Луксембург е европска земја со најголем процент на заштитени природни области и тоа со три четвртини од областа под заштита, додека Северна Македонија, БиХ, Романија и Србија се на дното на листата од анализирани 35 земји. Бројот и површината на заштитени копнени области во Европа постојано се зголемува и денес 26 отсто од територијата на Европската унија е заштитена со националните закони.
Заштитените природни области на Луксембург сочинуваат 76 отсто од нејзината територија, поради што земјата е на врвот на листата, составена од веб-страницата SaveOnEnergy, заснована на податоци од Европската агенција за животна средина. Луксембург е една од најмалите земји во Европа, со површина од 2.586 квадратни километри. Има само 134 заштитени подрачја, но нивната вкупна површина е 1.963 квадратни километри. Словенија е на второ место, со 1.891 заштитени подрачја на 72 отсто од територијата на земјата. Првите пет европски земји се Малта (65 отсто), Кипар (56 отсто) и Лихтенштајн (45 отсто). По нив следуваат Холандија, Велика Британија, Австрија, Полска и Германија. На последно место е Босна и Херцеговина, каде заштитените природни добра претставуваат само четири отсто од државната територија. БиХ, со површина од повеќе од 192 илјади квадратни километри, има 40 заштитени области, опфаќајќи 1.922 квадратни километри.
Меѓу земјите со најмал процент на заштитени подрачја се Романија (шест отсто), Белгија (осум отсто) и Португалија, Северна Македонија и Унгарија (девет отсто). На Западен Балкан, Албанија има најголем процент на заштитени природни области – 17 отсто, потоа Црна Гора и Косово со 13 отсто од заштитеното подрачје. И во Хрватска заштитените природни добра сочинуваат 13 отсто од територијата. Германија, Шведска и Швајцарија имаат најголем број заштитени подрачја, но тие не зафаќаат голема област. Германија има 17.654 заштитени подрачја кои покриваат 31 отсто од површината на земјата, Шведска 15.254 и Швајцарија 10.423. Франција, втора по големина земја во Европа, има повеќе од 153 илјади квадратни километри заштитено природно подрачје, но тоа сочинува само една четвртина од вкупната површина на земјата. Лихтенштајн (44), Црна Гора (54) и Кипар (57) имаат најмал број на заштитени подрачја, по БиХ.
Порталот SaveOnEnergy анализира скоро 80 илјади национално заштитени копнени области во Европа и го пресмета процентот на заштитено подрачје по земја, за да види кој прави најголеми напори за зачувување на нивните природни добра. Анализата не вклучувала морски заштитени подрачја или културни добра, како и области што опфаќаат област од неколку земји.