Првите соседи на луксузниот хотел Palace Elisabeth на Хвар, веќе трета туристичка сезона се излудени од непрекинатата бучава на хотелскиот систем за вентилација и климатизација, која освен што им штети по здравјето ги обезвреднува и нивните недвижности. Надлежниот Државен инспекторат покренал постапка против одговорните во хотелот и наложил отклонување на сите недостатоци. Минатата година хотелот инвестирал во бариери за бучава, но бучавата иако е намалена и натаму не е поднослива.
Од своја страна, управата на хотелот ангажирала овластена компанија, која извршила мерења и констатирала дека се е во рамките на законски утврдените граници. На постојаните забелешки од мештаните, од управата на хотелот им препорачувале „да спијат со затворени прозорци“. Државниот инспекторат уверува дека ќе следи дали се отклонети недостатоците во утврдениот рок и ветува дека соодветно ќе го санкционира хотелот.
Во секој случај интересен пример (за жал кај нас вакви примери не недостасуваат), за различни заклучоци по однос на една иста состојба, која лесно се квантифицира.