Насловна / Вести / Локациски фајронт на еден клинички центар

Локациски фајронт на еден клинички центар

Легендарната мисла на Леонардо да Винчи за луѓето кои понесени од повисока цел забораваат да погледнат зад себе на парадоксален начин се пресликува на реконструктивно-развојната сторија на скопскиот Универзитетски клинички центар. Девалвирана во праксата онолку колку што и воздигнувана во теоријата оваа иституција прерасна во тажен репринт на системското „разбирање“ и „грижа“ за високи медицински установи.
Макар колку и да била заводлива, идејата за концентрирање на поголемиот дел од клиничкото наследство на истото место неповратно е нагризена од струковните црви на сомнежот. Дел од репрезентите на исполитизираните и кастрирани струковни еснафи се спротивставија на опсервацијата на ова прашање низ тесни прорези, упорно инсистирајќи на она што со дилемата не смееше да дојде во допир: длабинско преиспитување на оперативиот капацитет и можности како темел за издржана локациска одлука. Искрениот осој на сообраќајното инженерство во наметнатата стапица не можеше да падне.

04
Како ударно влијание врз појавата на секој посетител начинот на кој овој здравствен комплекс сообраќајно е организиран и опслужуван апострофира неопходност за раслојување на децениските проблеми и потешкотии до ниво до кое и самите ќе возвратат со употребливи насоки. Предолгото експлоатирање на базичната сообраќајна матрица, нејзината аутистична надградба игнорантски настроена кон рамковните урбано-сообраќајни, медицински случувања и трендови и потполната немарност во зајакнувањето на непосредната инфраструктурна поддршка ги дезавуираа потенцијалните локациски предности. Отсуството на намера за сообраќајна анализа, како иницијален лакмус за оправданоста на одреден вид и обем на просторен развој, објективната техничка јавност само ја зацврсти во ужасот од уште една обемна и неоправдана инвестиција. Гласот подигнат против комбинацијата од нова идеја и стара локација е крик против егзактното нумеролошко отсуство незамисливо дури и за изградбата на минорни просторни форми кои од националниот интерес ги делат светлосни години. (Системот во кој Вашиот автор одлучи да ја продолжи својата кариера негува изготвување на детална, суштински фокусирана сообраќајна анализа за сите градби над оние наменети за индивидуално домување, како составен дел од документацијата за добивање на одобрение за градба).

05
Во такви услови принципиелното произнесување против поседува далеку поголема етичка специфична маса, особено во систем во кој омилената загатка „каде тоа го пишува“, однегувана како лакрдијашка тупаница контра здравиот разум, нема милост ниту за највисоките здравствени храмови.
Кафезот на нашиот планерски резон, а со самото тоа и на планерско-градежната пракса, има пирамидална форма во која слоевитоста на донесување одлуки (оној при врвот) и најголемата стручност и демократичност (оној при дното) ги „спојува“ дијаметралност и потполно пореметена комуникација. Да не е така не би протекле толку години и толку истурени зборови пред недвосмислениот заклучок дека локацискиот кредитен рејтинг на таква една установа каква што е Универзитетскиот клинички центар не се презервира со нејзино упорно децениско гетоизирање.

02
Non si volto chi a stella è fisso изреката на големиот ренесансен мајстор можеби звучи патетично за дадениот контекст, но пак за неговата суштинска важност, за дадената локациска шанса и особено за системот кој сето тоа треба на вистински начин да го артикулира не повторувајќи ги добро познатите грешки треба да има сила на прометејска опомена.

Испрати коментар

Scroll To Top