Насловна / Архитектура / Линијата Елизабет добитник на Стирлингова награда за 2024 година (ВИДЕО)

Линијата Елизабет добитник на Стирлингова награда за 2024 година (ВИДЕО)

На 16-ти октомври 2024 се одржа свечена церемонија за доделување на овогодишната Стирлингова награда на Кралскиот институт на британските архитекти.  Во конкуренција на шест проекти селектирани во најтесниот избор за наградата, како овогодишен добитник беше прогласено најновото продолжение на сообраќајната мрежа на Лондон, Линијата Елизабет испроектирана од Гримшо, Мејнард, Еквејшон и Аткинс Реалис.

Се смета дека проектот е резултат на исклучителна соработка помеѓу архитектите, инженерите и дизајнерите коишто испроектирале високо инклузивен и кохезивен транспортен систем којшто веќе ги докажал своите вредности, како социјални и економски, така и од аспект на животната средина. Линијата Елизабет продолжува да придонесува кон долгорочниот раст на градот преку зголемување на капацитетот, намалување на метежот и поддршка на широка обнова во рамките на британската престолнина.

ЛИНИЈАТА ЕЛИЗАБЕТ

Станува збор за исклучителен транспортен проект со проценет капацитет од околу 200 милиони патници годишно, кој се протега по должина од околу 100 километри, од кои околу 42 километри низ нови тунели, 10 нови и 31 реновирани станици од кои некои од нив одат на длабочина од 9 до 10 ката под нивото на теренот низ Лондон, и тоа од Аеродромот Хитроу и Реадинг на запад, до Шенфилд и Аби Вуд на исток. 10-те нови, одделно проектирани станици, се состојат од перони, тунели за патниците, ескалатори, станици, мебел, фитинзи и технологија за поддршка.

Успехот на проектот е резултат на интезивна соработка помеѓу мултидисциплинарен тим на архитекти, инженери, проектанти за осветлување и експерти за навигација, како и производители и снабдувачи.  Целта била на корисниците да им се понуди најкохерентно можно искуство, да се создаде познато чувство, да се подобри удобноста на патувањето, да се олесни навигацијата и протокот, како и да се стандардизираат компонентите.  Како резултат на ова обликувањето усвоило јасен визуелен јазик со конзистентна палета на материјали и пристап кон деталите.

Гримшо, Мејнард, Аткинс Реалис и Еквејшен се јавуваат како дел од поширокиот тим за архитектонско проектирање на Кросреил задолжен за проектот на целата Линија Елизабет којшто се поврзувал со архитектите на 10-те нови станици во чиешто проектирање биле вклучени и Џон МекАслан со партнерите, Вестон Вилијамсон со партнерите, Хакинс Броун, АХР (претходно Аедас), Вилкинсон Ејр, БДП, Адамсон Асошиетс, Алајс и Морисон и Фередај Полард.

Говорејќи во името на жирито, претседателот на Кралскиот институт на британските архитекти и претседавачот на жирито Мујива Оки вели дека „Линијата Елизабет е триумф во соработката предводена од архитект, нудејќи беспрекорно, ефикасно, убаво кореографирано решение за транспортот во градот“. Станува збор за неоптоварено платно со елегантен пакет на архитектонски компоненти со цел да се создаде конзистентен идентитет низ целата линија низ која лесно се движат илјадници патници секој ден.

За Нил МекКлементс, партнер во Гримшо, говорејќи во името на проектантскиот тим на линијата „Линијата Елизабет е сегмент од инфраструктурата што беше трансформативна, не само за транспортната мрежа на Лондон, туку и за животите на многу луѓе, истакнувајќи ја улогата на дизајнот во издигнувањето на нашето секојдневие. Тоа е, исто така, признание за предизвиците со коишто се соочува нашата професија денес – одговорноста што ја имаме брзо да одговориме на вонредната климатска состојба, да ги декарбонизираме нашите градови и да дадеме приоритет на социјалната и на економската еднаквост. Знаеме дека ова е остварливо само преку соработка и наградата Стирлинг им оддава признание на сите проектантски и градежни тимови коишто се собраа да го направат проектот успешен каков што е.

На патот кон Стирлинговата награда проектот е добитник на Награда на Лондон, на Зграда на годината на Лондон за 2024 година и на Националната награда за 2024 година, сите на Кралскиот институт на британските архитекти.

НАЈТЕСНИОТ ИЗБОР ЗА НАГРАДАТА СТИРЛИНГ 2024

Покрај наградениот проект на Линијата Елизабет во најтесен избор за овогодишната награда влегле и следниве проекти:

Чоудхари Валк од Ал-Џавад Пике за Лондонскиот бороу на Хакни

Проектот е добитник на Награда на Лондон и на Национална награда за 2024 година, сите на Кралскиот институт на британските архитекти. Објектот е предводник на амбициозна програма за нова генерација на домови за Советот на Хакни.

Станува збор за 11 нови куќи сместени на поранешна парцела со гаражи и неформално паркирање која се наоѓа помеѓу две низи на куќи и нивните дворови. Комплексот претставува комбинација на двокатни куќи со две и три спални соби и една со четири спални соби која целосно е пристапна. Седум од куќите се за социјално изнајмување, а четири за продажба на пазарот на недвижности. Куќите во низа скалесто се поставени во својата основа по должината на нова јавна патека за пешаци и велосипедисти и со мали приватни градини од задната страна.   Ориентација на куќите ја нагласува главната пристапна улица, а скалестото поставување обезбедува новите куќи директно да немаат поглед кон своите соседи. Артикулираната скулптурална форма дава силно и самоуверено присуство на објектот, кој може да се види на видеото тука. (https://youtu.be/uBVr6VFzQr4)

Мастер планот (урбанистичкиот проект) за Кингс Крос од Алај и Морисон и Прпфиријос Асошетс за Агент во име на Кингс Крос Централ Партнершип

Проектот е добитник на Награда на Лондон и на Национална награда за 2024 година на Кралскиот институт на британските архитекти. И покрај тоа што последните објекти тукушто се завршени препроектираниот Кингс Крос почнува да се чувствува како нешто што секогаш било тука и кое, клучно, „функционира“.

Ова претставува сведоштво за успешноста на урбанистичкиот проект како дел на градителството којшто почнал пред повеќе од 20 години. Од самиот почеток, проектантскиот тим ги воспоставил своите „принципи на хѕман град“, базиран на понудата на карактер, разноликост, избор и чувство на припадност коишто можат да ги поткрепат бргу променливите форми на социјално и економско однесување.  Овие биле применети не на грандиозен начин, туку преку внимателно разбирање и преобликување на изнајдените геометрии, прицврстувајќи го претходно отсечениот дел од градот назад во поширокото урбано ткиво.  Одлични градби од голем број архитекти го карактеризираат овој кампус, но на начин кој ги информира и поткрепува критичните отворени простори и правци на движење коишто се вистинско наследство на проектот.

Националната галерија на портрети од Џејми Фоберт Архитектс и Пурцел за Националната галерија за портрети

Проектот е добитник на Награда на Лондон и на Национална награда за 2024 година, сите на Кралскиот институт на британските архитекти. Националната галерија на портрети лоцирана на Плоштадот Трафалгар во Лондон била подложена на значителна трансформација насочена кон подобрување на искуството на посетителите и ревитализација на историските простории.

Клучните архитектонски интервенции вклучуваат нов јавен влез и предворје, центар за учење и пренамена на постојните административни простори во јавни простори.  Обновените историски елементи на зградата која е заштитен објект на градителско наследство од прва категорија беспрекорно се споени со современ дизајн.

Обзбедувајќи подобредојден и пристапен простор за посетителите, новиот влез симболично ја преориентира галеријата кон живописното соседство на север, на кое претходниот влез го свртел грбот. Проектот вклучува внимателна промена на оригиналните прозорци за да се оформат нови врати, задржувајќи ги исечените траги на основите на вратите за да ги изразат измените.  Новиот центар за учење се наоѓа под мостот што го поврзува предворјето со овој влез преку празнина во подрумот, овозможувајќи пристап до природно осветлување и затворен двор.

Парк Хил втора фаза од Микаил Ричес за урбан сплаш и плацес фор пипл

Проектот е добитник на Награда на Јоркшајар, проект архитект на Јоркшајар, и Национална награда за 2024 година, сите на Кралскиот институт на британските архитекти. Овој проект е дел од обновата која продолжува од инвеститорот на заштитен објект на градителско наследство од втора висока категорија, бруталистичка, со бетонски врамен Парк Хил комплекс лоциран на значајно брдо кое го надгледува центарот на Шефилд.

Овој бивш станбен проект изграден од Советот на градот Шефилд во 1950-тите години е зграда икона во градот и најголемиот заштитен објект на градителско културно наследство во Европа.  Преку втората фаза на обнова биле создадени 195 стана и 2.000 метри квадратни од комерцијални простори.  Зачувувајќи што е можно повеќе од структурата и карактерот на оригиналната зграда, создадена е современа и енергетски ефикасна средина.  Архитектите тесно соработувале со експерти за градителско наследство за да осмислат нова палета на бои, да им дадат идентитет на становите, а притоа да ги зачуваат клучните елементи вклучително со мрежниот изглед и „улиците во воздух“.  Внатрешно, становите биле комбинирани и реконфигурирани во современ распоред, за да се обезбедат дарежливи отворени простори со балкони.  Однадвор, насадените нови дрва и диви цвеќиња помагаат да се омекне зградата.

Врексал Јард од Клементајн Блејкмор Архитектс за Врексел Јард

Проектот е добитник на Награда на Југозапад и Весекс, Проект архитект на Југозапад и Весекс, и на Национална награда за 2024 година, сите на Кралскиот институт на британските архитекти. Проектот е пример во доменот на домување, погодно за лицата со посебни потреби.  Решението овозможува беспрекорна интеграција на одличен дизајн и благосостојба преку трансформација на напуштена млекарница во Дорест во простор за заедницата, соби за изнајмување на туристи, и мало образовно стопанство.

Архитектот соработувал со Центарот за пристапни средини и разговарал со лицата со посебни потреби за подобро да ги разбере нивните потреби и желби. Зградите чувствително се поправени и локацијата станала пристапна прелу паметна реорганизација на пејзажното уредување, избегнувајќи ја потребата од очигледни рампи и огради.

Проектот исто така е дел од пошироката иницијатива за подобрување на биолошката разновидност и зајакнување на ангажманот на пошироката јавност со дивиот свет и земјоделството. Прекрасно испроектираната дворна градина обезбедува простори за гостите да седат надвор, изолирани еден од друг со расцутени дрвја, грмушки и други растенија.  Корисниците се едногласни во своите коментари дека посетата на Врексел Јард е емотивно искуство.

И во годинашната најтесна селекција на проекти за Стирлинговата награда на Кралскиот институт на британските архитекти доминираат проекти од престолнината Лондон, како по својот обем, така и по своето значење како во рамките на градот така и пошироко.  Се разбира тука спаѓаат проектите на Линијата Елизабет, урбанистичкиот проект на Кингс Крос и Националната галерија за портрети. Во рамките на селектираните проекти значително е присуството на Чоудхари Валк, како пример на исполна/„пломба“ во урбаното градско ткиво каде се прават обиди постоечките парцелите со стари гаражи и простори за неформално паркирање да се преупотребат во исклучително неопходните станбени објекти.  Прогласувањето на победникот на Стирлинговата награда приближно се совпадна и со објавата на Владата за распоред на средства низ градовите на Англија за изградба на станови на постоечки парцели со гаражи и простори за неформално паркирање. Втората фаза на Парк Хил е извонреден пример на тоа како да се модернизира и даде нов живот на исклучително значаен бруталистички објект од социјалното домување, додека Врексал Јард укажува како напуштените рурални објекти можат да се трансформираат на начин којшто не само што ќе им даде нов живот, туку ќе создаде и прекрасна средина за лицата со посебни потреби.

*Текстот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија

 

Испрати коментар

Scroll To Top