Проектот за реновирање под името Light House (Лесна куќа, но и Светилник) е изведен на хрватскиот остров Црес според филозофијата на словенечко биро OFIS Arhitekti дека зградите, како и луѓето, се интегриран дел од нивното опкружување.
Со оглед на оддалечената локација, која доведувала до единствени предизвици, особено во однос на испораката на градежни материјали, ограничувањата барале прагматичен пристап и секоја архитектонска интервенција внимателно е разгледувана.
Оваа контекстуална ситуација го обликувала дизајнот на скромна камена градба сместена на агол на плоштад во малото градче Црес, со внатрешни димензии од само три на три метри.
И покрај малата површина, куќата се состои од два ката и поткровје, каде при процесот на реновирање биле зачувани оригиналните камени ѕидови, додека внатрешноста е изведена во ново дрво.
Уникатно повеќенаменско парче мебел
Процесот на реновирање вклучувал отстранување на постојните галериски структури, ефективно издлабување на внатрешноста на Light House, додека камените ѕидови останале целосно недопрени.
Архитектите зазеле радикален пристап кон проектот, поставувајќи лесна дрвена структура во празната камена школка на објектот. Така, новата структура ја прави куќата функционална и делува, а и служи како уникатно повеќенаменско парче мебел.
Дизајнот е намерно едноставен, но прецизно изведен, со дрвени елементи изработени од летви со димензии 4х4 центиметри, кои се составени на лице место според прецизен план. Носивоста на конструкцијата ја обезбедуваат три рамки, кои ги носат и сите електрични инсталации, осветлување и прекинувачи.
Перфорираните плочи на галериите, направени од истите дрвени летви, создаваат ритмичка шема на полни и празни простори. Овие ппочи со дебелина од само 4 центиметри придонесуваат за ефикасно искористување на ограничениот простор, а во исто време го подобруваат амбиентот.
Интегрирани ниши скриени со завеси
Новиот прозорец, поставен на покривот, го осветлува целиот ентериер со сончева светлина, од поткровјето до приземјето, осветлувајќи го просторот и создавајќи динамична игра на светлина и сенки.
Со цел да се обезбеди приватност во толку проѕирно опкружување, на секој кат се интегрирани ниши скриени со завеси, кои можат да послужат како места за седење или спиење.
Проектот за ентериер предизвикал интеракција со заедницата
Архитектите ја организирале кујната и трпезаријата на приземје, додека дневната соба е на првиот кат, а спалната соба на вториот кат. Секој од катовите е опремен и со мала бања, едната со туш и мијалник, а другата со тоалет и мијалник.
За време на изградбата, монтажата на дрвената конструкција станала настан во заедницата, бидејќи мајсторите поставиле импровизирана работилница на плоштадот пред куќата.
Локацијата се претворила во место за собирање на локалните жители, кои се впуштале во комуникација со мајсторите, па дури успеале да издејствуваат и поправки за себе. Оваа интеракција помеѓу процесот на изградба и заедницата додала слој на општествено значење на проектот.
Од тимот на OFIS напоменуваат дека проектот е пример за принципот на „консензуална архитектура“, каде што архитектот дава усни упатства, а изведувачот ги интерпретира.
Овој пристап овозможува спонтаност, при што сите непредвидени „грешки“ стануваат составен дел од конечниот резултат, објаснуваат љубљанските архитекти за порталот Designboom.
Резултатот добиена е суптилна, но храбра интервенција во мирното градче Црес, кој му вдахна нов живот додека истовремено го чува неговото наследство.