Little Architect е програма на Architectural Association School of Architecture во Лондон. Создадена е во 2013 година, и фокусирана е на лекции за архитектурата за деца во основните училишта, и досега има остварено импресивни резултати односно над 2.400 деца од различна социјална и културна средина добиле едукација од оваа област. Програмата посебно се фокусира во средини со понизок социјален статус и јавните училишта.
„Нашата одговорност како архитекти не е само проектирањето, туку и презентирање на архитектурата пред општеството и креирање на свест кај граѓаните за прашањата од урбанизмот и современата архитектура“, вели Долорес Викторија Руиз Гаридо, автор и директор на оваа програма. „Little Аrchitect” е едукативна програма за архитектурата и урбанизмот наменета за основно училиште, и се имплементира во Лондон и во другите градови.
Опфатени се деца на возраст од 4 до 11 години, кои учат како да ја набљудуваат, разбираат и како да уживаат во архитектурата, и како да станат активни граѓани и чинители во поодржлива иднина.
„Моделот на учество на граѓаните, гласот на заедницата и флуидниот дијалог меѓу граѓаните и политичарите, односно креаторите на политиките се исклучително важни. Денес, повеќе од кога било, е неопходна едукација уште од најмала возраст за архитектурата и одржливоста.
Ако сакаме подобри градови, неопходни ни се посветени, свесни, моќни и информирани граѓани“, подвлекува Гаридо.