување на параметрите за градење и без минимално растојание меѓу објектите. Со други зборови зона на самракот.

КВАЛИТАТИВНА АНАЛИЗА НА УРБАНИСТИ
Од друга страна, поголемиот дел од куќите се веќе пропаднати, жителите живеат во супстандарни услови и притисокот врз општинските власти од страна на жителите е голем. Деталните урбанистички планови за ова маало се враќани околу 50 пати делумно и поради незадоволството на жителите, а делумно и заради политичките игри. И после сè што се случувало со овој дводецениски проблем, може да се констатира дека е ова урбан феномен за кој може да се напише и сними филм. Мислам дека општинските власти овој пат се исправени пред вистински предизвик. Ако е ова значаен простор во центарот на градот со неспорна вредност, ако добил некаков урбанистички пиедестал во плановите на Кензо Танге, тогаш тој заслужува итно и посебно внимание. Ако се земе предвид историската и амбиентална вредност како дел од историјата на Скопје, таа треба аргументирано да се докаже и утврди во денешни услови. Ја разбирам желбата на жителите на Маџир Маало да профитираат од својот имот, но ако тоа оди до нереални размери и на штета на стратешките интереси на градот, тогаш тие не треба во потполност да се земат предвид. Јавниот интерес мора да биде пред индивидуалниот, а граѓаните можат да бидат обештетени на разни начини. Кокетирањето со традицијата и наследството може да биде многу опасно, ако не е поткрепено со целосна аргументирана документација. Односот на затекнатиот контекст и градење на нови структури значајно влијае на квалитетот на архитектонското дело. Контекст не е само непосредно физичко опкружување, туку целокупната енергија и дух на контактниот простор. Меморијата на едно место може да се искаже на различни начини во урбанистичко-архитектонското решение.
Од друга страна, јавниот интерес и градењето во согласност со контекстот, најчесто не е приоритет за неисцрпните апетити на градежниот бизнис.

Затоа одговорот на прашањето дали на ова парче простор треба да никне населба со нагласени амбиентални вредности или футуристички комплекс, треба да се бара преку распишување анонимен конкурс за урбанистичко-архитектонско решение, а врз база на анализирани програмски можности и добро обмислена програма. Мислам дека создавање на уште едно станбено гето, какво што е предвидено со сегашниот ДУП е злосторство кон градот и жителите. Досегашните грешки се големи, многу од нив и непоправливи и затоа не треба да ги повторуваме. Од тие причини сметам дека на мораториумот кој го донесе Општина Центар треба да се истрае, но додека тој трае мора да се пристапи кон сеопфатно решавање на проблемот, а не на парцијални корекции, кои можат дополнително да ги искомплицираат работите.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top