Отворен кон крајот на минатата година во Белград, GIG е замислен како луксузен ресторан и винотека со акцент на органски вина и со можност за дегустација.
Ресторанот и винотеката зафаќаат површина од 224 квадратни метри, додека внатрешното уредување е доверено на белградското Студио Флуид.
Важноста на архитектурата во гастрономијата
Проектантите нагласуваат дека архитектурата е многу важна во гастрономската индустрија бидејќи става во функција комплексен „механизам“, водејќи сметка за секој поединечен аспект, но и за целината.
„Треба да се задоволи функционалната организација на просторот – односот помеѓу кујната и ресторанскиот дел, линиите на движење на гостите и вработените, односот меѓу капацитетот на ресторанот и можностите на кујната итн. – и проектната задача на клиентот во дадениот просторен контекст, а во согласност со сензибилитетот и архитектонските вредности на проектантот“, велат архитектите.
Ресторанскиот простор се наоѓа на приземје во деловно-станбена зграда на Нов Белград.
„Зградата ја обликува белградска современа градба, во материјализацијата недостасуваат природни материјали, доминираат стаклото и алуминиумот, што е спротивно на концептот за промовирање на органски, биодинамични вина Император што ќе се најдат во ресторанот“, објаснуваат архитектите.
Бидејќи во просторот може да се влезе од две спротивни страни на објектот, така се и содржински групирани функционалните делови. Од едната страна е влезот, преку продавницата за вино, со можност за дегустација и продажба на вино, додека од другата страна е влезот во ресторанскиот простор.
Тампон зоната помеѓу двете функции е исполнета со долг мултифункционален шанк, кој од продажен шалтер продолжува во ресторанско-барски шанк, потоа на влезот во кујната станува маса за сервирање, по што е направена функционална пауза за комуникација со кујната, а потоа шанкот продолжува во шанк за барско седење.
Отворање кон надворешниот простор
Кујната и магацинот се наоѓаат зад шанкот, со што р овозможена наједноставна комуникација помеѓу сервисот шанкот/кујна. Наспроти долгиот шанка, потпрена на фасадата е кубус со тоалети за гости.
Најголем предизвик во реализацијата на овој ентериер биле машинските инсталации поради, од една страна, захтевната кујна, а од друга страна – ограниченоста на дадениот простор.
Тие две спротивности во обликувањето произвеле геометриски заоблени форми во просторот, кои ја навестуваат органската содржина, но со својата правилност не отстапуваат од современата архитектура.
Лаците висат од плафонот над шанкот, кој се наоѓа во центарот на просторот, намалувајќи ја чистата висина под-плафон, создаваат дополнителна напнатост во најтемниот дел од просторот и така реферираат на винарските визби од времето на императорите кои биле на овие простори.
Очекувани материјали на неочекуван начин
„Целиот впечаток е сепак различен, бидејќи сводовите во материјализацијата се обоени во светли тонови, за разлика од старите сводови од тули“, велат архитектите, додавајќи дека при материјализацијата се користени природни материјали (камен, дрво, тула).
„Користевме форми и материјали кои можат да се најдат во винарските визби, но не на очекуван начин. Тулата, која е незаменлив сегмент од винарските визби, не се појави на сводовите на таванот каде што се очекува, туку како современа, перфорирана преграда што создава ненаметлива поделба и микроамбиент во рамките на седењето во ресторанот“, додаваат.
Дрвениот шанк е полукружен на краевите, а рабовите веднаш над подот се засведени и повлечени навнатре. Мебелот во просторот е претежно кружен и со меки форми, освен големата маса на крајот на локалот, која излегува од рамнината на двата спротивни влеза и претставува посебна, за едно ниво поинтимна единица од останатиот дел од ресторанот.
Плафонот, ѕидовите и подот се во светли земјени тонови, така што го обединуваат целиот простор во една мембрана, која во вертикални (ѕидни) рамнини е испресечена со стаклени површини на фасадата или дрвени полици и врати на ѕидовите.
Осветлувањето е избрано во согласност со внатрешниот концепт и она што авторите на проектот сакале да го постигнат во секоја зона од просторот.
Поставени се рефлектори на шини, додека во ресторанскиот дел се користени лустери со кои авторите постигнале поинаква атмосфера во однос на останатиот простор и со тоа го издвоиле ресторанскиот дел.