Насловна / Архитектура / „ЛР2“ – Куќа чиј волумен е инспириран од кутија за кибрит

„ЛР2“ – Куќа чиј волумен е инспириран од кутија за кибрит

КУТИЈА ЗА КИБРИТИ КАКО ИНСПИРАЦИЈА

Почитувањето на затекнатиот контекст е половина завршена работа за архитектот во поглед на успешноста на решението на проектот, без разлика дали се работи за изграден урбан контекст или за природен контекст. Проектантската фирма „Монталба Архитекти“ го има направено токму тоа при проектирањето на куќата едноставно наречена „ЛР2“, која го почитува и се вградува во теренот со пад и со околниот пејзаж. Куќата се наоѓа во убавата Пасадена во округот Лос Анџелес во Калифорнија, САД.

LR2_House_Montalba_Architects_California_040

Почитувањето на контекстот било желба и на инвеститорите кои сакале да се запази рамното плато помеѓу околните ридови, но притоа да се изгради и врска со нив преку внимателно решавање на волуметријата на објектот. Како што ќе истакнат и самите проектанти, инспирацијата за да се постигне ова дошла од начинот на функционирање на обична кутија за кибрити, каде еден волумен се извлекува од друг. Овој „кибрит-принцип“ на извлекување на волумени е надграден и проширен: волумените освен што се извлекуваат еден од друг, се наслонуваат и еден врз друг, но и врз околните падини. Секоја ваква правоаголна маса има и внатрешен и надворешен простор.

LR2_House_Montalba_Architects_California_035

Со страничните патеки, веранди, дворови, затскриени шеталишта и големата кровна палуба, се проширува дометот на ограничените подни површини сè до околните џбунести чапарали (вид на даб, карактеристичен за Калифорнија – заб. на авт.) и погледите понатаму. Со таквото решение куќата идеално се вклопува во контекстот со што се овозможени непречени визури кон околните брда и долината на Пасадена.

LR2_House_Montalba_Architects_California_039

КОНСТРУКЦИЈА И ФУНКЦИОНАЛНО РЕШЕНИЕ

Конструкцијата претставува мешовит скелетен систем, првенствено од челични елементи во комбинација со конвенционални дрвени елементи, кој е обложен со префабрикувани армиранобетонски фиброцементни панели за поголема крутост. Дел од овие панели намерно немаат завршна обработка со цел како такви да бидат дел како од фасадниот, така и од ентериерниот дизајн.

LR2_House_Montalba_Architects_California_002

Куќата зафаќа површина од околу 390 квадратни метри. Oсвен стандардните простории неопходни за домување, вклучува и апартмани за гости, работна соба, домашна вежбална, домашно кино, како и повеќе отворени, убаво уредени простори.

LR2_House_Montalba_Architects_California_001

Предвидената влезна секвенца тече со пејзажот и ги води посетителите по тротоар кој се протега под правоаголниот волумен од објектот. Главниот влез е преку надворешни трокраки скали лево од оваа секвенца, со што самото влегување во објектот е на некој начин параден чин во кој посетителот најпрво со рамно движење продира под големата волуменска маса, за веднаш потоа, штом ќе „продре“, да се извие врз неа со „малтене“ кружно движење по надворешните скали кои се развиваат од левата страна и да стане „еднаков“ со таа голема маса.

LR2_House_Montalba_Architects_California_003

Ова кружно качување нуди и убави визури кон околината и објектот. По влегувањето во куќата, темната аголна фасада од фиброцементни панели отстапува место на светол ентериер во кој доминира дрвото и белите завршни обработки на ѕидовите и плафоните.

LR2_House_Montalba_Architects_California_005

Влезот е сместен на спротивната фасада од пристапниот продор, но на едно ниво погоре, односно на второто ниво (прв кат) од вкупни три надземни нивоа. Сите четири нивоа се програмирани да функционираат независно, а поврзани се со една внатрешна нишка по која се одвива вертикалната комуникација.

LR2_House_Montalba_Architects_California_009

Подрумот е наменет за домашното кино и за пропратни простории; приземјето е зафатено од гаражата и топлата врска кон горе; на првиот кат е влезот во куќата, кој уште сместува и работна соба, отворена тераса, спална соба и бања; а на вториот, највисок кат, е сместен најприватниот дел од куќата, односно дневниот престој со двете трпезарии (внатрешна и надворешна) и кујната, две спални соби од кои едната е master, бања и навистина голема отворена тераса која практично го зафаќа целиот кровен простор врз нивото подолу. Највисокото ниво е поставено нормално под прав агол гледано во основа во однос на останатите нивоа.

LR2_House_Montalba_Architects_California_027

Обликовното решение на куќата гарантира изобилство на природна светлина од сите можни страни и различни визури. Во речиси сите простории стаклените отвори се од под до плафон. Нивната големина и ориентација ја максимизира дневната светлина во целата куќа.

LR2_House_Montalba_Architects_California_014

Стаклените површини се потиснати навнатре во габаритот на куќата со цел да се редуцира продорот кон внатре на преголема топлина во летните месеци. Ваквото решение од една страна ја намалува топлината, но од друга страна визурите кон надвор се непречени бидејќи на овој начин стреите не се наметливи, а погледот кон надвор е врамен од внимателно одбраниот материјал за фасадата.

LR2_House_Montalba_Architects_California_042

ОБЛИКУВАЊЕ, МАТЕРИЈАЛНОСТ И ПРОЕКТАНТСКИ ПРИСТАП

Не е лесно куќа од ваков тип, со ваков современ дизајн да биде вклопена во природниот контекст на ваков среќен начин. Играта со волуметријата на кубусите и речиси непостоечкото интервенирање во теренот со какви било доминантни засеци и насипи, отсуството на преголем број на различни материјали и бои и користењето на темната боја за закосените панели во кои се врамени стаклените отвори го прави објектот ненаметлив за околината. Доминираат два материјали во надворешното обликување. Фиброцементните панели во природна боја градат врска со тлото, а темнообоените ги врамуваат застаклените отвори. Стаклото е вториот материјал во ваквото надворешно обликување, кој поради неговата природа не го оптоварува дизајнот.

LR2_House_Montalba_Architects_California_031

Бетонскиот изглед е и завршна обработка за пристапната автомобилска платформа кон гаражата, како и пешачкиот пристап кон влезот заедно со влезните скали. Газиштата на скалите се масивни и креираат илузија дека се лебдечки. Повлекувањето на отворите кон внатре е овозможено и со самиот конструктивен систем и ѕидарија, односно не е само фасадно од имитациска природа.

LR2_House_Montalba_Architects_California_013

Ентериерот е елегантен, современ, безвременски. Во него доминира иверицата односно дрвените финиши, белата обработка на плафоните и ѕидовите и дизајнерските парчиња мебел.

LR2_House_Montalba_Architects_California_016

Ѕидовите и плафоните се ослободени од секоја непотребна орнаментика, било какви декоративни спуштања на плафоните, гипсени декоративни лајсни, нападни ѕидни облоги во различни бои, како и сето она кое на мала врата се протнува како тренд во внатрешното уредување во Македонија кое во суштина има елементи на кич, а има тенденција да покаже некој статус, кој речиси секогаш завршува евтино. Очигледно сопствениците на оваа куќа не страдаат од таков комплекс, а проектантите се одлична екипа која знае што е универзално убаво.

LR2_House_Montalba_Architects_California_010

Во куќата се забележуваат уметнички слики и други дела, внатрешно зеленило во саксии и едноставни, елегантни линии во изработката на мебелот. Осветлувањето е генерално преку ненаметливи плафонски форми, а онаму каде што ги има лустери, тие се едноставни, со ненападни форми и ненаметливи бои.

LR2_House_Montalba_Architects_California_019

Ваквиот пристап во кое било внатрешно уредување е сигурен рецепт за безвременска елеганција, а ако е изведено на ваков беспрекорен начин, со квалитетни материјали и дизајнерски детали, не може да не оддава чувство на доза на луксуз за оние кои знаат да препознаат.

LR2_House_Montalba_Architects_California_016

Куќата е енергетски ефикасен објект од највисока класа. Нејзиниот габарит е во целост на кота под природното ниво на теренот, и едноставно волумените се закачени за теренот и го следат неговиот пад. Со ова објектот максимално ја искористува околината во своја полза за пасивно греење и ладење преку распоредот на волуменските маси и продорите кои тие ги креираат. Куќата е внимателно термоизолирана, има вградено соларен систем на кровот со интегрирана „Тесла“ батерија за да може да биде самоодржлива по потреба, без да мора да биде приклучена на енергетската мрежа во иднина.

LR2_House_Montalba_Architects_California_022

Проектот за оваа куќа е најнаградуван на фирмата Montalba Architects, како и најпубликуван во престижни магазини и веб-сајтови за архитектура.

Инаку, оваа фирма е основана во 2004 година од швајцарско-американскиот архитект Дејвид Монталба, со седиште во Санта Моника, Лос Анџелес. Во меѓувреме отвораат и втора канцеларија во Лозана, Швајцарија, и постепено фирмата прераснува од мало проектантско биро во респектабилна проектантска куќа со 60-тина вработени, која проектира насекаде низ светот.

LR2_House_Montalba_Architects_California_006

Добитници се на многу награди за своите проекти за архитектура и урбан дизајн во кои низ хуманистички пристап се земаат предвид потребите и барањата на клиентите од една страна, а од друга страна се почитуваат локациските, културните и економските прилики. Ваквиот пристап овозможува да се реализираат решенија кои се контекстуални, но и концептуални и визионерски по својата намера, ефект и привлечност.

LR2_House_Montalba_Architects_California_012

Вредното архитектонско дело ја покажува својата цел преку физички решенија. Како и секоја форма на дизајн, и во архитектурата, уметничките решенија претставуваат цели кон кои таа треба да се стреми. Тоа се клучните вредности на Монталба кои пронаоѓаат физички израз во начинот на кои тие се директно поврзани со клиентот, програмата и зададената задача која треба да се реши.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

LR2_House_Montalba_Architects_California_008 LR2_House_Montalba_Architects_California_002 LR2_House_Montalba_Architects_California_033 LR2_House_Montalba_Architects_California_034 LR2_House_Montalba_Architects_California_030 LR2_House_Montalba_Architects_California_023 LR2_House_Montalba_Architects_California_Site_Plan LR2_House_Montalba_Architects_California_Concept_Diagram LR2_House_Montalba_Architects_California_Diagram projectimage_4397 LR2_House_Montalba_Architects_California_Plans LR2_House_Montalba_Architects_California_Section

Испрати коментар

Scroll To Top