Салонот за убавина Мое студио – Дадар е простор во кој преовладува луксуз, елеганција, гламур.
Инспирацијата на архитектот за изработка на ентериерниот проект е самиот инвеститор, нашиот познат стилист Александар Билјановски – Дадар, поточно ентериерот е огледало на природата на неговата работа.
Во процесот на проектирањето на просторот, напоредно се води сметка за фукциите и естетското обликување на истиот и тие цело време се преплетуваат и надополнуваат. Функцијата е примарна во организација на просторот, а откако таа е поставена следува дизајнот и ентериерното обликување.
Просторот е поделен на три функционални делови: фризерница, шминкерница и спа-центар. Фризерницата и шминкерницата се сместени во приземниот дел и секој простор има свој влез што овозможува непречена работа во истиот. Спа-центарот се наоѓа на ниво под фризерницата, во сутеренски простор и е поврзан со вертикална комуникација.
Во делот на фризерницата и шминкерницата стилот е монохроматски, иста палета на бои се претопува со нијансирање на тонови, а се пренесува на сите елементи што го сочинуваат ентериерот, подови, завеси, мебел.
Подот е порцелан од плочки „grace porcelain“ 120 х 120 со 3Д ефект кои преминуваат и на ѕидот со цел визуелно зголемување на просторот и бришење на границата помеѓу хоризонталата и вертикалата, поточно прелевање на подот во ѕидот.
Просторот на фризерницата е опкружен со континуирани излози, а ѕидот внатре е искористен за поставување на огледала во нијанса на димена бронза, кои овозможуваат визуелно проширување на целиот простор од 45 квадратни метри и со што е постигнат ефектот да се чувствува просторот поголем. Неопходноста од класични огледала за фризерницата наметна потреба од комбинација на два типа огледала, наменско и декоративно бронзено како облога на целиот ѕид , а спојот меѓу огледалата е направен со декоративна дрвена профилирана рамка.
Огледалото како облога на ѕид и на плафон е поставено и во шминкерницата во простор од 12 квадратни метри. Со помош на овој огледален ефект и визуелно зголемување на просторот и во длабочина и во висина, повторно е постигната целта, просторот да изгледа со поголем волумен и да делува попространо.
Во шминкерницата плочките на подот и ѕидот и огледалата се поставени дијагонално во форма на ромбови, со што дополнително визуелно се зголемува просторот, потенцирајќи ја најдолгата должина.
Сите материјали кои се употребени во реализација на ентериерот се внимателно бирани и поврзани во дадениот простор преку точно избрани примероци и нивната компатибилност по боја, вид и материјал го прави ентериерот чудесен. Материјалите кои доминираат и имаат за цел да придонесат на раскошен изглед се кадифе со златен сјај, огледало димено со бронза ефект и порцелан плочки со ефект на 3Д во песочни нијанси.
Врската меѓу ѕидовите и плафоните е решена со гипсени, декоративни, профилирани лајсни. Спојот на овие две површини на овој начин овозможува да се избегнат остри рабови во преминот помеѓу вертикала и хоризонтала во делот на плафоните.
Мебелот е изработен со техника на лепење на огледало на иверица и медијапан, со совршено обработени рабови. Ефектот на тој мебелот изработен на овој начин е неутрализирање на неговиот волумен со тоа што целата околина се отсликува во него. Мебелот е поставен, како да лебди во просторот, а непречено си ја извршува функцијата.
Спа-просторот е во сутерен, сместен во делот под фризерницата, со површина од 60 квадратни метри, поврзан со кружни скали.
Задачата беше да се проектира еден посмирен простор за релаксација. Во овој простор преовладуваат потемни тонови на темно дрво кои се присутни насекаде, на подот во вид на плочки, на мебелот од темно дабово дрво, кафеаво калено стакло за преградите на просториите на кои се поставени и завеси од кадифе. Но, присутна е и зелената боја која внесува свежина во просторот на кој му недостасува природна светлина.
Во спа-просторот доминираат и уметнички фотографии кои ја поддржуваат уметничката нишка на Салонот за убавина Мое студио – Дадар.
Осветлувањето е решено со кристални лустери во делот на фризерницата и шминкерницата и со дискретно светло во спа-центарот.
При проектирање на ентериерот на салонот за убавина Мое студио – Дадар користено е континуирано визуелизирање на архитектот, проектирање со ефект на сценографија, односно создавање на простор со решавање на секој дел посебно, а вооедно континуирано замислување на истиот како една компактна уметничка целина.
Целта која е поставена на почетокот е постигната, клиентот да се чувствува божествено од самиот влез и да се препушти на вештите раце на уметникот Дадар.
Проектант: м-р инж. арх. Хелена МОЈСИЌ