Насловна / Вести / Љубљана во семејството на зелените престолнини

Љубљана во семејството на зелените престолнини

Европа има многу еколошки предизвици со кои се соочува. Токму затоа, Европската комисија од поодамна ја препозна важноста на локалните власти при подобрување на  животната средина како и нивното високо ниво на одговорност. The European Green Capital Award претставува иницијатива за промовирање и наградување на овие напори.

Наградата се доделува на град кој има постојан пораст при постигнување високи еколошки стандарди, град кој е посветен кон тековни и амбициозни цели за понатамошно подобрување на животната средина и одржлив развој.eko ljubljana (2)

Оваа година, наградата заслужено оди во Љубљана, која се приклучува на семејството на зелени престолнини: Стокхолм, Хамбург, Виторија (Гастејс) Нант, Копенхаген и Бристол, кои служат како инспиративен пример дека градовите можат да бидат двигатели за промена на животната средина.

Љубљана од минатото е град на автомобили, а денес сè повеќе се става акцент на јавниот превоз, пешачките зони и велосипедските патеки. Станува збор за промена која се случи за помалку од 10 години. Промената се должи на големи напори и иницијативи, како проектот за реката Љубљаница, кој во 2012 година ја доби европската награда за урбан јавен простор и победи на натпреварот меѓу 347 поднесени проекти од 36 земји. eko ljubljana (5)

Со целосното реновирање на насипите на мостовите на реката и изградба на нови пешачки мостови, реката стана „зелено“ социјално јадро. Денес, главниот град на Словенија може да се пофали со огромна област на зелени површини (542 м2 по жител). Исто така, Љубљана ја спроведува и стратегијата за поттикнување на граѓански иницијативи и заложби. Една од тие иницијативи е градинарството. eko ljubljana (4)

Иако главната цел е одгледување зеленчук за сопствена потрошувачка и самодоволност, тоа претставува и начин на дружење, забава и рекреација, но и подобрување на односот на луѓето кон животната средина. За градинарство се наменети 46 хектари земјиште во 23 области, а жителите на Љубљана имаат можност за изнајмување на градина односно парцела на општинско земјиште.

Меѓу најважните промени во последната деценија, е воведување еколошки зони во центарот на градот, затворени за моторен сообраќај. Преземените мерки вкучуваат изградба на подземни гаражи, поттик за користење на јавен превоз, како и создавање на голема мрежа на велосипедски патеки.eko ljubljana (3)

Љубљана се одликува со софистициран систем на управување со отпадот. Стратегија за „нула отпад“ (Zero Waste Strategy) е стратегија по пример на природата која не познава отпад, односно сè се рециклира во кружен тек на материја и енергија. Целта е да се создадат услови во кои сè што произведуваме и трошиме да има минимално влијание врз околината. Со својата напредна стратегија за „нула отпад“, Љубљана е прв европски град со „нула отпад“ со значаен придонес на транзицијата на Европа кон подобра циркуларна економија. eko ljubljana

Доколку Стокхолм звучи нереално и далеку од нас, Љубљана е многу блиску, и покажува дека всушност грижата за животната средина во урбана област е можна и остварлива. Љубљана е пример дека реални и подобри резултати се создаваат најпрво со надградба на инфраструктурата, а потоа преку поттикнување и интензивна комуникација односно соработка со граѓаните, практика која веќе докажано обезбедува одлични резултати.скопје отпад

Скопје

За разлика од Љубљана, во главниот град на Македонија (истото се однесува и за останатите градови), се усвојуваат едноставни и брзо спроведливи решенија, без промена на свеста и однесувањето на граѓаните. Една софистицирана стратегија подразбира ангажман на сите поединци во соработка со градските власти, наместо префрлување на вината од една на друга страна. Ние сме сведоци дека најлесно справување со отпадот е тој да се отстрани, затрупа и запали, без оглед на догорочните последици од немарното однесување. Од неодамна, во Скопје се создаде мала логистика со неколку еко точки и мал број на канти за различни видови на отпад, но оваа иницијатива е далеку од доволна. Потребно е да се развие систем кој морално и финансиски ќе ги стимулира одговорните граѓани коишто прават малку отпад и да ги казни неодговорните. Во споредба со Љубљана, која гради подземни гаражи со цел да ги зачува парковите, во Скопје зелените површини сè повеќе се уништуваат, додека проблемот со паркирањето во центалното градско подрачје се решава со градење на катни гаражи. Иако Скопје има идеални услови за велосипедски патеки, сè уште предност имаат автомобилите.

Пишува: Марина Верушеска

Еден коментар

  1. Pred 40 – 45 g.vo planinarskiot dom ,,Kopanki,, na Pelister ja vidov grupata planinari od Slovenija kako tivko vadi od rancite kesinja za smet,go stava svojot smet vo niv,go vlecka niz cela planina i na krajot bara vo Bitola kade da go frli.Zasega zaostanuvame poveke od tolku godini kolku sto napisav na pocetokot na tekstot,Se uste kaj nas ne mozam da vidam ova rutinski da se primenuva.Dotogas ni preostanuva nie vozrasnite planinari da go sobirame smetot niz planinata.

Испрати коментар

Scroll To Top