Буенос Аирес е еден од најмалку зелените градови во светот, со само 1,8 квадратни метри зелена површина по глава на жител во споредба со препораките на Светската здравствена организација за минимум 10 квадратни метри по глава на жител. Во 2014 година, владата го изгласа законот наречен Ley de Bares (Закон за баровите) според кој се дозволува издавање на лиценци за кафулиња во паркови од 50.000 квадратни метри или повеќе. Во паркот Чакабуко на југот на градот, тоа ќе резултира со масовна изградба за која локалната активистка Пола Кастели, вели „нашиот парк се повеќе личи на градилиште одошто на парк“.
Многу големи паркови како Чакабуко или паркот 3 de Febrero на северот од Буенос Аирес датираат од почетокот на 20 век и се дизајнирани од познатиот пејзажен архитект Карлос Тес. Оттогаш исчезнаа повеќе од половина од зелените површини. Според биологот и активист Матиас Пандолфи, концентрацијата на зелени површини почнала да се намалува во 1970-тите кога започнала изградбата на серија комплекс згради и трговски центри. Јавните паркови и плоштадите се сметаат за шанса за пласман на трговска размена одошто за места со јавна вредност, при што владата ја презема улогата на претприемач, модел кој Пандолфи го нарекува „урбан активизам“.
Паркот Чакабуко е првиот парк погоден од Ley de Bares (Закон за баровите). Жителите, кои видоа како нивниот парк се намалува поради автопатот кој го пресече паркот на два дела, а многу јавни згради се градат по неговиот обод, веднаш формираа собрание и организираа неделни протестни маршеви. Нивните активности го привлекоа вниманието на медиумите, кои иницираа поширока јавна дебата, не само поради губењето на зелени површини, туку и за блиските односи меѓу компанијата што го доби тендерот за изградба на баровите и градоначалникот Хорасио Родригез.
Локалното население, потпомогнато од политичарот Адријан Кампс предлагаат нацрт-закон за стопирање на изградбата на објектите. Сепак, законот единствено се однесува за стопирање на градежните активности единствено на паркот Чакабуко, но не и за целосно укинување на спорниот закон. Според Адријан Кампс, ова е најпогодната стратегија за успех: „Имавме динамика со вклучување на населението, компанијата што го доби тендерот и новиот градоначалник. Така, избравме да се концентрираме на Чакабуко, надевајќи се дека владата ќе размисли двапати пред да се обиде да го спроведе овој закон на друго место“.
Тие ја добија битката, но не и војната. Градскиот совет никогаш не гласаше за новиот предлог-закон. Тој не беше одобрен ниту отфрлен, и ова прашање остана нетретирано и игнорирано. Во случајот со Чакабуко, одобрението за градба за конкретните објекти е повлечено, но, законот останал во важност и оценката на Кампс дека владата нема да се обиде по втор пат да ја оствари својата замисла пропадна во вода. Во моментов, истото му се случува на паркот Патрисиос.
ПАРК НАМЕСТО КОНЦЕРТНА САЛА
Во Балванера, населба од пониска класа во центарот на градот, речиси и да нема зелен простор. Со само 0,4 квадратни метри по глава на жител, станува збор за најниско рангиран хабитабилен кварт во Буенос Аирес. Поради алармантите бројки на недостаток од зелени површини, локалното население преку група активисти од Manzana 66 Verde y Pública ќе оствари неочекувана победа во ноември 2016 година. По две и пол години нивната иницијатива да го претворат празниот блок, во јавен парк наместо предвидената концертна сала за 18.000 гледачи публика, ќе биде прифатена од градскиот совет.
Битката започна во 2011 година кога инвеститорот Micrоsol го купува земјиштето и започнал со процес на експропријација, уривање на постојниот градежен фонд и дислокација на жителите. Сепак, дури во 2014 година, пошироката јавност по вест во локалните весници ќе дознае за плановите за изградба на концертната сала. Во и онака многу густо населената област, загушена од сообраќај, густината на нови 18.000 посетители во една вечер би било катастрофално за Балванера. Манзана 66 излезе со алтернативен план да ја смени намената на земјиштето за јавен парк, собирајќи 4.500 потписи за поддршка.
Алберто Агилера, движечката сила зад Манзана 66, објаснува дека презентирањето на планот и неговото гласање трае околу две години. На планот му требаа најмалку 40 советници за да го поддржат. „Проблемот лежи во начинот на избирање на советници, односно на секои две години половина од градскиот совет е повторно реизбиран“, се жали Агилера, „и тогаш треба да почнете одново“. Тој смета дека медиумите одиграле важна улога, во нивната победа, и покрај тоа што според неговата проценка се генерално многу провладини, сепак ја согледаа и промовираа потребата од повеќе зелени површини.
Во замена за трансформацијата на блокот Манзана 66 во јавен парк, на сопственикот му е доделена локација во населбата Сааведра за да ги реализира своите инвестициски планови. Во име на „здравата рамнотежа помеѓу јавните и приватните интереси“.
РАЗДЕЛИ, ПА ВЛАДЕЈ
Локални организации за заштита на јавните простори се се почеста појава во Буенос Аирес. Сепак, и покрај нивната многубројност, урбаните граѓански движења не се доволно моќни силно да се спротивстават на широко распространетата приватизација на јавното земјиште и тековното „исчезнување“ на градските зелени површини. Иако некои групи меѓусебно се поддржуваат, постојат и силни линии на поделба. Некои здруженија имаат јасна политичка ориентација и се поактивистички, додека други обединуваат луѓе со различни политички афинитети. Во нивните стратегии, некои се борат со своите битки протестирајќи на улиците, додека други користат правни алатки за да ја попречат владата во нејзините напори за приватизација.
Реалноста е дека повеќето од нив зависат од активното вклучување на многу мала група луѓе, при тоа вложувајќи го целото свое време и енергија во овие локални битки. За да добијат потребната поддршка дури и ако е само во форма на потпишување петиција – тие треба да се справат со причината што директно ги засега граѓаните. Жителите обично не се вклучени во големи урбани или политички дебати, што ја засегаат заедницата, во недостаток од општествена свест.