Лондонскиот облакодер кој поради својот облик, популарно се нарекува „Корнишон“, е продаден за 700 милиони фунти на бразилскиот милијардер Јозеф Сафра.
Ова 180 метри високо здание во стакло, челик и бетон, се наоѓа во лондонскиот финансиски центар Сити. Проектот го изработи еден од најугледните британски архитекти Норман Фостер, а зградата беше пуштена во употреба во 2004 година.
Нејзиниот прв сопственик беше швајцарската осигурителна организација „Свис Ре“ која во 2006 година, во време кога цените на недвижниот имот во Лондон и Велика Британија беа највисоки, ја продаде „Корнишон“ за 600 милиони фунти.
Новите сопственици, германската компанија ИВГ-Имобилиен и британската група „Еванс-Рендал“, не успеаја да направат профит со облакодерот што им носеше проблеми, затоа што нивната зделка се поклопи со времето на банкарската и финансиската криза, па двајцата сопственици се одлучија да го продадат облакодерот.
Иако е само десет години стар, овој објект веќе е еден од новите симболи во Лондон и постојана цел на бројните странски туристи.
„Корнишонот“ обвиен со зелено стакло е изграден на местото каде порано се наоѓаше зградата на некогашната „Балтик Иксчеинџ“ која во 1992 година беше цел на терористички напад на паравоената Ирска републиканска армија (ИРА) во кој загинаа три лица.
Новиот сопственик „Сафра Груп“ е вклучен во банкарскиот бизнис и во инвестирањето. Компанијата располага со имот низ целиот свет во вредност од околу 200 милијарди долари. Основачот и сопственик на компанијата Јозеф Сафра (75) се верува дека има лично богатство од 15 милијарди долари.