Се чини невозможно да исчезне цел град, но токму тоа се случило во Кина. И тоа не еднаш, туку педесетина пати. Познатите „градови духови“ станаа дел од интернет-културата последната деценија, а Кина има доста ненаселени големи станбени блокови и пусти улици.
Истражувачите што ги ангажирала компаниајата „Баиду“, ги искористиле податоците од 770 милиони нејзини корисници и дошле до заклучок дека во Кина има околу 50 вакви градови. Станбените подрачја со помалку од една четвртина очекувани корисници на мрежата Баиду се обележани под категоријата „градови духови“.
Најмногу кинески градови исчезнале во последните десет до петнаесет години по донесувањето на законот што им овозможил на локалните самоуправи евтино да купуваат рурални парцели, а потоа инвеститорите со помош на евтини кредити за кратко време изградиле огромна маса станбена површина.
Многумина претерале во своите прогнози и повеќекратно ја надминале реалната побарувачка на пазарот. На некои парцели изградени се милиони станбени квадратни метри со придружна инфраструктура, а никогаш не се населени. Така настанале кинеските „градови духови“, кои потсетуваат на опустошени населби од некој постапокалиптичен свет.