Во Скопје е актуелна изградбата на модерни станбени комплекси кои наликуваат на град во град. Овие многукатници ја менуваат силуетата на градот Скопје. Изградбата на првите две од предвидените четири кули, кои ги гради турската компанија „Џевахир холдинг“, предвидена е да заврши до декември 2015 година, а тогаш треба да се вселат и сопствениците во нивните станови. Во двете кули од резиденцијалниот комплекс „Џеваир Скај Сити“ во Аеродром има вкупно 688 луксузно опремени стана од 50, 60, 70 и 110 метри квадратни.
„Скопје сити тауер“ е современ европски тип на резиденцијални објект, каде што станбените единици почнуваат веднаш над катовите наменети за деловни простории. Оваа многукатница е објект кој ја менува силуетата на градот Скопје. Во „Скопје сити тауер“ се нудат неколку типови на станови: стан-студио, станови со една, две и со три спални соби. На последното ниво, пак, се сместени луксузните „penthouse“ апартмани, кои се карактеризираат со поголеми квадратури и поголема катна висина. Објектот нуди вкупно 140 станови, со 12 станбени единици на еден кат, а квадратурата на становите се движи од 47 до 148 метри квадратни.
Новиот комплекс „Верина“ од станбени згради, со езерца, водопад, базен, парк, пикник простор, детско игралиште, билијард клуб и фитнес центар опремен со сауна и турска бања, се наоѓа во непосредна близина на скопската обиколница на атрактивна локација во Орман. Комплексот е изграден на 30.000 квадратни метри, составен е од седум станбени објекти, во завршна фаза од градбата со вкупно 58 луксузни станови со површина од 170 и 210 метри квадратни.