Од општина Карпош информираат дека фонтаната на плоштадот во Влае е речиси готова, а во моментов се работи на хортикултурното и на партерното уредување. Како што објави „Нова Македонија“, aрхитектонското решение предвидува две партерни кружници, сплотени една во друга и поплочени со гранитни плочки, како и изведба на кружна фонтана за поубав урбан амбиент.
„Граѓаните на општина Карпош во летните месеци ќе можат да уживаат и да се ладат покрај фонтаната, која е речиси готова. Идејното решение е на архитектите Игор Василевски и Вангел Караиванов, кои работеа на целиот проект за плоштадот во Влае. Откако ќе се заврши хортикултурното и партерното уредувањето на плоштадот, следува поставување на урбана опрема, а осветлувањето е завршено и урбаните канделабри веќе го осветлуваат. Плоштадот во Влае е комплетно нов плоштад, кој досега не постоеше и е наменет за дружење на граѓаните во населбите Влае 1 и Влае 2. Дополнително ќе бидат изградени црква, детско игралиште и останати содржини“, велат од општината. Плоштадот е на површина од 6.500 квадратни метри, со зеленило и цвеќиња, патеки за пешаци, клупи за одмор, канти за отпадоци и со фонтана. Зелените површини се хортикултурно уредени со ниско и високо зеленило и со 10.000 цветни садници. Одржувањето на зеленилото ќе биде со системот „капка по капка“ и со автоматско полевање. Просторот е осветлен со 50 нови канделабри со современ дизајн и содржини од урбана опрема.