Според Американското министерство за земјоделство, секоја година околу 455.000 тони отфрлени лушпи од јајца се транспортираат и се фрлаат, и тоа само во Соединетите Американски Држави. Но, научниците од Универзитетот во Авеиро во Португалија развиле метода за користење на лушпите од јајца во производството на керамика.
Иако самите карактеристики на технологијата сè уште не се знаат, барем за јавноста, таа подразбира инкорпорирање на здробените лушпи во керамичка смеса која подоцна се обработува според одреден процес кој вклучува и неколку циклусни фази на вареање. Примероците направени од овие смеси покажале одлични квалитети, како што е порозност и апсорпција на вода, со што научниците сметаат дека има доволно голем квалитет за задоволување на основните индустриски стандарди.
Покрај еколошките предности, процесот, исто така, им овозможува на производителите на керамика да заштедат и финансии – калциумот во лушпите би бил евтина алтернатива на калцитот, кој традиционално се користи во производството на керамичките предмети.
Исто така, претпријатијата и компаниите во прехрамбената индустрија, кои би ги снабдувале лушпите би можеле да заработат со нивна продажба на керамичката индустрија, наместо да трошат пари за нивно транспортирање и фрлање.
Процесот е тестиран во лабораторија, и сега универзитетската Канцеларија за технолошки трансфер бара партнери кои би помогнале во финансирањето на овој пилот проект со големи размери.