Насловна / Архитектура / М-р Кристинка Радевски: Во Комората се оформи Комисија за следење на доследноста на Ценовникот

М-р Кристинка Радевски: Во Комората се оформи Комисија за следење на доследноста на Ценовникот

Наградата за архитектура ПОРТА 3 2022 година се додели на архитектите од Одделението за архитектура и од Одделението за урбанизам при Комората на овластени архитекти и овластени инженери – КОАИ. За состојбите во професијата разговараме со Претседателката на КОАИ, М-р Кристинка Радевски.

4. M. Sc. kristinka Radevski - President of Chamber

М-р Кристинка Радевски, родена битолчанка, работи и живее во Скопје веќе 18 години. Архитектонскиот факултет го завршила на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистерските студии ги завршува со цел стручна доквалификација и специјализација во струката, но на темата „Менаџирање со човечки капитал“.

Таа е архитект со триесетгодишно континуирано работно искуство и активен ангажман во сите фази на професијата. Специјалист во менаџирање на комлексни проекти, меѓународни проекти, инфраструктурни, јавни, станбени и административни згради, како и во областа на изградба на објекти од значење за државата, почнувајќи од проектирање, ревизија, надзор, изведба и следење на усогласеноста на процесите во градбата со националната легислатива. Нејзиниот долгогодишен професионален ангажман во Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката го заокружува како директор на Секторот за градба за цела Македонија. Пред стапување на функцијата претседател на Комората, работела како специјалист за градба во тимот за имплементација на Проектот за локална и регионална конкурентност, финансиска операција на Европската Унија, Светската банка и Владата на РСМ за развој на туризмот во државата.

3

Доделување на признание Инженерски прстен 2022 година

 

Во својот работен век имала прилика да даде активен придонес во работата на бројни стручни комисии, архитектонски конкурси и други стручни тела. Покрај тоа била ангажирана како советник за инвестициски активности на институции од значење за државата: Министерството за образование, Министерството за финансии, Министерството за култура, Министерството за одбрана и Министерството за здравство.

Повеќе од две децении е член на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а како активен член во работењето на Асоцијацијата била вклучена петнаесет години не само во битолскиот огранок, туку и во Управниот одбор. Била член на Македонската делегација што учествувала во работата на Генералното собрание на 23th World Congress of Architecture, UIA 2008 Turin, Italy и на 24th World Congress of Architecture, UIA 2011 Tokyo, Japan, најпрестижните светски настани од областа на архитектурата.

Во работата на Комората се вклучува од 2012 година со активно учество во работењето на нејзините одбори, комисии и тела. Во мандатниот период 2016 – 2021 е претседател на Надзорниот одбор на Комората. Исто така е претставник на Комората во Одборот за доверба и соработка со јавноста при Архитектонскиот факултет во Скопје.

Архитект – творец на убавото, но не само по вокација, туку и по убедување, филантроп, спортист, вљубеник во природата и долгогодишен поддржувач на бројни добротворни акции, нејзините активности се евидентни и во областа на хуманитарно-општествени случувања. Активно учествува во хуманитарни спортски и други акции за помагање на лица со попреченост.

 бб

Прва Годишна средба на архитекти и планери,  Офицерски дом во Битола, 23.12.2022

Како резултат на долгогодишните напори и вложен труд на сите тела и органи на КОАИ, како и на сите нејзини членови на 1 декември 2022 година во Службен весник на РСМ бр. 259 е објавен Ценовникот за инженерски услуги во високоградбата. Како се одвиваше овој процес, кои се најголемите предизвици со кои се соочивте?

Овој толку долгоочекуван документ и покрај тоа што беше одобрен од делегатите на претходниот состав на Собранието на Комората уште на крај на 2018 година, сепак истиот мораше да изоди уште долг пат пред да го добие својот легитимитет. По неговото усвојување, Ценовникот беше доставен во ноември 2018 година до ресорното министерство за согласност, но согласност или какви било коментари на текстот не беа повратно доставени до Комората и покрај ургенцијата што беше упатена во 2019 година. По долг период од две и пол години, а веднаш по изборниот процес за избор на нов претседател и раководство на Комората, на почетокот на месец јуни 2021 година, конечно Министерството се произнесе по материјалот. Барањата на законодавецот беа јасни: да се направи усогласување на класите на намени на објектите согласно со Законот за урбанистичко планирање и да се дополни Ценовникот за објекти од нискоградбата и линиски инфраструктурни објекти. Веднаш во Комората беше оформена Централна комисија за доработка на Ценовникот којашто имаше за задача да го координира работењето на вкупно 11 работни групи, по динамика усвоена од сите и со рок за завршување на работата до крај на ноември истата 2021 година. Делот за високоградба беше усогласен во септември 2021 година и се чекаше изработката на Ценовник за нискоградба, за овој документ комплетно да се достави до Министерството на повторно разгледување. По неколку ургенции од страна на надлежниот орган за недоставување на Ценовникот, поради различните специфики на градбите од високоградба и нискоградба, Министерството во април 2021 година даде можност овој документ да се раздвои на два ценовници. Ценовникот за високоградба, усогласен по насоки на Министерството беше предмет на јавна и стручна расправа, на која претставници на сите релевантни субјекти, стопанските комори, компании од градежниот сектор и локалната самоуправа ги дадоа своите коментари. Конечната согласност од надлежното министерство беше основа за финална верификација на Ценовникот, свечен чин, со кој на 19 ноември оваа година делегатите на Собранието на Комората го легитимираа овој историски документ.

11

Но прашавте и кои беа најголемите предизвици. Несогласувањата меѓу двете најголеми одделенија во Комората, одделенијата на архитекти и градежни инженери! Унитарната улога на Комората во обединување на сите 12 професионални одделенија, од една страна претставува огромeн товар и создава тешкотии во комплексниот процес на работење и раководење. Но од друга страна, токму тоа ја потенцира позицијата на Комората и моќта на единството, особено кога е неопходна критична маса за воспоставување на релации со законодавецот и донесување на значајни документи како овој. Праксите во регионот се различни, но нашата комора е можеби и единствена со ваква организациска поставеност. Така треба и да остане – единствена, компактна и уште поуспешна. Несогласувањата меѓу струките се разбирливи затоа што секоја има своја специфика и посебни потреби. Но клучно е прашањето: што е целта на спротивставеноста? Прогресија на цела струка или само интереси на мала група на луѓе!? Градежништвото е комплексна индустрија која ги вклучува сите инженерски профили, а задачата на Комората е да направи сѐ за подигнување на дигнитетот на сите инженери учесници во неа.

Зошто архитектите беа најголеми поборници и најгласни во инсистирањето конечно да се донесе Ценовникот и најактивни во неговото подготвување?

Обидите за подготовка на еден таков документ датираат одамна во Комората, но и уште поодамна во рамки на работењето на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Во мандатниот период на претходното раководство што траеше од 2016 до 2021 година, работната група која напорно работеше успеа да ги усогласи ставовите на сите одделенија само за објекти од областа високоградба. Одделението на архитекти, како големо оделение и струка која е најчесто предоминантна во координативните процеси во високограбата беше главниот двигател на работата на Ценовникот. Оттука и доаѓа перцепцијата дека архитектите беа најголеми и најгласни поборници за донесување на Ценовникот. Но никако не смееме да ја занемариме партиципацијата и придонесот на останатите струки во овој сложен документ. Тогашното отсуство на инженерите од областа на нискоградба во работењето на таа работна група даде резултат на делумно сработен ценовник. Недоволната посветеност на објектите од нискограба во Ценовникот, никако не би сакала конкретно да ја адресирам, но доколку во тој период се посветеше доволно внимание и на тој дел, ние денес веќе ќе зборувавме за втора или можеби за трета генерација на ценовници, надградени со искуства од практична примена и подобрени во смисла на што попрецизна и подостојна валоризација на инженерскиот труд. Уште повеќе, денес ќе зборувме за веќе изграден механизам и систем за контрола на доследна примена на ценовниците. Но не можеме да го вратиме времето назад. Можеме само да ги забрзаме и рационализираме започнатите процеси во таа насока и да се фокусираме на што поскори резултати во интерес на цела инженерска фела.

DSC_0148

Ценовник – состанок со министерот за транспорт и врски

Застапеноста на архитектурата и процентуалната застапеност на фазите, во зависност од намената на објектите и сложеноста е нешто што е познато и определено (сини таблици). Зошто Ценовникот предвидува ова да се спроведува со меѓусебен договор на учесниците?

Ценовникот што беше објавен во Службен Весник на 1 декември 2022 година, не ја откриваше зaстапеноста на архитектурата и процентуалната застапеност на фазите во зависност од намената на објектите и сложеноста заради барањето на дел од делегатите за дополнителни усогласувања. Таа распределба постои во ценовникот за високоградба и истата ќе биде објавена наскоро, затоа што на седницата на Собранието на Комората која се одржа на 15 февруари 2023 година веќе истата беше утврдена. Делегатите на собранието акламативно се согласија да се тестира ценовникот во периодот што следува, во Комората да се прибираат сите искуства од негова примена и наредната година да се направат сите потребни квалитативни измени со цел подобрување и надградба. Дополнително, во членот 3 од ценовникот е дадена можност во услови на верифицирана сложеност на градбата од било кој аспект, со меѓусебно договорање да се направи доусогласување на уделот на сите учесници во соодветната класа на намена на градба.

И покрај законската обврска Ценовникот до 1.1.2025 година ќе се применува со задолжителен попуст од 25 %. Зошто?

Одредбата за задолжителен попуст од 25 % до почетокот на 2025 година беше наметнат од страна на ресорното министерство, а по барање на инвеститорите, стопанските комори и на останатите учесници во градбата, чие мислење беше земено предвид по одржаните стручни и јавни расправи, како задолжителен чекор од времен карактер во процесот на одобрување на Ценовникот. Причините за ваква условеност лежат во моменталната состојба на економска криза и неопходноста од грижа за социјалниот аспект.

01

Усоглаување на законска регулатива

Веројатно едно од очекувањата на архитектите и инженерите од Ценовникот е и подобрување на нивните примања. Според Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата за вработен во „архитектонски дејности и инженерство“ во октомври 2022 изнесувала 33.861 денари. Размислува ли КОАИ да најде начин да се пропише и минимална плата на инженерите во зависност од стручноста?

Веќе се работи паралелно и на таа тема, затоа што обезбедувањето на минимална вредност на инженерскиот труд не значи по автоматизам обезбедување повисока плата за архитектите и инженерите. Токму затоа е потребно итно изнаоѓање на механизми за утврдување на минималната инженерска плата. Тоа секако не спаѓа во доменот на работа на Комората, но Комората е таа што треба да го прогресира овој процес во кој неминовно се вклучуваат Министерството за труд и социјална политика, струковите комори во рамките на стопанските комори, преку вметнување на одредби во гранковите колективни договори за утврдување на минимална плата на инженерите во зависност од стручноста.

Исто така започнавме со подготовки за утврдување на механизам за контрола и санкција кој е неизоставен и нужно неопходен за секоја регулатива да биде функционална и одржлива. Во Комората се оформи Комисија која има задача да изнајде механизам за следење на доследна примена, контрола и санкција на Ценовникот. Во тимот ќе се вклучат лица кои имаат сериозни познавања од струката, од нашето законодавство и секако од економските аспекти. Тука неминовно е присуството на ИТ-секторот од каде и ги очекуваме услугите за надградба на софтверските алатки што веќе се во употреба на системите на е-одобрение и е-урбанизам. Во Европа во оваа насока веќе постојат практики кои веќе се анализираат, од каде ќе бидат преземени сите апликативни и позитивни искуства.

DAD_6220

БИМ и дигитална трансформација

Мислите ли дека дел од помалите проектантски бироа, (тие се во најголем број), ќе бидат во опасност да се затворат, бидејќи нема да можат на вработените да ја дадат минималната плата за инеженери?

Периодот на прилагодување во услови на драматични промени е секогаш тежок во секоја професија особено за помалите компании, а ризиците имаат многу аспекти. Но сметам дека со добра организациска поставеност и системски пристап, треба да се направат анализи за минимизирање на ваквите појави. Низ периодот на примена на ценовниците треба да се утврдат сите недостатоци кои негативно ќе влијаат директно на работењето на инженерите како индивидуалци, и на проектантските бироа како субјекти. Праксата треба да покаже во која насока треба да се подобруваат овие комплексни документи, од кои пред сѐ се очекува подобрување на состојбите во струката.

Ценовникот е и одговорност и обврска да се гарантира квалитетот на проектите. Сметате ли дека ќе придонесе за тоа, и постои ли механизам КОАИ тоа да го контролира?

Се согласувам, подобро валоризиран труд задолжително значи и поголема одговорност и обврска. Во програмата на одделението на архитекти е отпочната активност за подготовка на предлог-текст за подобрување на Правилникот за содржината на проектите, подзаконски акт на Министерството за транспорт и врски. Очекувањата се дека текстот ќе биде комплетиран во текот на првата половина на оваа година и ќе биде доставен до законодавецот на разгледување. По однос на контролата постојат неколку варијанти, но фокусот на актуелното раководство на Комората е дигитализација на процесите и што позабрзано придвижување кон примена на БИМ во градежништвото како најоптималниот механизам, на што укажуваат и сите светски практики.

_DSC0161

Годишни награди 2022

Во јуни 2021 во Службен весник на РСМ објавен е и Тарифник за урбанистичко планирање. Какви се вашите сознанија за неговото спроведување? Влијаеше ли тоа на платите на планерите?

Донесувањето на Тарифникот за урбанистичко планирање беше многу значаен момент во отпочнувањето на процесите за утврдување на црвените линии за валоризација на трудот на архитектите и инженерите. Информациите што доаѓаат по однос на неговата примена се дека се применува со задоцнување и селективно, особено не кај помалите општини кои располагаат со помали буџетски средства. Затоа една од клучните програмски активности на Комората за 2023 година е спроведување на кампања за подигање на свеста од потребата за отпочнување со неговата примена, анализа на прибраните искуства од терен, негова надградба и прилагодување со актуелните состојби во струката и државата. Секако дека доследноста во примената е директно поврзана со функционирањето на втората и третата системска карика, а тоа е контролата и санкцијата, што сметам дека се клучот за доследна примена на секоја регулатива. И покрај тоа што овој тарифник обезбедува прилично добра валоризација на трудот на урбанистите планери, мислам дека генерално сè уште немало вистинско подобрување на нивните плати. Тука, исто така состојбите по однос на платите на планерите се директно поврзани со обезбедување на механизам во гранковите договори и вметнување на одредбата за минимална инженерска плата.

01 (1)

ЕСЕС

Планира ли КОАИ покрај овие два ценовника да изработи ценовници и за други инженерски објекти и услуги? Зошто останатите инженери не работат на ценовниците?

Ценовникот за високоградба веќе е издвоен од Ценовникот за нискоградба и линиски инфарструктурни објекти. Тој е во завршна фаза и на седницата на Собранието на 15 февруари делегатите веќе ја дадоа согласноста за да биде процесиран кон ресорното министерство во насока на прогресирање до негово конечно усвојување. Заради спецификата на работа, во Комората се одлучи да се изготви посебен ценовник за геотехнички работи во високоградбата како посебен документ, кој исто така треба да биде процесиран низ институционалната рамка пред негово конечно одобрување. Во активностите за формулирање на овие три ценовници активно се вклучени сите инженери, соодветно на уделот кој го имаат за конкретниот тип на градби.

Се одржа првото полагање стручен испит од областа на урбанистичкото планирање, како помина? Ќе придонесе ли неговото воведување конечно да дојдеме до квалитетно планирање?

Во декември минатата година се одржа првата испитна сесија за полагање на стручен испит од областа на урбанистичкото планирање. Согласно со Правилникот пропишани се три испитни сесии во една година: во февруари, јуни и октомври, така што наскоро ќе се одржи и втората сесија по ред. Полагањето на стручни испити е неминовност, не само од областа на урбанистичкото планирање, туку и за сите други инженерски професии, пред сѐ заради поголем квалитет, но и поради воспоставување на еквиваленција во процесот на препознавање на професионалните квалификации на нашите инженери во светот.

02

Меѓународна соработка: АСЕ

Најавено е пристапувањето на КОАИ во Architect’s Council of Europe АСЕ – најголемото архитектонско семејство на Европа, преку Одделението за архитектура во април 2023 година. Што значи ова за нас?

Придобивките од присуство и партиципирање во работата на најпрестижните стручни организации на европско и светско ниво се несомнени. Денес, во услови на дигиталните и информатички технологии, не е спорна информираноста за глобалните случувања во инженерството, но практичното членување носи многу поголеми можности за конкретно вклучување во најактуелните процеси како New European Bauhaus, Baukultur и European Green Deal. Архитектурата како единствената регулирана професија во градежната индустрија, ги има водечките позиции во овие крупни процеси на европско тло, но и пошироко. Затоа од огромно значење е можноста што ја добивме со минатогодишната покана на претседателката на АСЕ за приклучување на нашата комора како придружна членка, со оглед на тоа што сè уште не сме членка на Европска Унија. Но тоа не ги скратува нашите можности за рамноправно учество на сите европски проекти за пристап до европските фондови не само од финансиски туку и од стручен аспект.

кккк

Испрати коментар

Scroll To Top