„Локалните климатски влијанија во архитектурата” е насловена архитектонската изложба, која е отворена во паркот кај спомен костурницата во Неготино. Автор на изложбата е Кире Ставров.
Сашко Тодоров, претседател на Здружението за заштита на природата, ,,Ековита”, повика на посетеност на изложбата, со оглед на, како што рече, големото влијание на климатските промени врз животот на луѓето.
Тодоров информираше дека архитектонската изложба е дел од истражувачкиот проект насловен „Влијание на локалните климатски карактеристики во современата архитектура“.
– Изложбата е изработена од слободностоечки објект изведен и материјализиран од дрвени и челични елементи . Настанот вклучува изложба во којашто се претставени авторски трудови. Делата, архитектонските трудови се презентирани низ скици, технички цртежи, колажи. На изложбата се прикажани меѓусебните поврзувања на климата со архитектонскиот простор. Поврзаноста е претставена преку спектограмски дијаграми на различни климатски показатели кои прикажуваат меѓусебна поврзаност помеѓу архитектурата и климата, соопшти Тодоров.
Тој нагласи дека изложбата има за цел да го приближи архитектонското творештво до пошироката јавност и да придонесе кон активирање на културните случувања во помалите градски средини во Македонија.