Во категоријата екологија, наградата на Порта3 за екологија за 2022 година ја доби МЕД (Македонско еколошко друштво). Токму за оваа награда, која се поклопува и со половина век постоење на МЕД, разговаравме со извршната директорка м-р Робертина Брајаноска.
Честитки за наградата Порта 3 која ја добивте во годината во која прославувате 50- годишен јубилеј. Веројатно сте најстарата невладина организација кај нас од областа на заштитата на животната средина, па кажете ни нешто повеќе за организациската структура, за структурата и бројноста на вашето членство.
Најпрво благодарам што ја препознавте нашата работа, нашата посветеност за заштита на природата, која трае веќе пет децении. Имено, Македонското еколошко друштво (МЕД) е формирано во 1972 година и во континуитет е доследно на својата мисија да ја заштитува природата и животната средина преку зголемени знаења и вклучување на јавноста. Нашите цели за кои се залагаме се: промовирање на екологијата како наука, заштита и унапредување на животната средина и природата, ширење на еколошките знаења и унапредување на еколошкото образование, како и промовирање на принципот на одржлив развој.
Своите цели и задачи МЕД ги остварува преку спроведување и учество на проекти, како и организирање научни и стручни собири. МЕД моментално има 27 вработени кои имаат искуство за управување со проекти, теренска и истражувачка работа, едукација, легислатива и градење политики за зачувување итн., и спроведуваат различни национални или прекугранични проекти координирани од нашите канцеларии во Скопје и во Ресен. Организациската структура на МЕД е покомплексна – седумчленото Претседателство се бира на секои 2 години од страна на Собранието на МЕД кое вклучува 21 член, професионалци од областа на екологијата, заштитата на природата и животната средина, шумарството, земјоделството и др. Друштвото брои голем број на членови и соработници кои придонесуваат кон исполнување на нашата мисија и визија. Во моментов МЕД има околу 100 активни членови и над 300 неактивни членови, секако се обидуваме да го освежиме нашето членство и да нудиме различни активности за нашите членови и поддржувачи.
Конгрес на еколози во организација на МЕД
Кои ваши проекти би ги издвоиле како најзначајни во целото ваше 50-годишно постоење, и во изминатата година?
Самото педесетгодишно постоење е достигнување за МЕД, бидејќи ние пребродивме многу тешки периоди, многу комплексни општествени ситуации кои не беа поволни за научни, а уште помалку за граѓански организации. Истовремено, во изминатите 15-20 години, одржавме постојан раст и целосна професионализација на нашиот тим. Токму ваквата силна институционална основа ни овозможи постојано да бидеме поддршка за воспоставување на нови заштитени подрачја во земјава, а особено сме горди на постигнатите големи резултати во последните неколку години. Тука би ги истакнале активностите за прогласување на заштитените предели Осоговски Планини и Малешево, поддржани од Швајцарската програма за зачувување на природата, изготвување на планови за управување со различни заштитени подрачја како и директна поддршка за воспоставување на телата за управување со заштитените подрачја. Учествувавме повеќе од 20 години во истражувањето на Шар Планина, а во последните години и во директно лобирање и поддршка на процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк, работејќи директно со локалното население. Од 2006 година го истражуваме критично загрозениот балкански рис во НП „Маврово“, така што во 2022 година успешно детектиравме 21 рис од кои 14 во НП Маврово, а објавивме и научни трудови во високо рангирани научни списанија. Кога сме кај загрозените видови, изминатите години работевме и на статусот на египетскиот мршојадец кој најмногу страда од илегално труење. За таа цел ние соработуваме со сите релевантни институции, а на Факултетот за ветеринарна медицина поддржавме создавање на нови капацитети за токсиколошки анализи. Нашите дополнителни теренски истражувања оваа година покрија водни птици, птици од земјоделските површини, влекачи, лилјаци и крупни ѕверови и ги завршивме истражувањата на пет ендемски видови растенија. Работевме на идентификација на пределите и анализа на различните живеалишта на планината Јабланица како подготовката за валоризација на оваа планина и воспоставување на идно заштитено подрачје. Завршивме со идентификација на шумите со високи природни вредности во Македонија и изготвивме насоки за управување на две од подрачјата.
Осогово
Нашата посветеност во Преспанскиот Регион е долгогодишна. Ја формиравме мрежата Преспа нет со уште две здруженија на граѓани од Албанија и Грција со цел заеднички да преземеме активности за зачувување на овој исклучителен прекуграничен екосистем. Последните години работиме на управување на влажните ливади и обновување на евловите шуми во Паркот на природа Езерани и на поддршка на подружницата на ЈП Национални шуми во Ресен.
По анализата на состојбата со екосистемите и разработка на екосистемските услуги на национално ниво, работиме и на развивање методологија за плаќање на екосистемски услуги за Споменикот на природа Вевчански Извори.
Наша голема гордост е и Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ преку која младите имаат прва прилика да осмислат и спроведат независно истражување. Нашиот директен придонес кон науката е објавувањето на македонското научно списание за екологија и животна средина како и организирање на Конгрес на еколозите на Република Македонија, со меѓународно учество, а последниот шести конгрес беше одржан минатата година кога се прослави и педесетгодишнината на МЕД.
Голем град Преспа
МЕД е една од ретките организации кај нас чиј главен фокус е заштита на природата и на биодиверзитетот? За жал во медиумите оваа област од животната средина не е доволно третирана. Кои се според вас главните предизвици во оваа сфера?
Мора да потенцираме дека интересот во медиумската сфера за третирање на теми поврзани со зачувување на природата и животната средина е особено подобрен во последните десетина години. За жал, нашите активности помалку или повеќе се резервирани за утринските емисии, весниците и порталите, а помалку се наоѓаат во информативни изданија. Но ова не се должи на недостатокот на интерес од новинарите туку на генералниот начин на известување во информативните изданија, а тоа е претежно држење до „лошите вести“. За жал често пати добиваме прашања за жешките точки низ државава на кои директно не работиме, а се нерешени прашања и закана по животната средина и луѓето. Секако оваа тема ќе биде поприсутна со зголемување на негативните ефекти од климатските промени, а тоа веќе го чувствуваме со недостатокот на снег, високите зимски температури како и познатата состојба со намалување на нивото на водата во Преспанското Езеро. Едукацијата кај новинарите е клучна за да имаме повеќе вести поврзани со проблематиката за зачувување на природата и животната средина кои нема да заплашуваат туку ќе информираат и предупредуваат за некои појави.
Балкански рис
Имате голем придонес во реализацијата на идејата за прогласување на Шар Планина за национален парк. Сепак, сериозни се заканите врз овој регион поради масовната урбанизација, малите хидроцентрали и сл. Што би требало итно да се преземе за ефикасна заштита на ова подрачје, но и генерално на заштитените подрачја?
Да, еден од најгласните поборници за оваа иницијатива беше професорот д-р Љупчо Меловски, поранешен претседател на МЕД, кој најдобро ја познаваше Шар Планина од аспект на природни вредности и уште од 1997/98 година речиси постојано беше вклучен во сите активности поврзани со постапката и лобирање за прогласување на Шара за национален парк. Нашето друштво особено активно учествуваше во поддршка на овој процес и подоцна од 2011 година преку спроведување на конкретни проекти и акции. Шар Планина е нашиот најголем планински масив, а во националниот парк има живи села – оваа ситуација ќе налага голема посветеност од управувачот – ЈУ Национален парк Шар Планина во делот за мониторинг на видови, комуникација со локалното население и постојано делување и информирање за тоа што е дозволена, а што забранета активност во паркот. Се надеваме дека оваа установа ќе расте во бројност и стручност и ќе има едуцирани и посветени ренџери кои ќе воспостават ред во заштитеното подрачје. Во моментов она што може да го кажеме е дека не само Шар Планина туку и другите заштитени подрачја се соочуваат со закани како што се организирање на трки со џипови, нелегална сеча, изградба на мали хидроцентрали, непланска/нелегална урбанизација, освен тоа намалување на сточниот фонд, зараснување на ливадите и пасиштата, пренамена на ливадите во овоштарници, како и поставување на фотоволтаични централи на несоодветни места итн. МЕД соработува со субјектите за управување со заштитените подрачја во Македонија како што се: ЗП Осоговски Планини, ЗП Малешево, НП Маврово, НП Галичица, НП Пелистер, СП Преспанско Езеро, ПП Езерани и др. и нашата поддршка оди од поддршка за подготовка на плановите за управување, оценка на ефикасноста во нивното спроведување, обуки на вработените за спроведување активности за мониторинг на видови и живеалишта, соработка со ренџерите, едукација на кадарот за воспоставување архиви, бази на податоци, употреба на ГИС- алатки и генерално соработка околу засегнатите видови и нивните живеалишта како што е балканскиот рис.
Теренски активности за заштита на Балканскиот рис
Во Македонија веќе 13,9 % од територијата отпаѓа на заштитени подрачја. Напредокот е забележителен во последните две години. Но, од друга страна во рамките на ЕУ функционира мрежата на заштитени подрачја Натура 2000, па земјите користат одредени придобивки. Колку сме подготвени на овој план со оглед на аспирациите за членство во ЕУ, и кои би биле нашите придобивки?
Потребата за идентификација на подрачја од еколошката мрежа Натура 2000 е препознаена уште во 2004 година со донесување на Законот за заштита на природата (во кој беше направено првично усогласување со барањата од директивите на ЕУ за птици и живеалишта) додека поинтензивни активности во земјава беа преземени во изминативе 7 години, преку неколку проекти финансирани од ЕУ (ИПА 1, Твининг проект, тековниот ИПА 2 проект), и особено преку Швајцарската програма за зачувување на природата во Македонија. Досега се идентификуваа 24 подрачја кои се од особена важност за зачувување на европските живеалишта и видови односно преку овој процес ќе бидат ставени под заштита приоритетните живеалишта и видови (согласно со Директивата за живеалишта) и видови птици (согласно со Директивата за диви птици). Тоа пак е од особена важност за заштита на живеалиштата во нашата земја кои досега немале формалана заштита, а преку Натура 2000 процесот ќе се овозможи нивна поволна состојба на зачуваност. Но, Натура 2000 процесот не би бил голем доколку сето тоа не го прави преку призма на локален социоекономски развој каде главни корисници се локалните чинители. Нема успешна заштита на природата без активно учество на чинителите. Во тој контекст Натура 2000 е процес на заштита на природата кој се базира на одржливо управување со природното наследство кое е наше национално богатство. Секако официјалното прогласување на мрежата Натура 2000 и соодветен статус на заштита овие подрачја би добиле со нашето полноправно членство во ЕУ. Но од друга страна, воспоставувањето на оваа мрежа и спроведувањето на одредбите од директивите за живеалишта и птици е предуслов за станување членка на ЕУ.
Заштитени подрачја
Голем прогрес е евидентиран во зголемување на националната мрежа на заштитени подрачја во Република Северна Македонија по прогласувањето на Заштитениот предел „Осоговски Планини“ во 2020 година, како и Националниот парк „Шар Планина“ и Заштитениот предел „Малешево“ во текот на 2021 година, и истата во моментов зафаќа 13,9 % од територијата на земјата. Останува фактот дека мрежата на заштитени подрачја е сѐ уште во преодна фаза, неопходно е да дозаврши процесот на репрогласување на сите заштитени подрачја прогласени пред 2004 година и нивно усогласување со категоризацијата на International Union for Conservation of Nature (IUCN) како и воспоставување на соодветно управување со сите заштитени подрачја.
Дали младите се доволно заинтересирани за заштитата на природата и колку се тие активни во вашата организација?
Во повеќето проекти МЕД вклучува и едукативни активности. Различни едукативни пакети досега се изработени во рамки на проектите за заштита на птици, балканскиот рис, а неодамна и за влажните живеалишта во Преспа. Со овие содржини одржани се бројни предавања на национално ниво, но пред сè во подрачјата каде што се среќава рисот или пак загрозените видови птици како египетскиот мршојадец. МЕД спроведува различни предавања во градинки, основни и средни училишта. Сепак постои простор за отворање на цело поле за соработка со средните училишта. За жал нашето формално образование нуди малку можност за посети во природа и преземање акции за зачувување на животната средина. Па така младите освен рециклирање, енергетска ефикасност и чистење смет, немаат пошироко сфаќање за темите што ги работи нашата организација и каде сè може да се вклучат. Се надеваме дека со актуелниот проект за воспоставување мрежа за искуствено учење и спроведување на првата годишна програма за едукација за животната средина и климатски промени ќе обезбедиме повеќе можности за дополнување на формалната настава преку кои ќе се продлабочат познавањата поврзани со зачувување на природата и биолошката разновидност. Од друга страна пак, преку програмата за поддршка на младите еколози „Д-р Љупчо Меловски“ обезбедуваме не само финансиски средства (мали и средни грантови), туку и менторска поддршка за спроведување на различни истражувања на биодиверзитетот.
Кадроглав пеликан
Размената на искуства со другите земји во регионот но и пошироко секако е драгоцена во секоја област. Како ја оценувате вашата соработка на меѓународен план и би можеле ли да посочите некои примери на добра практика од нашето поблиско опкружување кои би биле добар модел за нас?
Размените на искуства со нашите меѓународни партнерски организации се особено важни во развојот на нашата организација, но и за спроведување на конкретни конзервациски мерки во значајните прекугранични екосистеми. Денеска, комуникацијата на глобално ниво е толку олеснета што научните информации стигнуваат многу брзо, но начините на кои тие може да се применат не се изнаоѓаат едноставно и сите дополнителни поддршки и примери се добредојдени. Сепак, најкорисни за нас се соработките со партнерските организации и научни институции од соседните земји и од регионот. Од една страна со нив ги споделуваме проблемите со кои се соочуваат значајните екосистеми и заеднички можеме поуспешно да ги решаваме, а од друга страна, како организации имаме сличен развој и се соочуваме со слични проблеми во растот на нашите организации, општествените прилики и социоекономските состојби. Најдолгорочни резултати и постојана соработка остваруваме со мрежите кои ги формиравме со организации од соседните држави како што се Преспа нет и Пријателите на Шара. Со нив директно споделуваме проблеми кои не би можеле поинаку да се решат освен со заеднички пристап. Најважно за опстојување на мрежите за соработка е трпението и споделените вредности – почетоците никогаш не се лесни, но доколку имате заедничка визија и еднакво ги цените резултатите кон кои се работи, истрајноста и напорната работа ќе бидат рамномерни и мрежата ќе опстои. Најубав ваков пример е Преспа нет, мрежата која се соочи со големи политички притисоци, но опстојува и постојано напредува токму поради споделените вредности и вербата во подобра иднина за трилатералниот Преспански Регион.
Многу важни се партнерствата или членувањето на МЕД во меѓународни или европски мрежи како што се BirdLife International, IUCN, CEEWeb for Biodiversity и European Green Belt Association.
Планински був
Кои ваши долгорочни цели би ги издвоиле како приоритет за реализација можеби за следниот јубилеј од 60 години?
Следејќи ја својата визија „граѓаните во Македонија да ја ценат и негуваат природата, да ја заштитуваат животната средина и да се стремат кон економски развој кој се заснова на принципите на одржливост“ МЕД во својот стратешки план до 2024 година има поставено долгорочни цели меѓу коишто се: зачувување на видови и живеалишта; заштита на значајни подрачја и унапредување на еколошки мрежи; заштита на животната средина и климатски промени; организациски развој на МЕД и развој на партнерства како и напредок на еколошката наука во земјава и генерално на свеста кај граѓаните за заштита на природата и за чиста животна средина.
Како што растат сферата на работа и проектното портфолио на МЕД, така организацијата треба да изгради дополнителни капацитети за да одговори на промените и да оствари поголема ефективност преку развивање, подобрување и зајакнување на клучните организациски функции како и подобрување на поддршката на членството и волонтерите, подобрена комуникација со засегнатите страни, подобрување на финансиската стабилност итн. За да се постигнат уште подобри резултати, МЕД дава приоритет на воспоставувањето партнерства, на формирањето мрежи од разновидни општествени групи за заштита на природата и животната средина.
Лешница
За следниот јубилеј би биле среќни доколку популацијата на балканскиот рис се подобри, се зајакнат популациите на мршојадците и да ревитализираме неколку значајни живеалишта во земјата. Дотогаш зад нас ќе бидат уште два еколошки конгреси. Ќе продолжиме да ги поддржуваме младите еколози и да обучуваме млади кадри спремни да се носат со предизвиците во следните години, а нова идеја е формирањето на истражувачка станица за која сè уште немаме конкретни насоки. Посебно би биле среќни доколку за следниот јубилеј ја видиме и Јабланица како дел од националната мрежа на заштитени подрачја. Сакаме да го завршиме процесот на воспоставување на европската еколошка мрежа Натура 2000, која до следниот јубилеј се надеваме дека веќе ќе ја управуваме во заедничкото европско семејство.